Битката на ДУИ и АА за Струга и Гостивар ги надминува овие градови. Што ќе донесе вториот круг

Автор: Зоран Јованоски | на 10.2017 | In depth

Битката на Зијадин Села од Алијансата за Албанците и Рамиз Мерко од ДУИ ги надминува границите на Струга, бидејќи освен што ќе пресуди кој ќе седи во градоначалничката, можно е да одреди и дали некој ќе стане од фотелјата во Владата. 

Партнерите од Илинденска број 2 одбраа различни страни за локалните избори, а Струга е една од општините во кои најдиректно им се вкрстуваат интересите.

„Верувам дека членството на СДСМ ќе не поддржи зашто имаме  претходен договор за овие локални избори. Многу добро знаете дека во многу општини ДУИ ја поддржа СДСМ и СДСМ во многу општини во кои ДУИ има свои кандидати ги поддржа во првиот круг. Овој договор постои и за вториот круг“, изјави Рамиз Мерко – кандидат за градоначалник на о. Струга од ДУИ.

„Со Беса имаме најавено меѓусебна соработка во вториот круг. На крајот на краиштата тоа беше волјата на граѓаните во првиот круг. Нашата соработка со Беса ќе биде од Липково до Струга“, рече Зијадин Села – кандидат за градоначалник на о. Струга од Алијанса на Албанците.

Во првиот круг најмногу гласови, околу 9300 освои Зијадин Села, а Рамиз Мерко го поддржаа 1400 стружани помалку, вкупно 7900. Но, ако СДСМ, чиј кандидат во првиот круг освои 7140 гласа, реши да ги мотивира своите гласачи да го поддржат Мерко, кандидатот на ДУИ во вториот круг би можел и да ги дуплира гласовите. Шанса за Села да остане конкурентен се 1060-те гласачи кои го поддржаа кандиатот на БЕСА во првиот круг, како и 4150 гласачи кои отидоа за кандитот на ВМРО ДПМНЕ. Бројките покажуваат дека одлучувачки во вториот круг се околу 11000 гласови на Македонците во општината.

360 Степени: Македонското гласачко тело е една солидна бројка и во Струга. Вие имавте изјави кои може да се толкуваат како навредливи за македонците. Како мислите дека ќе ги привлечете тие гласови?

„Жал ми е што и новинарите се дел од една кампања предводена од ВМРО ДПМНЕ против мене за време на политичката криза пред да се формира новата влада. Станува збор за злоупотреба и искористивање на една кампања против мене. Моите изјави се вадеа од контекст за да ме оцрнат мене пред македонците“, тврди Села. 

Во потрагата по дополнителна поддршка без свој багаж не е и Рамиз Мерко. Како поранешен градоначалник, во неколку наврати беше во фокусот на јавноста, не само поради добри причини. 

Стружани се свесни дека партиската боја ќе биде важна како ќе гласаат в недела, но велат и дека ниту еден лидер не ги носи гласовите в џеб. 

„Тоа не е предвидливо. Ова ќе биде „фајтерска“ борба на двајца рамноправни противници, така е моето размислување.“

„Тука прашање е како се направени партиските договори. Но, не се знае како ќе постапи народот.“

„Немам толку познавања од политика, но, како што реков, се надевам дека ќе ја остварат целта. Кој ќе ја однесе победата знаат само тие.“

„За ова не знаеме. Тоа е под знак прашалник и се е во рацете на граѓаните на Струга. Не знам, немам одговор“, рекоа жителите на Струга со кои поразговаравме.

А, можеби најинтересна ќе биде битката во Лабуништа, каде жиеат над 10 илјади жители. Дел се Албанци, дел Македонци муслимани. Етничкиот и верски состав, како и големиот број ги прави најголемото “ловиште” за гласови пред вториот круг. 

„Јас лично, како македонски муслиман, предлагам македонскиот народ, ако излезе на гласање, да одлучи за подобриот и нека победи подобриот. Нека видат години наназад кој што има направено за ова село и за оваа општина.“

„Сите ветуваат, а никој ништо не исполни.“

„Овде се гласа исклучиво по своја волја. Како што им кажува разумот, така ги даваат гласовите. Сите се партиски определени.“

„Не можам да ви кажам вака во јавност, а од прилика се знае каде ќе одат гласовите. Жителите на селово беа поделени, во првиот круг, но сега за вториот ќе има здружување“, велат жители на Лабуништа.   

