Заменик министерот за правда, Ристовски: Контролата во Кривичен открила паралелен АКМИС

Автор: Васко Попетревски | пред 8 месеци | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, зборуваше за посетата на Комисијата од Министерството за правда на Кривичниот суд и проверката на функционирањето на АКМИС системот и нејзиното совпаѓање со претресот на СЈО.

- Колку што јас знам, тоа е потполно случајно, терминот на комисијата беше закажан, мислам уште претходната недела, ние немавме никакви сознанија дека ќе се случува нешто од тој тип - рече Ристовски.

Запрашан за првичните сознанија од посетата, тој рече дека комисијата уште неколку дена ќе продолжи со работа по што ќе изготви извештај.

- Има гласини дека наводно на прва има индиции за злоупотреби на системот, наводно дури и за постење на паралелен систем со АКМИС-от за управување со предметите. Сте го чуле тоа?

- Да, и до мене дојдоа такви гласини.

- По вчерашниот увид е ова што сте го чуле или генерално и претходно?

- Имаше и претходно, меѓутоа и по вчерашниот увид.

Ристовски рече дека комисијата ќе излезе со извештај веднаш откако ќе завршат со проверките, и истиот јавно ќе го објави.