Новинарот Зоран Јованоски од 360° добитник на наградата „Никола Младенов“

пред 12 месеци | In depth

Новинарот Зоран Јованоски кој е дел од истражувачкиот тим на емисијата „360 степени“ освои второ место на годинешниот конкурс на МИМ за новинарската награда „Никола Младенов“. Сторијата на Јованоски, насловена „Пеплиште на смртта“, ги открива застрашувачките последици по здравјето на луѓето и на животната средина предизвикани од работењето на термоцентралата Осломеј, во време кога државата најавува дека ќе го продолжи нејзиниот животен век.

Првонаградени се новинарите Миомир Серафиновиќ и Снежана Лупевска - Созен, за сторијата во која ги истражуваат околностите за мистериозната смрт на Коста Крпач, сведок на Специјалното обвинителство и едно од аболицираните лица од страна на претседателот. Во емисијата „КОД“ која се емитува на телевизија Телма, Серафиновиќ и Лупевска - Созен  обелоденија детали и моменти поврзани со трагичниот настан кои подоцна се потврдија во истрагата која сè уште трае, иако Јавното обвинителство процени дека станува збор за самоубиство.

Третото место го освои новинарката Ирена Мулачка од неделникот „Фокус“ за сторијата со скандалот на скопска гинекологија откако лекари вработени на Клиниката споделија со јавноста дека 80-тина новороденчиња починале за шест месеци во болницата.

Годинава жири-комисија одлучи да им додели пофалници за истакнат новинарски ангажман на новинарите Владо Апостолов за сториите „Дамки врз тендерот за чистење на Владата“, „Како жолтата зграда прерасна во неокласичен дворец“, „Гласачи живеат во Свети Николе, ама на скопски адреси“ и серијалот истражувања за „Имотот на Владимир Здравев“, објавени на интернет-порталот „Призма“, како и на Стојанка Митреска за сторијата „Печуркарата во Свети Николе мувлоса предвреме“, исто така, објавена на интернет-порталот „Призма“.

Оваа година, МИМ по 16-ти пат ја додели наградата за најдобра истражувачка сторија на годината, како дел од заложбите за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава.