Габер-Дамјановска: Членот 11 не постои и Иванов не може да помилува ниту сега, ниту во иднина

пред една недела | Дебати

Во интервју за „360 Степени“, поранешната судијка во Уставниот суд, Наташа Габер-Дамјановска, зборуваше за помилувањата донесени од претседателот Ѓорге Иванов и членот 11 од Законот за помилување на кој се повика тој.

- Основниот текст на законот е изгласан во 1993 година и таму го има тој член 11 на кој се повикаа двајца претседатели, Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, па во 2009 година беа донесени измени со кои беше избришан членот, а беа додадени и 4 кривични дела кои не можат да бидат предмет на помилување. Потоа со иницијатива од охридски адвокат се побара укинување на сите измени и дополнувања од 2009. Тоа беше сторено од Уставниот суд, по што се веруваше дека ако се укинат сите измени и дополнувања, се враќаме на претходната состојба, од 1993, во која членот постои. Но тоа така не може да биде. Уставниот суд веќе има неколку такви примери во својата пракса, во која експлицитно кажува дека еднаш избришана одредба не може да ја врати Уставниот суд во поредок, туку единствено кое може е Собранието - рече Габер-Дамјановска.

Таа потенцираше дека одлуката на Уставниот суд е укинувачка, а не поништувачка. 

- Тоа значи дека Уставниот суд со тоа што укинува, прифаќа дека одредбите нема да постојат во правниот поредок од моментот на укинувањето и во иднина, а не од самиот момент кога таа одредба е креирана. Тоа би било поништување. Тоа значи дека од 2009 па се до 2016 година кога е направено укинувањето, член 11 не постоел во правниот поредок и со самото укинување Уставниот суд прифаќа дека тој период постои, во којшто таа одредба воопшто не постои во правниот поредок. И така и ќе продолжи да биде - рече Габер-Дамјановска.

Ако Иванов сега во еден момент реши да помилува некого и се повика на член 11 од Законот за помилување. Што тогаш?

- Се повикува залудно, затоа што тоа е непостоечка одредба - рече Габер-Дамјановска.