Жртвите на трговија со луѓе – жртви на институционалната негрижа

Автор: Петар Клинчарски | пред 10 месеци | In depth

Половина декада помина од идејата за формирање на државен Фонд за обештетување на жртвите од трговија со луѓе. Но, ветувањето дадено од претходната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, не се реализира. 

Иако членот 53 од Законот за кривична постапка пропишува дека доколку отштетата не може да се обезбеди од сторителот на кривичното дело, жртвата има право на надомест на (не)материјална штета од  државен Фонд, тоа во реалноста е невозможна мисија – бидејќи таков Фонд не постои. Тоа значи дека ниту една жртва нема добиено ниту денар отштета, дури и кога постои правосилна судска пресуда! Законски, исклучок единствено се децата жртви на трговија со луѓе и нивните семејства кои можат да побараат оштета од Министерството за правда. 

Според официјалните податоци од Националната комисија за борба против трговијата со луѓе, тело кое е формирано од Владата, во изминатите 10 месеци од 2017-та нема регистрирано жртви на трговија со луѓе. Во 2016-тата, евидентирани се 6 вакви случаи и тоа за сексуална експлоатација и присилен брак, додека во 2015-тата, бројката изнесува 4. Првата жртва за 2017-та година е малолетно дете, евидентирано кон крајот на минатиот месец. 

Извор: Национална комисија за борба против трговија со луѓе

Извор: Министерство за труд и социјална политика

Друг орган кој се занимава со оваа проблематика е Националниот механизам за упатување на жртви при Министерството за труд и социјала. Во достапните извештаи од 2008-та година, може да се заклучи каква е судската пракса за вакви случаи. Во нив се наведува дека правен советник пред Основниот суд Скопје 1 застапувал 9 лица-жртви на трговија со луѓе. Постапките се завршени, изречени се казни затвор, додека сторителите на кривичното дело се задолжени да исплатат надомест на нематеријална штета во износ од 500.000 денари. Но, исплата никогаш не се случила. 

- Не можеше да се изврши наплата поради тоа што сторителот немал средства, а имотот кој го поседувал никој не се јавил да го купи. Досега, ниту едно лице нема добиено оштетно побарување – објаснуваат од Националната комисија. 

Токму во такви ситуации жртвите влегуваат во институционален лавиринт од кој нема излез до правдата. Најчесто, осудените лица пријавуваат дека имаат мал или речиси никаков имот, државата крева раменици, а судските пресуди добиваат тежина колку што тежи листот на кои се напишани. 

- Државата во пракса немала механизам да го спроведе обештетувањето. Доколку сторителот немал средства или имот преку чие одземање односно конфискација би се обештетила жртвата, тогаш лицето останува без надомест, бидејќи државата нема начин тоа да го компензира – велат од Министерството за правда. 

Национални стратегии и акциски планови – планирани буџети, со празни сметки 

И во Националната стратегија 2013-2016-та година, но и во актуелната 2017-2020-та донесена во март годинава, предвидени се буџети за работа на Фондот. Во претходната Стратегија, беше предвиден Закон за државен фонд. Во новата, пак, постои буџет, но не и средства во него. Во делот на усогласувањето на националната со меѓународната правна рамка, се наведува дефинирање на модел за обештетување. Но, временски не е наведено кога би требало да се донесе и да започне да функционира. Ова е едно од најгорливите прашања за кое долги години алармираа невладините организации. Од Националната комисијата не ги отфрлаат критиките, туку велат дека работат на изнаоѓање решение за проблемот. 

- Еден од чекорите кои што се планирани да се преземат, а се провлекуваат во меѓународните извештаи кои што ги добиваме, во насока на надминување на слабостите се прашањето со Фондот за компензација на жртви. Предвидено е формирање на Работна група за  дефинирање на соодветен модел за воспоставување на Фонд за компензација на жртви. Следен чекор на Комисијата ќе биде соработка со амбасадите на САД, Хрватска и на Косово во РМ, започнати се преговори за реализирање на студиски посети и разгледување на искуства и модели на воспоставување,како и законите од соседните земји кои го имаат воспосоставено фондот, негово функционирање и примена, соопштуваат од таму.

 Засега, во надлежното Министерство за правда се разгледуваат и анализираат 3 опции за ставање крај на агонијата на жртвите на трговија со луѓе. Прва опција е Фонд по примерот на Фондот за обештетување на деца жртви кој е формиран како подзаконски акт на Законот за малолетничка правда. Втора можност е да се се формира државен Фонд во кој ќе се утврдат сите прашања поврзани со темата или пак да се формира Фонд за надомест на жртви на тешки кривични дела, каде би биле вклучени и жртвите на трговија со луѓе и истиот би бил во рамки на Законот за кривична постапка. 

-  Токму поради постоењето на повеќе опции, во оваа почетна фаза, Министерството за правда во ноември ќе го отвори ова прашње пред јавноста, каде ќе бидат вклучени домашни и меѓународни инстанци, меѓународни претставници и од цивилниот сектор согласно динамиката утврдена во Стратегијата. Откако ќе се утврди моделот, ќе следува утврдување на буџетот за оваа намена – велат од надлежното министерство. 

Каква е меѓународната пракса?

Во програмите за компензација на Велика Британија и во Холандија се превидени значително високи износи за надомест на (не)материјална штета на жртвите на криминал, стои во една од многубројните анализи на невладината организација „Отворена порта/ Ла страда“. Максималниот износ во Велика Британија е до 580.000 евра, 25.000 евра во Холандија. Од земјите во регионот, во  Словенија максималната сума изнесува  20.000 евра, додека во соседна Бугарија само 5.000 евра. Компензацијата, сметаат од невладините, е битен момент за  закрепнување на жртвите од траумите и страдањата кои ги преживеале . Покрај правдата која би ја добиле, отштета значи и појдовна точка за реинтеграција во општеството и започнување на „нов“ живот. 

Петар Клинчарски