Нефункционалниот систем за управување со отпад ја претвора Македонија во депонија

Автор: Зоран Јованоски | пред 9 месеци | In depth

Македонија одамна го решила депонирањето на отпадот, но само на хартија. Илјадници долови, полјани и речни корита се претворени во депонии.

„На ниво на цела држава ние воопшто не знаеме да раководиме со отпад. Не сме свесни што и предизвикуваме на околината и кои последици ќе ги имаме во иднина“, вели Јованчо Угреновиќ од граѓанската иницијатива „Доста“ – Струга.

„Од големите загадувачи страдаат децата уште не родени, уште во утробата на мајката“, тврди Џавид Фејзули – специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Во повеќето општини се' уште не е ниту започнато, а во некои општини се на самиот почеток од реализирањето на националната стратегија за отпад.

„Ние доцниме многу. Некои од депониите што се' уште се користат се од 1955 година“, изјави Ана Каранфилова Мазневска од Министерството за животна средина – сектор за управување со отпад.

„Граѓаните побараа ова да се стави како приоритет кај новите градоначалници и централната власт“, вели Блажо Јосифовски од невладината „Ајде Македонија“.  

Дали конечно ќе направиме провев или и натаму ќе мириса на нефункционален систем за управување со отпад?

Матни локални проблеми за појасна голема слика

Во селата низ Македонија отпадот си го фрлаат по локални ѓубришта. Жителите на Арачиново најверојатно имаат среќа што нивното село е општински центар па, за разлика од повеќето селски средини, имаат организирано собирање на отпадот. Но, надлежните ѓубрето го истовараат на диви депонии покрај пат или во долови.

Ова е ресторанот на Аслан Беќири од Арачиново. Со бизнисот започнал пред две години. Но, гостите што доаѓаат се сардисани со ѓубре од три страни. Во близина се истовара градежен шут. Малку погоре е селската депонија. Има уште една, поголема, на патот кон Липково.

„Депонијата е на 200 – 300 метри од ресторанот. Имаме големи проблеми. Миризбата е неподнослива. Чадот од палењето на ѓубрето доаѓа до мојот ресторан, во селото и насекаде. Ова е најголем проблем. Миризбата е неподнослива и опасна. Гости ни доаѓаат, но тешко оди, се плашат да не се заразат со некоја болест. Луѓето доаѓаат и си заминуваат, не седат многу“, раскажува Беќири.  

Поголемо населено место, поголема депонија, поголеми проблеми. Струга. Еден од нашите најпознати туристички центри годинава забележа ретко успешна сезона. Но, успехот на угостителите беше зацрнет со чадот од запалената депонија.

„Се најдовме во ситуација на туристите да им објаснуваме дека имаме депонија која под несреќни околности се запали и сега мораат да го поднесат чадот“, раскажува Јованчо Угреновиќ, активист во граѓанската иницијатива „Доста“ од Струга.  

Ѓубрето престана да гори откако беше прекриено со слој од земја. Според активистите од граѓанската иницијатива „Доста“, тоа не го реши проблемот.

„Санирано... Еве гледате колку е санирано. Депонијата се зголеми за околу три метри во висина откако се санира. Тоа значи дека во градов ќе дишеме чист воздух во зависност од тоа дали повторно ќе се запали. Интересите претпоставуваме дека се политички затоа што обично пред избори ни се случува ваква работа. Доаѓа до катастрофална појава на тој смртоносен чад во градов, а сега повторно има што да се запали. Болката на стружани беше да се дислоцира, да не постои, да нема што да се запали, а видете сега што се случи. После тоа санирање, пред неколку месеци, имаме ново ѓубриште“, додава Угреновиќ.

