Штерјев: Не смееме да ја ставиме главата во песок, треба политичка волја за иднината на СЈО

пред еден месец | Дебати

Во интервју за „360 Степени“, претседателот на Совет на јавни обвинители, Коле Штерјев, зборуваше за судбината и иднината на Специјалното јавно обвинителство.

- Тоа ќе мора да се направи на ниво на законско решение, да се втопи во составот на хиерархијата на обвинителската пирамида, и ќе треба да се размисли што и со Основното обвинителство за организиран криминал, дали и тоа обвинителство не треба да претрпи измена со оглед на тоа што во некои сензитивно-политички предмети како да не покажаа доволно сенс, ажурност и смисла за ургентност. Дали евентуално втопување на двете - рече Штерјев.

Запрашан за предистражните постапки кои ги води СЈО по поднесувањето обвиненија, Штерјев рече дека од легалистичка позиција, треба да се гледа да се овозможи девијантните појави во државата со прислушкувањето да имаат соодветна судска разрешница.

- Ако им се дадени 18 месеци да спроведуваат истраги и да покренат обвиненија, ако дел од тие предмети беа габаритни по обем, тогаш ќе признате дека тие луѓе не можеле се во тој краток рок да постигнат. Сега е прашање на политичка волја и носење на една одговорна одлука за тоа, дали ние смееме да си дозволиме како општество, да ја ставиме главата во песок и тие работи да останат таму. Јас мислам дека оваа држава има капацитет за да не го дозволи тоа. И политичките партии кои се најповикани во измената на Законот за СЈО да најдат решение, кое ќе биде оптимално и кое ќе овозможи соодветни и непречени услови, независно дали тоа ќе го решава ова обвинителство или обвинителството на кое основна работа му е да ги гони сторителите на кривични дела. Тоа не може да остане недоразгледано. Јас мислам дека тие луѓе сега имаат една страшна дилема. Тие дела не се застарени. И замислете, ако тие не постапуваат, дали не би навлегле во злоупотреби? Таму каде се и започнати истрагите, што правиме? Тоа прашање не е така едноставно. Тоа треба да се надмине со политичка волја, при што нема да се водиме од интересите, што со овој, што со оној, туку од интересите на јавноста. Чувството на правичност и правда е нешто што во крајна линија мора да биде задоволено - рече Штерјев.