Покрај во Струга и во Гостивар за градоначалнички мандат се борат кандидати на Алијанса за Албанците и на ДУИ. Еве какви се таму политичките калкулации и која партија чии гласови очекува во вториот круг од локалните избори.

Кандидатот на ДУИ Невзат Бејта во првиот круг освои 12 100 гласа. Во нив се вклучени и дел од гласовите на СДСМ, кои не предложија кандидат за градоначалник. Кандидатот на Алијанса на Албанците Арбен Таравари доби 11 600 гласа, што е само 500-тини помалку од Бејта, но е 5000 над партиската листа на Алијансата. Договорот со БЕСА би требало да значи потенцијал од околу 3 илјади гласа плус за него, иако партнерствата на централно не значи дека доследно ќе функцинираат секаде и на локално ниво. Во Гостивар има и неколку илјади гласови на Турците, поделени во две партии. Бејта калкулира со гласовите на останатите партии на Албанците во општината и со директната поддршка што ја доби од премиерот Зоран Заев.

„Ние ја поддржуваме визијата на премиерот за иднината на нашата држава“, порача Невзат Бејта – кандидат за градоначалник на о. Гостивар од ДУИ.

„Знаете дека од другата страна имаме противкандидат кој е министер во мојата Влада. Знам дека не му е по волја кандидатурата на доктор Арбен. Мене ми е тоа јасно. Затоа, јас предлагам во Гостивар да постигнеме договор, ајде сите да си ја гледаме нашата работа, јас да бидам премиер, докторот да си го гледа здравството, а Невзат да си ја гледа општината“, изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев. 

Дали ВМРО ДПМНЕ јавно или тајно ќе даде поддршка на некој од кандидатите во Гостивар, останува во сферата на шпекулациите, особено ако се има предвид дека нивната кандидатка Дафина Стојаноска имаше илјада гласови помалку од листата на ВМРО ДПМНЕ во првиот круг.

Арбен Таравари е свесен за калкулациите. За одлуката на СДСМ да го поддржи Бејта, мисли дека нивните гласачи нема да бидат толку дисциплинирани за да направат пресудна разлика. 

„СДСМ првенствено требаше да остане индиферентна. Јас тоа го побарав и од премиерот Заев, да има индиферентен пристап во Гостивар, Струга и на други места каде што имаме кандидати, но за жал тоа не се случи. Не ни беше кажано дека СДСМ има некаков договор со ДУИ за да не излезе со свои кандидати во Гостивар, Тетово и Чаир. Никогаш овие 27 години не се случило СДСМ да нема свој кандидат во првиот круг. Ако СДСМ имаше кандидат во првиот круг, разликата меѓу мене и господинот Бејта ќе беше околу 2000 гласови“, изјави Арбен Таравари – кандидат за градоначалник на о. Гостивар од Алијанса за Албанците.

Поради ова, за Алијансата за Албанците е оправдано партнерството со опозициски субјекти.

360 Степени: Дали коалицирањето со Беса е ризик за останување во Влада?

„Апсолутно не. Ние започнавме да соработуваме со движењето Беса зашто сметаме дека треба да се поддржуваме и тука нема ништо лошо. Ако се има в предвид дека движењето Беса беше кандидат за реформската Влада, ние само продолжуваме да мислиме дека тие повторно треба да бидат дел од Владата во иднина, така што ова ништо не менува во владините работи“, вели Таравари. 

Гостиварци ги знаат математиките на политичарите. Но, сите не мислат дека така ќе биде и на денот на гласањето. 

„Без разлика што велат лидерите на партиите, гласачите ќе гласаат по свое.“

„Одлучувачки ќе бидат неутралните гласови и гласовите од македонските партии, зависи како се договориле.“

„Ако се напарви некоја коалиција меѓу партиите ќе има и промени во тој смисол, меѓутоа, повторно народот ќе одлучува. Зависи од партиите како ќе се организираат и договорат“, рекоа жители на Гостивар.  

Пред гласањето в недела, влогот за сите партии на Албанците е голем – ДУИ се бори да ја потврди доминацијата, а Алијанса за Албанците и БЕСА да останат релевантен фактор на политичката сцена.