Македонија има донесено национална стратегија за управување со отпад во 2008 година чија реализација треба да заврши до 2020. За некои од регионите изготвена е техничка документација за решавање на проблемот, но состојбата на терен е иста со децении. Ваква слика каква што затекнавме на струшката депонија, видовме во многу предели низ земјава. Еве за што се работи:

Македонија е поделена на осум плански региони: Вардарски, Скопски, Североисточен, Источен, Југоисточен, Пелагониски, Југозападен и Полошки. Според националната стратегија, за секој од регионите треба да се изработи техничка документација за управување со отпад. Би требало да се затворат постоечките диви депонии и да се изградат претоварни станици. И клучно, треба да се изградат регионални стандардизирани депонии во кои отпадот ќе се преработува.

Во министерството за животна средина и просторно планирање признаваат дека од ова до сега ништо не е направено, освен на хартија.

„За жал, ние сме сега на почетна фаза. Ги подготвуваме планските документи, подготвуваме техничка документација. За почеток, додека се формираат тие стандардни, санитарни, комунални депонии, ќе бидат потребни средства кои во моментов не се собираат од страна на граѓаните, а овој систем е предвиден да има самоодржливост“, објаснува Ана Каранфилова Мазневска од Министерството за животна средина – сектор за управување со отпад.

Најнапредни во овој процес се Североисточниот и Источниот регион. Тие ја привршуваат првата фаза. Двата региона ќе имаат заедничка стандардизирана депонија, но до тогаш имаат многу работа.

Целиот процес, од обезбедување соодветни контејнери за ѓубре и зајакнување на комуналните претпријатија до отворање компанија за рециклирање за овие два региона чини околу 40 милиони евра. Поголем дел од средствата треба да дојдат од европските ИПА фондови.

„Ве молам да не направите ниту една грешка. Досега е направен само мал чекор. Многу работа е пред вас, особено пред локалните институции и градоначалниците со поддршка од министерството, за да биде воспоставен овој систем. Ова е предуслов поставен од Европската унија за да го финансира проектот. Без ова е невозможно да се отворат фондовите. ЕУ мора да се увери дека локалните власти се способни да го менаџираат системот пред да ги дадат средствата“, порача консултатнтот во проектот за управување со отпад Андреас Менцис.

Но, иако најнапредни на хартија, на терен се исти како другите. Оваа планина од ѓубре е кумановската депонија во североисточниот плански регион. Нејзината масивност покажува колку работа им претстои на надлежните.

Селото Пчиња е најблиското населено место до депонијата. Жителите со децении бараат нејзино затворање.

„Депонијата е тука можеби над 40 години. Им пречи и на Пчиња и на Студена Бара и на околните села. Тоа е катастрофа. Смрди, чади, бог да чува.“

„Јас сум тука родена 1955 година, депонијата уште од тогаш стои. Се што е подземно е загадено.“

„Кога ќе се запали има некој јак мирис. Но, ние како село не можеме ништа да направиме сами“, се жалат жители на с. Пчиња.

Во североисточниот регион е и Крива Паланка. Мал град со голема депонија. Ѓубрето се истовара на влезот во градот, а купиштата се затскриени во овој дол. Глетката создава чувство дека во секој момент отпадот ќе се струполи во коритото на Крива Река и ќе ја уништи оваа ретка природна убавина

Скопскиот, Вардарскиот, Пелагонискиот и Југозападниот регион, пак, се на почеток од целата постапка. Во југозападниот се појавува и поинаков проблем. Решението регионалната депонија да се гради во општина Дебарца, во атарот на селото Годивје, не е прифатливо за локалното население.

Годивје е едно од 33-те села во оваа рурална општина. Местото речиси и да нема постојани жители. И иако заживува само во летните месеци, годивјани не го даваат полето зашто отворањето депонија за нив значи уништување на околината. Во фабрики за рециклажа не веруваат. За ова сакаат да се изјаснат на референдум.  

„Со ништо досега никој во нашава држава не покажал дека може да постои таква депонија и ако веќе се зафаќаат со нешто треба да се зафатат со решавање на постоечките депонии. Нека изградат на нивната територија такво нешто, нека покажат дека од ѓубриштето и од средината што го загрозува тој предел и тие граѓани, нека покажат дека може да се направи такво нешто, сите ќе ги викнат сами за да направат таква депонија на нивниот терен, меѓутоа, праксата со години наназад и децении наназад покажала друго“, изјави Бошко Ставрески од координативното тело – с. Годивје.

