Соња Стаменкова – од „Мој термин“ до „отворена општина за сите“ во Македонска Каменица

Автор: Славица Филиповска | пред 8 месеци | In depth

Сите што не веруваа дека кандидат на СДСМ може да ја добие локалната власт во Македонска Каменица очигледно не ја запознале медицинската сестра Соња.

„Јас сум Соња Стаменкова. Медицинска сестра, дипломиран психолог, родена сум овде, овде израснав, горда мајка, борец и иден градоначалник на Општина Каменица.  Македонска Каменица се надмина.“, вели новата градоначалничка.

Од дете пораснато во работничко семејство на татко рудар и мајка домаќинка, Соња успева да завеши средно медицинско училиште, а пред пет години и да дипломира психологија. Темпераментниот карактер е главна одлика на оваа одлучна жена.

„„Четири изборни круга сум активна и не ми се одрази тоа во односот со пациентите од било која политичка провениенција. Сметам дека баш тоа што бев во контакт со луѓето толку години, многу ми помогна во кампањата.“, ни раскажа Соња.

Соња има 50 години, но желба и е Македонска Каменица да ја направи општина на млади. Токму младите вели дека и биле најголемата поддршка и фокус во политичката кампања.

Поради неможноста за просперитет во родниот крај, поголемиот дел од младите ја бодреле или од главниот град или од туѓина, преку социјалните мрежи.

„ Ја почнав кампањата само со еден страв. Дали младите ќе видат некој кој ќе им обезбеди перспектива овде во Македонска Каменица.Горица, млада мајка. Македонка, млада. Дечките тука пишуваат. Постарите ми се јавуваат, помладите ми пишуваат.Дел од нив не се тука, дел од нив завршиле студии па нашле вработување во поголемите градови од државата, дел од нив заминаа надвор, така што тоа е единствениот начин да комуницираме.“, ни рече градоначалничката додека на Фејсбук комуницираше со своите сограѓани.

Таа има идеја како дел од нив да ги врати.

„Да ги поттикнеме младите луѓе кои имаат оргинални бизнис идеи да ги реализираат овде, со можност да се прошират, со тоа што нефинансиската помош ќе биде дадена од општината.  Тоа е како интеграција во еден бизнис центар којшто ќе нуди помош на сите и постоечките бизниси и нови бизниси коишто ќе ги отвораат младите луѓе, затоа што луѓето имаат идеи меѓутоа можеби не се правно или економски потковани, па ќе им треба таква помош така да ќе се фокусираме и на поддршка на малите и средни претпријатија и на отворање барем на два помали погони кои ќе понудат решавање на невработеноста.“, смета Стаменкова.

Последната поддршка дошла од најмладиот член дома. Ќерката Кристина се уште не може да сфати како нејзината самохрана мајка одеднаш стана толку популарна меѓу младите.

„Пред се ја сум најгорда ќерка што имам мајка херој, мајка борец, мајка - ѕвер. Бев против затоа што не е лесно да се биде градоначалник, целиот терет паѓа на нејзе.“, смета Кристина Стаменкова.

Прашавме и отспротива, како соседката Соња ќе се снајде во општината.

„Комшиката ако не ја биваше, немаше да ја гласаме ние. Она е одлична.“, ни рече првиот сосед на Соња.

Честитките кон новата градоначалничка не стивнуваат на ниту една улица по патот од дома до нејзиното досегашно работно место. Од осумте илјади жители, колку што има градот со околните села, голем број имале непосреден контакт со медицинската сестра Соња во изминатите 30 години.

„Како вработена во здравството и практикувањето на ‘Мој термин’, не би сакала да го практикувам мојот термин во општината. Ветивме отворена општина, општина за сите и таква ќе останеме. Општината е сервис на граѓаните, а јас како репрезент на општината сум на располагање на граѓаните.“, рече Соња која заедно со екипата на 360 Степени, влезе во поликлиниката да се збогува со колегите.

Големи  очекувања од неа има и  досегашниот шеф, доктор Драги Стојковски.

„Човек за пример. Се случувало да работиме цел ден со нашите пациенти, ноќната смена да ја продолжиме за сите пациенти на градчето, да патуваме со тешко болен до Скопје и назад и да продолжуваме наредниот ден да ја водиме нашата прва, па понекогаш и втора смена. Очекувам да работи, како што работеше и кај нас, да ги третира поеднакво сите граѓани на општина Македонска  Каменица од најмал до најстар.“, вели Стојковски, од поликлиниката „Фемили Медика“.

Македонска Каменица го добила името по Каменичка река, која тече во камено корито. Во градот тешко е да се чуе детски џагор, а важи и за место во кое каква било промена не се случува лесно. Интересно е што на последните локални избори на спротивставените страни се најдоа роднини, односно втори братучеди. Од самото создавање на општина Македонска Каменица, односно уште пред дваесетина години, кандидатите за градоначалници на социјалдемократите никогаш не успеаа да обезбедат победа во ова место. Промената на последните локални избори ја донесе нивната  кандидатка Соња Стаменкова, која ќе биде и прва жена градоначалник во цела Источна Македонија.

Местото е познато и како рударски град, поради непосредната близина на познатиот рудник Саса. Тој е меѓу ретиките опции за егзистенција на каменичани. Во приквечерието на работниот ден ги прашавме и рударите - каков е нивниот став за политичките промени и што би очекувале.

Што очекувате од новата градоначалничка?

„Работа.“, ни рече еден од рударите.

Останатите премолчеа, а во молк и темнина потона и градот. Ќе биде потребна рударски напорна работа за да се појави светлина на крајот на тунелот во Каменица.