УНЕСКО – последната одбрана на Охрид?!

Автор: Славица Филиповска | пред еден месец | In depth

Сите овие природни феномени, на кои ниту науката не може да им ја определи староста, се причина што Охрид и Охридското езеро се на престижната листа на УНЕСКО како заштитено светско природно наследство. Но, тоа како ништо да не им значи на луѓето кои, особено последнава деценија, речиси безмилосно посегнаа по оваа единствена убавина.

Трајче Талевски, доктор на биолошки науки и дел од тимот на Хидробиолошкиот завод во Охрид со години гласно говори против, како што вели мегаломанските проекти што претходната власт ги планирала во Охрид. Сега бара цврсти гаранции дека новата влада ќе стави мораториум, но и поригорозни законски решенија кои еднаш засекогаш ќе стават крај за секој што ќе науми дa ги комерцијализира природните убавини.

„Tребаше тука да се изгради медитеранска плажа, во Лагадин. Затоа се овие палми донесени, да заличиме на медитеран, да менуваме амбиент. Езеро кое е на 700 метри надморска висина да го направиме море. Мислам тоа се малце нелогични работи кои сакаа и се уште можеби сакаат да му ги направат на Охрид.“, вели Талевски.

А што се планираше? Активистите ја обвинуваа власта на Груевски дека имала намера да го пресуши Студенчишкото Блато за изградба на елитна населба со марина покрај самото крајбрежје на Охридското езеро, да ја исече трската кај Лагадин заради изградба на бетонска платформа со медитеранска песочна плажа, да промени законската заштита на изворите кај Свети Наум од највисок на најнизок степен заради изградба на огромен туристички комплекс на индискиот бизнисмен Субрата Рој, од Љубаништа до изворите на Свети Наум. Да се уништат 300 хектари заштитено подрачје на Националниот парк Галичица заради изградба на магистрален пат, како и ново зонирање на 530 хектари низ планината за изградба на ски центар, голем хотел и викенд населба.

За дел од плановите се појавија и идејни решенија, а во медиумските архиви останаа снимките од свечените и срдечни пречекувања на бизнисменот Субрата Рој во Охрид. Сега тој е во затвор поради финансиски криминал во Индија, а од неговите идеи за туристички зони во Охрид велат за среќа, денеска  нема ниту трага.

Од сите најави за инвестиции на Субрата Рој во Охрид остана само оваа табла на неговата компанија пред хотелот Славија. Компанијата Сахара Груп се уште фигурира како сопственик на хотелот но, и покрај најавите за негова обнова овој објект моментално е под клуч.

Професорот Талевски е револтиран што научната јавност молчела, додека претходната власт се мерачела Охрид да го забетонира со еколошко погубни проекти. На пример, Студенчишкото блато има тресет кој тоне, па така ако се изградат тешки објекти како планираните хациенди, тие може да тонат.

„Студенчишкото блато претставува и место каде што се мрестат, живеат, растат и се развиваат голем број на животински видови.Во него виреат голем број на растителни видови кои успеваат да ги извлечат сите оние штетни материи коишто влегуваат во него и преку продукција на растителната биомаса успеваат да се извлечат тешки метали и пестициди и фекални бактерии и сето она што доколку не постои ова директно би се влеале во Охридското езеро и би претставувало опасност за водата.“, појаснува тој.

Со градење на експресен автопат би се погазил Законот за национални паркови. Туристички зони во крајбрежното подрачје би загрозиле уникатни видови од живиот свет во езерото. Најстрашна, вели Талевски, била идејата за ски-центар на Галичица каде поради се помалите врнежи на снег, би се произведувал вештачки.

„Се предвидуваше во таа втора зона на заштита, каде што не смее ништо да се гради, се предвидуваше да се градат хотели, да се градат тие скијачки центри, се предвидуваше да се градат некои други придружни објекти како што е да речеме  гондолата, седешниците, сето тоа е интервенција во природа. За да биде проблемот уште поголем немаше никакво решение за колекторски систем, односно за одведување на тие комунални отпадни води од тие хотели и сето тоа требаше да се влева во езеро бидејќи таков каков што е во моментов колекторскиот систем на Охридско езеро не функционира.“, додава Талевски.

Додека едни проекти никогаш не ја видоа светлината на денот, за други имало и работна верзија. На владина седница во 2013-тата година, Националниот парк е задолжен да ја симне заштитата скоро на половина парк. Идејата на Груевски за изградба на експресен пат добила поддршка и во парламентот од тогаш опозициската СДСМ, но не се реализирала, бидејќи не била направена студија за влијание на проектот врз животната средина.

За среќа, овие планови останале само на идеи, вели поранешниот советник во општина Охрид од ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Пановски.

„Идеите кои што стигнуваа за развојни зони или други интервенции во контекс на некаков економски развој доаѓаа најмногу од централно ниво и сите тие идеи медитеранска плажа околу Студенчишко Блато, марини доаѓаа веќе како подготвени идеи и граѓаните на Охрид прилично доцна ги дознаваа како идеи. Единствена идеја за која што разговаравме на Совет на општина беше како информација, не како нешто конкретно, за т.н. урбанизација на Студенчишкото Блато и тука сосема настапивме дека Студенчишкото блато, односно остатокот неколку хектари жив организам мора да се сочува.“, раскажува Пановски.

