Хојт Ји: Утврдувањето одговорност за прислушувањето е клучно за членство во НАТО

Автор: Владимир Мирчески | пред 9 месеци | In depth

Расветлувањето на случајот со масовното прислушување и на другите предмети што произлегоа од него треба да се случи во разумен временски рок и без одолговлекување, вели заменик-помошникот државен секретар на САД, ХојтБрајан Ји. Во интервју за емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат-М, прашан да го коментира фактот што две и пол години по обелоденувањето на случаите се уште нема ниту една пресуда, тој рече дека „утврдувањето одговорност ќе биде критичен чекор за Македонија да ги увери ЕУ, НАТО и другите меѓународни партнери дека е подготвена да се интегрира“ во овие структури.

- Ги повикуваме сите учесници – политичките партии, лидерите, владините лидери, членовите на парламентот да сторат се што можат за да се овозможи правдата да биде спроведена, законите да бидат запазени, специјалнатаобвинителка да ја добие неопходната поддршка за да си ја заврши работата и да нема политички притисок и влијание врз обвинителите и судиите од инволвираните во утврдувањето одговорност. Се согласувам дека тоа треба да се стори во разумен временски рок и да не се одолговлекува подолг период, но сметам дека треба да се признае дека владата е релативно нова, дека во минатото немаше доволна соработка со обвинителството и се надеваме дека таа соработка меѓу сите страни ќе се подобри во наредниот период, вели Хојт Ји.

За улогата на опозицијата, Ји вели дека секоја демократија има потреба не само од силна влада туку и од силна опозиција, која нема само да блокира предлози со кои не се согласува туку и ќе нуди алтернативи. Според шефот за Балканот во американскиот Стејт департмент, Македонија не може да си дозволи луксуз на постојани одлагања и опструкции од партиите.

-Демократско право е да се користат сите законски алатки што се во согласност со парламентарните правила. Но, обврската за одговорна, конструктивна опозиција значи не само блокирање предлози туку и нудење алтернативи. Затоа, се надеваме дека ВМРО и другите парламентарни партии ќе бидат конструктивни, дека ќе бараат компромиси кога има несогласувања. Одблиску ќе набљудуваме, исто и ЕУ. Ќе ги сметаме за одговорни оние партии или поединци кои опструираат само заради опструкција или заради лични и други намери, вели Ји во интервјуто.

Високиот американски дипломат зборуваше и за руското влијание во регионот, кое го нарече „малигно“. Хојт Ји вели дека Русија се обидува да го обесхрабри пристапувањето на земјите од Западен Балкан во НАТО и во ЕУ, иако тие имаат право самите да решат за своите безбедносни сојузи и иднина.

-Важно е Македонија, работејќи со нас, со ЕУ и со партнерите во регионот, да продолжи да се противи на малигни влијанија од кој било извор, да продолжи да зајакнува независни медиуми, важно е да има силни, професионални, независни медиуми што ќе пружаат отпор на дезинформации од Русија или од други извори. Исто така, важно е Македонија и другите земји од регионот да ја зголемат енергетската диверзификација за да не бидат зависни од еден извор на гас или енергија од друга земја, било да е Русија или друга држава. Мислиме дека е од интерес на САД и на европските земји, сите држави кои се обидуваат да се зачленат во НАТО и во ЕУ да бидат помалку зависни од Русија од воена опрема, оружје и резервни делови за да не бидат ранливи на притисоци од Русија што би доаѓале од таа страна, вели Хојт Ји.

Според него, ова не значи дека САД се противат Русија да има улога во Европа, зашто таа има легитимен интерес. Но, она што САД го сметаат за опасно, е преголемата зависност од Русија, енергетска или воена, и ранливоста на Македонија и на другите земји од Западен Балкан на малигните влијанија – дезинформации, кибер-напади, хибридни војни.