Здравеска: На пушачите им треба помош за лекување од зависноста, а не овозможување каде да пушат

пред еден месец | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, Д-р. Марија Здравеска, пулмолог од Македонското респираторно здружение, зборуваше за предложените измени на Законот за заштита од пушење.

- Веројатно единствена која би имала корист од овој закон е тутунската индустрија, единствената индустрија во светот која ги убива своите најверни потрошувачи. Само тие можат да имаат некаква корист од сите вакви либерализации на вакви закони за пушење. Оваа влада вели дека се грижи за здравјето на луѓето, и многу сум среќна дека тоа го слушам. И исто, за интересите на сите граѓани, претпоставувајќи дека интересите на пушачите се да имаат место каде да пушат удобно и да ја упразнуваат својата навика. Но, мислам дека заборавиле дека во суштина ниту во интерес на самите пушачи и на нивното здравје не е да им се овозможи да продолжат да пушат. Доколку нашата држава се грижи за пушачите и потенцијалните пушачи (младите луѓе и адолесцентите), мислам дека треба да согледа еден единствен факт, којшто и Светската здравствена организација и медицинската наука го знае дека е факт. Тоа е дека употребата на тутунот и никотинските призводи се зависност. Се работи за болест. Луѓето коишто пушат се болни луѓе коишто многу повеќе корист имаат од активностите на државата доколку им помогне да се излекуваат од својата зависност, отколку да им овозможи места во коишто ќе може да уживаат во својата зависност. Така што, мислам дека целокупната идеја за либерализација на закони за пушење е депласирана од идејата за подобрување на здравјето и интересите на луѓето - рече Здравеска.