Џафери: Не сум чувар за да знам дали со 1 кола доаѓаат 4 пратеници, не сум надлежен за злоупотреби

пред 10 месеци | Дебати

Во интервју за „360 Степени“, претседателот на Собранието, Талат Џафери, зборуваше за реакциите на јавноста во врска со патните трошоци кои ги добиваат пратениците.

- Просторот за сомневања за злоупотреби се надминува со соодветниот надзор кој го направи секоја надлежна институција.

Добро, има ли простор да се размислува за промена? Бидејќи видовме огромни суми.

- Секогаш има простор бидејќи законите кои се усвоени и кои се на сила, не се закони кои не може да се менуваат, но...

Во која насока Вие би ја движеле алтернативата?

- Алтернативата за мене е алтернатива која обезбедува сигурно функционирање на Парламентот и обезбедува доаѓање и заминување на пратениците во времето кога тие се потребни. Бидејќи според Уставот, Собранието е во постојано заседание. Без прекин. Не може да има други алтернативи како што имаат другите институции со определен временски рок, од 8 до 16 часот е на работа, има транспорт за одење и си оди со друг транспорт. Ова не го дозволува начинот на функционирање на Парламентот, според Уставот. И не е прашање дека е извршна власт, што денес има потреба да биде, утре не. Прашањето е дека Парламентот е претставник на граѓанинот, во Парламентот се граѓаните а не пратениците. Пратениците да, како назначени од народот кој ги гласал...

Ама тоа не треба да се злоупотребува.

- Ако има елементи на злоупотреба, не е прашање кое може да се разгледа од Парламентот, тоа треба да го разгледат другите институции.

Вие можете да иницирате промени кои ќе го намалат просторот за злоупотреба.

- Една работа е иницијативата за измени, друго е истражувањето на можната злоупотреба. Парламентот како секоја друга институција, подлегнал на контрола на Државната ревизија...

Добро, јас ве разбирам, но видете - ако имате патен налог, ако имате фискални сметки од патарини, нормално дека мора да му се исплати, но тоа не значи дека нема злоупотреби.

- Тоа е процедураата.

Дали ќе иницирате промени?

- Ако има злоупотреба, тоа не е надлежност на Парламентот. Врз што констатирате дека има злоупотреби? Тоа е суштината на дебатата. Кој има надлежности за тоа?

Но, Вие знаете, господине Џафери, дека со една кола доаѓаат четворица, а сите наплаќаат патни трошоци.

- Кој сум јас да го знам тоа, јас не сум чувар.

Не велам дека сте тој што треба да ги казни за тоа, но треба да иницирате евентуално промена.

- Јас не сум тој што треба да внимавам дали одат со едно или пет возила. Има други институции кои се занимаваат со тоа. Ако има таков случај, институцијата која се занимава со тоа, треба да го извести Собранието. За тоа известување, ако Собранието извршило исплата, за известувањата за можната злоупотреба, тогаш Парламентот има одговорност за тоа. Начините дали има можност за нова алтернатива за разгледување, да, и во Парламентот има посебен оддел, парламентарен институт, каде според референците се лица со академска способност во смисла на предакадемски подготовки и ќе имаат за задача да направат компаративна анализа на сите можности како решенија.