Спасовски: Грујевски и Бошковски имале помош од Македонија, и парична и за фалсификуваните пасоши

пред 6 месеци | Дебати

Во интервју за „360 Степени“, вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговараше на прашања за фаќањето на бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски.

- Ова е една акција која што ја работевме регионално, вклучени се повеќе служби и сознанијата кои што ги имавме од претходно доведоа до успешна реализација на оваа акција. За нас како држава во овој момент е важно да се обезбеди правдата во Македонија за сите. Токму од тој аспект клучна задача и цел на МВР беше да ги вклучи сите можни капацитети, да ги лоцираме каде се, заеднички преку регионална соработка која што ја имаме да обезбедиме информации за нив - рече Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Спасовски не сакаше да открие детали за тоа дали Грција била нивна прва дестинација, но потврди дека биле на неколку локации во оваа соседна земја. Тој потврди дека тие имале помош од луѓе во Македонија.

- Тоа е клучната работа. Домашната логистика е клучната за целото нивно поминување надвор од територијата на Република Македонија. Ако немале домашна логистика, ако немале луѓе коишто ќе им даваат обезбедувања во однос на финансиски сретства и така натаму, дури и со тие нелегални патни исправи, тоа не можеле да го направат - рече Спасовски.

Илегално ја напуштиле Македонија?

- Тие ја напуштиле Македонија во одреден момент. Како ја напуштиле, тоа ќе дојдат моменти во кои ќе можеме да кажеме.

На источната, на западната, или на јужната граница?

- Тие беа во Солун.

А имале ли помош од други странски служби, да речеме? Интересно е ова дека сакале да патуваат за Будимпешта. Во Унгарија на власт е Виктор Орбан. Го видовме дваесетина дена претходно во Охрид како се среќава со Никола Груевски. Можеби ова некако така помалку голем филм, но...

- Видете, не сакам да шпекулирам во однос на било какви податоци и врски. Важна е за нас помошта која ја добивале од луѓе од внатре. Таа констатирана и многу извесна, и сега тука треба Обвинителството да работи сериозно и на овој сегмент - рече Спасовски.