Спасовски: Соработката на Алијансата со БЕСА е индиректна соработка и со ВМРО-ДПМНЕ

пред 9 месеци | Дебати

Во интервју за „360 Степени“, вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, ја критикуваше коалицијата меѓу Алијанса за Албанците и Движењето Беса во вториот круг на локалните избори.

- Договорите коишто се прават помеѓу БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ за меѓусебна поддршка...

Таков јавен договор нема.

- Па нема јавен договор, меѓутоа ако излезете било каде во општините каде имаме и прв и втор изборен круг, очигледна е поддршката којашто се дава на тие две политички партии.

Тоа БЕСА го демантира.

- Ок. Меѓутоа, јас сега моја оценка изнесувам. Тоа е многу веројатно дека е така, од мои лични контакти кои ги имам со луѓе. Ако БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ тоа го прават... а веројатно може една од причините е затоа што се двете опозициони партии, па меѓусебно ќе се поддржуваат... тоа значи дека директно се дава поддршка на криминалот на Груевски во изборниот процес. Ако е тоа така, од една страна, од друга страна имате потпишување на договор меѓу Алијанса за Албанците и БЕСА за меѓусебна соработка, тоа е индиректно соработка со Груевски и со ВМРО-ДПМНЕ. Знаете, во политиката се е можно да направите, така викаат барем, меѓутоа, мислам дека и во политиката мора да има одредени принципи коишто треба да се држат - рече Спасовски.

Запрашан за принципиелноста на коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ, Спасовски рече дека тоа не значи амнестија за било каков криминал. Тој рече и дека нема промена во владината коалиција и дека Алијансата за Албанците останува владин партнер.