„Светска економија“, а народот во аптеки и на апарати

Автор: Славица Филиповска | на 2.2017 | In depth

Речиси на секој булевар, во секое маало во Скопје, неминовно поминувате покрај две-три аптеки, обложувалница и казино. Бизнисот очигледно во овие гранки расте, а дел од фирмите во трката да бидат најдобри, работат деноноќно.

Граѓаните велат, овие бизниси се огледало на општеството.

„Аптеките - болен народ, кладилниците - невработеност, што друго...“

„Коцката е за сиромашните, аптеката е за болните.“

„Гледајќи го народот се коцка сирот да земе уште некои дополнителни пари.“

„Треба работа, да се отвораат работни места, фабрики, народот да биде послободен. Секој граѓанин ќе биде задоволен, и детето како дете, кога ќе гледа дека родителот има работа и тоа ќе биде среќно.“

„Најголем дел од младите се во кладилница, тие се нивни омилени места заради тоа што немаат доволно пари луѓето, одат таму и го гледаат тоа како брз начин да ги оплодат своите пари.“

Дали е само личен впечаток дека на секој чекор се отвораат аптеки и обложувалници? Нашите дополнителни истражувања на официјално достапните податоци покажаа дека растот на овие бизниси е факт. Бројките велат дека во продажбата на лекови и обложувањето од година во година се вртат се повеќе пари – во стотици милиони.

Деталната анализа на овој сектор покажа дека сите коцкарници и обложувалници во Македонија во 2015 година имале приход од 300 милиони евра. Тоа се околу 10 отсто од годишниот буџет на државата. Тоа значи и дека во просек секој полнолетен жител на државава годишно троши меѓу 150 и 200 евра на обложување и коцка. Оваа сума, секоја година се зголемува. Во 2015-та година, споредено со 2014-та, растот на приходите во дејноста е речиси 5 отсто.

Бизнисот со аптеките во 2015 година достигнал 160 милиони евра обрт. Со истата методологија на споредба како за коцкањето, се доаѓа до заклучок дека тоа се околу 5 отсто од државниот буџет на годишно ниво. Или секоја граѓанин во Македонија годишно остава по 80 евра во аптеките, што е дневен трошок од околу 15 денари буквално за секого од нас – од најмлад до највозрасен. И овој сектор бележи пораст и тоа за 6 отство во споредба со 2014-та година.

Во двата бизниса вкупно во 2015-та имало обрт од околу 500 милиони  евра. Од аптеките, најмногу приходи има „Зегин“, со повеќе од една третина удел во вкупниот пазар со лекови. Следува  „Еурофарм“. Кај спортските обложувалници, најдобро им оди на „Спорт Лајф“ и „Златна Копачка“, кои заедно се приближуваат до половина од целиот сектор.

Држава во која бизнисите со аптеки и обложувалници цветаат е показател за социјална и економска  криза, е оценката на социолозите.

„Иако не станува збор за идентични појави, хазардните игри се во рамките на девијација, аптеките се поврзани со здравјето на луѓето, меѓутоа заеднички  показател социолошки може да се најде дефинитивно. Кога имате едно општество каде имате висок процент на невработеност, на сиромаштија, апропо на тоа доаѓа да имате висок процент на депресија. Социјалната криза, невработеноста, високиот процент на сиромаштија најмногу влијаат, затоа што кога немате работа, гледате брз начин да остварите профит и заработка. Кога немате финансии, не можете да заработите врз основа на она што го имате научено, врз основа на вашиот професионален бекграунд и тогаш барате соодветна алтернатива која што не е можеби морална, но е доходовна.“, вели социологот Татјана Стојановска -  Иванова.

Токму оваа тема била дел од истражувањето на Иванова, во кое анонимно биле анкетирани триста студенти. Од резултатите, изнаненадена е и професорката.

„Седумдесет проценти имате од младите кои барем еднаш неделно влегуваат во обложувалница, што е фрапантен податок и тоа поготово од онаа студентска популација, значи идните академски граѓани. Вие имате на национални телевизии ви се пушта играње на покер во неприкладно време што е страшно, тоа е многу моќен фактор на социјализација и вие му сервирате еве како да остварите брз приход.“, вели Стојановска-Иванова.

Според економскиот аналитичар Зоран Витанов, вината е во оние што ги водат економските политики, но и кај луѓето кои упорно ги гласаат истите личности.

„Тие политичари 25 години што се на власт, наметнаа дека ние не треба за ништо да се грижиме, државата е тука да го реши проблемот, нека влезат кај нас во партија, ќе ги вработиме иако администрацијата е превработена. Ќе земеме кредит, а народот таа приказна ја голтна. Постојано ние бирократи биравме за министри, луѓе што никогаш во животот не напишале една фактура, што не произвеле ниту еден производ, затоа се доведовме во оваа ситуација. Погрешни луѓе ставивме на погрешни места и затоа сме таму кај што сме.“, смета Витанов.

За жал, бирајќи популисти се покажа дека сме народ кој сака да биде лажен, вели Витанов и додава дека токму погрешниот избор ја празни Македонија.

„Или се во кладилниците или се зад границите, трето нема. Младите луѓе не гледаат перспектива, а ако младите не гледаат перспектива, тогаш де факто нема перспектива. Мора Македонија радикално да смени нешто во економската политика, во монетарната и фискална политика, но и во мајндсетот, во филозофијата на живеење.“

Никој не се сеќава колку бизниси започнале во оваа стара градба во строгиот центар на Скопје. Денеска во дел од приземјето има аптека.

„Ништо не се сеќаваме сега баш зборувавме, не го познаваме нашето Скопје какво е.“

„Овде кај Еурофарм, не ми текнува што имаше...“ , велат граѓаните

Неколку стотици метри одовде, спроти министерството за труд и социјална политика, има целосно обновена градба. Дел од минувачите, успеаjа да се сетат што беше овој објект некогаш.

„Ова беше старо Беко, јас така знам.“

„Беко, стоковна куќа.“

„Стоковна куќа Беко, Скопјанка.“ , ни посочија минувачите.

Во поранешно Беко, Скопјанка, а денеска ТЦЦ Плаза, добар дел од приземјето се користи, исто така, за еден од бизнисите што цветаат.

Ако на општата слика ги додадеме и честите дуќани за бели пецива, јасно е и што јадеме и што пиеме и каде ни е надежта. Растечката македонска економија очигледно се случува на друго место.