Мисија на УНЕСКО во април изврши мониторинг и во својот Извештај заклучи дека ако поголемите инфрастуктурни и градежни проекти се реализираат ќе нанесат неповратни промени во заштитеното подрачје. Затоа се препорачува да не се менуваат зоните на Националниот парк и  да се стопира изградбата на ски центар и експресен пат.

„Наодите на мисијата укажуваат дека целокупната состојба на зачуваност може да се смета за ранлива и ако приоритетните препораки не се спроведат во рамки на препорачаниот рок од две години (т.е. до 2019 година), подрачјето може да ги исполни критериумите за впишување на Листата на светско наследство во опасност.“, нотира Комитетот за светско наследство.

Комитетот го усвои извештајот на Мисијата на УНЕСКО во јули годинава и даде итна препорака до 1 декември 2018 да се достави ажуриран Извештај за состојбата на зачуваност на подрачјето и за тоа дали препораките се имплементирани.  Се бара сеопфатна анализа за влијанието на проектите врз животната средина, но и запирање на експресниот пат и ски центарот на Галичица.

Јасната порака од УНЕСКО ги „крена на нозе“ невладините организации. Александра Бујаровска од еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42 ги прашала надлежните до каде е реализацијата на туристичките развојни зони во Охрид и Охридско. Од општината ја препратиле за одговор во министерствата за транспорт и врски и за животна средина, како надлежни за проектите. Министерствата пак со потпис на новата владина гарнитура одговорилe дека не знаат. За промената на зонирањето на Националниот парк испратена е преставка и до Уставниот суд. Од новиот состав на парламентот пак, побарале мораториум на сите проекти и имплементација на Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион.

„Се формираше една група од пратеници која си зеде за обврска дека првата одлука која ќе ја донесат и Парламентот и Владата ќе биде мораториум на овие штетни проекти и дека ќе спроведат надзорна расправа  за управување на Охридскиот регион и кои би биле следните чекор кои што треба да се преземат во насока на соодветно управување. За жал, таква одлука за мораториум  се уште не е донесена.“, вели Бујаровска.

Пратеникот Томислав Тунтев од СДСМ, кој е член и на неформалната пратеничка група „Пријатели на Охрид под УНЕСКО“, изјави дека ќе се направи ревизија на проектите, за нивниот импакт врз животната средина. Со оглед на тоа што ревизија е различно од мораториум, го прашавме дали новата власт планира да стави крај на експанзијата во Охридскиот регион, особено што и новиот градоначалник  Јован Стојановски ја поддржува изградбата за експресен пат.

„За оние проекти за кои постои основна документација, ќе си се организира јавна расправа, ќе бидат во нацрт, сите релевантни фактори ќе учествуваат и нормално ќе бидат земени во предвид сите релевантни извештаи за влијанието на тие проекти врз животната средина.“, вели Тунтев.

На прашањето дали постои опасност власта да попушти, Тунтев одговори:

„Кои било од тие проекти што беа наведени како причина за тоа предупредување од УНЕСКО  всушност се ад акта, односно вон реализација, така што Република Македонија навреме ќе ја исполни својата домашна работа околу тоа прашање. Јас стојам на ставот дека патната инфраструктура е неопходна, меѓутоа тоа не значи нов пат, тоа не значи експресен пат,  тоа значи реконструкција на постоечкиот пат. Тоа значи на одредени делови нова делница, без никакво резонирање, нзачи повторно зонирање ан националниот парк Галичица. Значи, патишта да, инфраструктура да, меѓутоа никако во коализија со основните аспекти на заштитата на природното наследство.“

Освен што ја нема одлуката за мораториум, што била ветена пред невладините организации, деновиве јавноста беше дополнително затечена од средбата на новиот градоначалник со шеикот од Катар Ал Тани. Посетата на шеикот  од Катар беше поистоветена со некогашните посети на Субрата Рој, но градоначалникот објаснува:

„Ние ниту сме разговарале со него лично за одредени инвестиции, ниту сме разговарале за развој на Охрид, бидејќи тоа беше мој прв работен ден. Човекот беше протоколарно дојден и се интересираше за одредени можности, за купување на имот и за инвестиции во Охрид.“ вели новиот градоначалник на Охрид, Јован Стојаноски.

Власта најавува законско прецизирање и усвојување на Планот за управување со Охридскиот регион, но бара време.

Времето е веќе прецизирано како и насоките што треба да се направи.

„Светски подрачја во опасност вообичаено се ставаат доколку имате некоја природна непогода, или во земји кадешто имате воен конфликт, како што сега беш во Сирија и уништувањето на светското подрачје таму, епа сега...“, смета Бујаровска.

„Не може Охрид да го гледаме само преку бетонски објекти, само преку згради и да мислиме дека тоа ќе го направи Охрид поатрактивен за туристи. Не, туристите особено оние што доаѓаат од Европа, сакаат да се вратат во природа. “, апелира Талевски.