Германија поддржува прво почеток на преговори со ЕУ, па решавање на прашањето за името

Автор: Владимир Мирчески | пред 2 недели | In depth

Германија поддржува пристап во кој Македонија прво би ги почнала пристапните преговори со Европската унија, а прашањето за името би се решило во текот на тој процес. Ова го изјави германскиот амбасадор во Македонија, Томас Герберих, во интервју за емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат-М.

Прашан што мисли за ставот на владата дека е подготвена да влезе во решавање на спорот со Грција, но дека бара поттик за такво нешто, на пример, во форма на отворање на пристапните преговори со ЕУ, па решавање на прашањето за името во рана фаза од тој процес, Герберих одговори:

-Минатите месеци и недели имаше интезивни разговори меѓу политичари од двете страни на ниво на министри за надворешни работи, на ниво на премиери, неодамна во вашиот град беше и градоначалникот на Солун и на таа средба се зборуваше за проблемот со името. Османи, исто така, разговараше со својот грчки колега, а медијаторот Нимиц заклучи дека наскоро гледа можност да се зборува за прашањето за името – во средина на декември ќе има дополнителни преговори. Во целина, билансот е многу добар. Мислам дека сега од двете страни ќе зависи да пријдат едни кон други, да се доближат и прво да се отвори процес што ќе ги надмине пречките за прием во НАТО и во ЕУ и на крајот на тој процесот да се решава прашањето за името. И на овој план ќе имате поддршка од Германија.

Амбасадор Герберих оцени и дека е можно „забрзување на процесот на приближување кон ЕУ и на почеток на преговорите“.

-За нас е многу важно да се видат реформи во судството, во администрацијата, во доброто владеење, во медиумите, слобода на печат, подобрување на работните  услови за новинарите и во областа на реформите на безбедносните служби. Тоа не беше само најавено туку беа и предложени конкретни закони. Само сакам да го споменам законот за заштита на сведоците, новиот закон за прислушување, законот за употреба на јазиците. Нема да стане збор само за усвојување на овие закони туку конкретно да бидат спроведени. Сигурен сум дека тоа ќе успее да се направи за краток рок. Имаме конкретна временска рамка која ни дозволува да кажеме - да, можно е да го забрзаме пристапување кон ЕУ и почетокот на пристапните преговори, рече амбасадорот на СР Германија во Македонија.