Иванов пред можни санкции од Брисел

Автор: Владимир Мирчески | на 3.2017 | In depth

Во пресрет на утрешната посета на еврокомесарот Хан и европратениците Вајгл, Кукан и Флекенштајн, од Брисел доаѓаат информации дека во Европската унија и се навратиле на можноста за воведување санкции. Кредибилен европски извор за „360 Степени“ вели дека се разгледува опција за таргетирани рестриктивни мерки, кои во прва фаза би го опфатиле само претседателот на државата Ѓорге Иванов. Санкциите не би имале никакви последици за граѓаните. Во Брисел на ова се гледа како на навраќање на прашањето кое веќе било разгледувано лани кога Иванов помилува 56 лица. Тој потоа ја промени одлуката, по што и немаше потреба од санкции. Со одбивањето да го даде мандатот на Зоран Заев, прашањето се реактуелизира.

Пред доаѓањето во Скопје, европратеникот Едуард Кукан откри интересни детали од разговорите што неодамна ги водел со министерот за надворешни работи Никола Попоски. Во интервју за емисијата „Европски патокази“, емитувана изминатиот викенд, Кукан вели дека членот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ Попоски му рекол оти има уставна опција за формирање влада дури и ако Иванов не му го даде мандатот на Заев. Еве го тој дел од интервјуто на Кукан, кој е инаку европратеник од десничарската Европска народна партија, сестринска опција на ВМРО-ДПМНЕ.

„Јас исто така разговарав со нашите колеги од ВМРО и тие ми кажаа дека има друга можност за формирање влада без претседателот. Собранието заседава, работи и ако некој побара почеток на собраниска седница, што е можно и ако на таа седница некој предложи спикер или премиер, тие тоа можат да го сторат. Јас разбрав од мнинистерот за надворешни работи Попоски има две можности и дека ова е една од тие можности...“ – изјави членот на ЕП Едуард Кукан.

На барање на амбасадорот на Македонија при НАТО, Зоран Дабиќ, во петокот во Брисел се одржал состанок со дипломатски претставници на сите земји-членки на Алијансата. Дипломатските извори на „360 Степени“ велат дека амбасадорот Дабиќ ја иницирал средбата за да ги брифира земјите-членки за актуелната политичка состојба во земјава и дека притоа ги користел тезите што секојдневно ги изнесува ВМРО-ДПМНЕ. Нашиот извор го опишува состанокот како – „тажен ден за аспирациите на Македонија да стане членка во НАТО“ и „најлош состанок во поновата историја на Алијансата“.

Официјален претставник на НАТО ја потврди средбата, цитирам: „Комитетот на заменици-амбасадори во петокот се сретна со амбасадорот на ПЈР Македонија во рамките на регуларен партнерски работен состанок. НАТО јавно не ја дебатира содржината на работните состаноци. Што се однесува до актуелната политичка состојба, НАТО го кажа ставот преку изјавата на генералниот скретар Столтенберг на 26 февруари“. Во таа изјава, првиот човек на НАТО констатираше дека се собрани доволен број потписи за Иванов да го додели мандатот за составување влада на претставник на мнозинството.

Финска, земја-членка на Европската унија и прв сосед на Русија, годинава одбележува сто години независност и демократија. Со финскиот амбасадор, Перти Иконен, кој Македонија ја покрива од Белград, разговарав за некои од актуелните политички теми.

„Во Финска имаме силна демократска традиција и секако дека е загрижувачки да се види во некои земји парламентот не функционира, а парламентот е клучен елемент на која било демократија. Сета дискусија треба да се одвива во парламентот“ – вели Иконен.

Гледате ли излез од оваа политичка криза во Македонија која три месеци по изборите нема избрано влада?

„Секако, одблиску ја следиме ситуацијата особено преку делегацијата на ЕУ во Скопје и сигурен сум дека г-динот Хан утре ќе има порака за состојбата, но како што реков нормалниот парламентаризам би требало да биде клучот за ваквата ситуација“ – вели Иконен.

Ја споменавте ЕУ, мислите ли дека има потреба од поробустно дипломатско присуство на Унијата во Македонија со цел да се спречи натамошно влошување на состојбата?

„Многу од овие теми се внатрешни прашања, ние сме лица од надвор. Вие самите треба да решите дали ќе ги слушате нашите совети, советите на ЕУ. Мислам дека веќе и бездруго има многу совети и сега е време овдешните политичари, парламентарците да почнат да делуваат“ – рече амбасадорот Иконен.

Улогата на Русија овде во Македонија, но и општо во регионот. Верувам дека  ви имате повеќе искуство имајќи во предвид дека Русија е прв сосед на Финска.

„Тешко е да се каже кои се целите на Русија. Не сум видел какви било стратешки документи на Москва, или пак кои се целите на Русија во регионот.  Но, она што го знам е кон што цели ЕУ. Тука сме за овие земји од регионот да ги направиме дел од Европа. Така што, ЕУ не е против ништо, туку е со отворени раце. Секако, треба да видиме напредок, владеење на правото, почитување на човековите права како стандард што е дел од земјите-членки на ЕУ.  Би рекол дека треба повеќе да зборуваме за ЕУ, а помалку за Русија“ – одговори финскиот амбасадор.

Кои се финските искуства со двојазичноста? Во Вашата земја и шведскиот јазик е официјален јазик.

„Да, имаме два официјални јазика и во Финска околу 6 проценти од населението зборува шведски. Има голема историска позадина зашто 800 години Финска била дел од шведското царство. Да, има закон што им овозможува на граѓаните кои зборуваат шведски јазик да им се обраќаат на јавните служби и институции на нивниот јазик, исто така постојат и училишта на шведски јазик, дури и универзитети на кои се предава на шведски јазик. Таков двојазичен систем имаме во Финска“ – изјави амбасадорот Иконен.