Во Полошкиот и во Југоисточниот регион, пак, пред неколку години имаше обиди за формирање современ систем за управување со отпад преку јавно - приватно партнерство. Но, безуспешно.

„Кога ги немате подготвено соодветните технички документи, кога ја немате измерено количината на отпад што ја генерирате, не го знаете квалитетот на отпадот што го создавате, не можете ниту да го продадете,“ објаснува Каранфилова Мазневска од МЖСПП.

Додека да се најде купувач за полошкото ѓубре, еколошките проблеми го направија Тетово познато и во светот. Беше прогласен за најзагаден град. Меѓу најголемите виновници – дивата депонија која и ова лето чадеше и го засмрдуваше градот.

По пожарот и граѓанските протести, надлежните го исчистија ова место кое е во самиот град. Сега, на некој километар од тука, изградена е претоварна станица од која отпадот се носи во скопската депонија „Дрисла“ – единствената стандардизирана депонија во земјава.

Специјалистот по хигиена и здравствена екологија доктор Џавид Фејзули вели дека депониите веќе неповратно ја оштетиле животната средина и здравјето на луѓето.

„Со текот на времето ќе се почувствуваат тие последици по здравјето затоа што има нешто што тлее во огранизмот. Има запушувања на крајните дишни патишта, се таложат тие материи во крајните алвеоли, се бори нашиот имунолошки систем, меѓутоа, ако го претрпате со загадувачи многу тешко ќе биде тој да се справи со сето тоа. Одредени нокси и токсини преку крвта можат да отидат до неродените деца. Така немаме само канцерогена опасност, туку и тератогена опасност за неродените наши поколенија,“ изјави Фејзули.  

Ако Македонија има стратешки документи за управување со отпад и европски фондови за нивна реализација, тогаш зошто целата земја е една голема депонија?

„Повеќе се факторите кои влијаат на ваквата ситуација. Од една страна е дефинитивно ниската политичка свест и ниската волја на сите политички структури да го решат овој проблем. Од друга страна, ниската свест кај граѓаните бидејќи, да бидеме реални, политичарите ќе го прават тоа што граѓаните од нив го бараат, а граѓаните последниве години почнаа да бараат од нив чист воздух, чиста вода и слично“, смета Јосифовски од НВО „Ајде Македонија“

„Управувањето со комуналниот отпад е обврска на општините. Секоја општина тоа треба да си го реши,“ вели Каранфилова Мазневска од МЖСПП.

Како го реши Словенија? За 112 милони евра изгради современ Центар за управување со отпад. Собраниот отпад од целата држава завршува во оваа современа фабрика каде се  селектира и преработува. Дел од него се користи како ѓубриво, а дел како погонско гориво.

За Македонија да добие современ самоодржлив систем, надлежните пресметале дека сметките за комуналии би требало се зголемат за околу шест евра по домаќинство. Еве што за тоа велат жителите на кумановско Пчиња.

„Ниски се платите на жителите на село Пчиња.“

„До 90 насто можат да плаќаат, повеќе не.“

„Не сме во можност зашто во куќа сме по еден или двајца луѓе и тоа немоќни.“

„Потребно е да се работи на подигање на свеста со најразлични кампањи, граѓаните да бидат свесни кои се вистинските трошоци доколку не се реши проблемот“, смета активостот Јосифовски.

„Искрено би посакал да можат лесно да се потсетат на оние моменти кои ги преживеавме ние во текот на спалувањето на депонијава како беше да се живее во градов и дали вреди или не вреди шест евра месечно,“ посочува активистот Угреновиќ.

„Ако сакате некој да ви го чисти ѓубрето, ќе платите“, вели д-р Фејзули.