Интервју со Хојт Ји, шеф за Балканот во американскиот Стејт департмент

Автор: Владимир Мирчески | пред 11 месеци | In depth

Состојбите во судството и бавното расчистување на случаите со прислушувањето и на настаните во Собранието од 27-ми април се дел од темите во интервјуто со шефот за Балканот во американскиот Стејт департмент, Хојт Ји. Тој одговара и на прашања за состојбата на „заробена држава“ и за улогата на опозицијата, како и за тоа кога Македонија би можела да стане членка на НАТО, за изјавите на Груевски дека Заев е донесен на власт за да го смени името на државата, за руското влијание во Македонија и во регионот.

Г-дине Ји, Ви благодарам што сте со нас.

Ви благодарам многу.

Дали Македонија, од една страна, се оддалечува од состојбата на „заробена држава“ и зошто во новиот извештај Рајнхард Прибе предупредува дека грешките од минатото не смее да се повторат и притоа една „заробена држава“ да се замени со друга?

Најпрво, Ви благодарам што сум гостин во вашата емсија. Дозволете ми да кажам дека САД и Македонија се стратешки партнери, кои 25 години соработуваат одблиску кон заедничките цели – да ја видиме Македонија целосно интегрирана во европските и евроатлантските институции со просперитетна, стабилна и безбедна иднина. Мило ни е што тие напори продолжуваат. Во однос на вашето прашање, мислам дека треба да признаеме дека многу нешта се случија во изминатата година, особено од извештајот што вие го споменувате – имаше избори во декември, се формираше нова влада која јасно стави до знаење дека е посветена на реформи и објави опсежен план за своите реформски приоритети и одблиску соработува со САД, ЕУ и со други меѓународни партнери за да ги постигне тие реформи. Нашата намера е да продолжиме да соработуваме со новата влада, да и помогнеме да ги направи тие промени, да обезбедиме асистенција, колку што можеме, за да и помогнеме на владата да се приближи кон целите. Веруваме дека граѓаните на Македонија го сакаат тоа, да видат напредок, да ги видат неопходните реформи за да се обезбеди просперитетна и стабилна иднина.

Има дилеми за насоката на судските реформи. Прибе е против генерален реизбор на судии. Можни ли се промени (без суштински резови), дури и да се исклучи генерален реизбор?

Мислам дека на тоа прашање најдобро ќе одговорат експертите на терен и меѓу владата и ЕУ која, секако, одблиску ќе соработува со надлежните за тоа какви судски стандарди и стандарди за владеење на правото се неопходни за Македонија да ги исполни вредностите на ЕУ за пристапување што е цел на Македонија, која сите ја споделуваме. Но, ќе кажам дека веруваме оти е многу важно Македонија да ги направи тие судски реформи кои ќе му овозможат на судството да биде независно, слободно од политички притисок, да биде во можност да обезбеди ефикасни и навремени одлуки, кои ќе воспостават силно владеење на правото, кои ќе ги убеди граѓаните дека се почитува владеењето на правото и дека бизнисите, странски или домашни, ќе знаат дека има бизнис-клима во која тие ќе работат и успеваат. Затоа, значајно е не само за граѓаните на Македонија, за иднината на земјата во пристапувањето кон ЕУ и НАТО, туку и за инвеститорите кои ќе и помогнат на земјата да го постигне економскиот стандард и создавање работни места неопходни да се охрабрат младите за да останат во Македонија и да придонесат за нејзината подобра иднина.

Нема напредок во расветлувањето на 27-ми април 5 месеци по насилствата. Поминаа 2 и пол години од објавувањето на скандалот со прислушувањето и, повторно, нема ниту една пресуда за случаите што произлегоа од незаконското следење на комуникациите. Како може да се очекува Македонија да напредува без судски финиш на овие случаи, што пак е малку веројатно без соодветна реформа?

Веруваме дека е многу важно за земјата да утврди одговорност за недозволеното прислушување и за наводните владини злоупотреби поврзани со прислушувањето. Утврдувањето одговорност, според нас, ќе биде критичен чекор за Македонија да ги увери ЕУ, НАТО и другите меѓународни партнери дека е подготвена да се интегрира, да им се приклучи на институциите – ЕУ, НАТО, или други институции. Исто така, тоа е важен чекор кон уверувањето на граѓаните на Македонија дека е воспоставено владеење на правото, дека тоа се почитува, дека е зајакнато. Ги повикуваме сите учесници – политичките партии, лидерите, владините лидери, членовите на парламентот да сторат се што можат за да се овозможи правдата да биде спроведена, законите да бидат запазени, специјалната обвинителка да ја добие неопходната поддршка за да си ја заврши работата и да нема политички притисок и влијание врз обвинителите и судиите од инволвираните во утврдувањето одговорност. Се согласувам дека тоа треба да се стори во разумен временски рок и да не се одолговлекува подолг период, но сметам дека треба да се признае дека владата е релативно нова, дека во минатото немаше доволна соработка со обвинителството и се надеваме дека таа соработка меѓу сите страни ќе се подобри во наредниот период.

Како ја гледате улогата на ВМРО-ДПМНЕ како опозиција? Партијата најави промена на односот кон Албанците и кон меѓународната заедница.

Веруваме дека секоја демократија има потреба не само од силна влада туку и од силна опозиција, мислејќи на опозиција што ќе биде конструктивна и во парламентот и надвор од него - не само да блокира предлози со кои не се согласува туку и да нуди алтернативи ако не и се допаѓа тоа што владата и останатите партии го предлагаат. Македонија е земја која се обидува да ја унапреди својата демократска транзиција и да ги унапреди перспективите за членство во ЕУ и НАТО. Тоа значи дека земјата не може да си дозволи луксуз на постојани одлагања, опструкции од политичките партии кои не се согласуваат со владата. Секако, демократско право е да се користат сите законски алатки што се во согласност со парламентарните правила. Но, обврската за одговорна, конструктивна опозиција значи не само блокирање предлози туку и нудење алтернативи. Затоа, се надеваме дека ВМРО и другите парламентарни партии ќе бидат конструктивни, дека ќе бараат компромиси кога има несогласувања. Одблиску ќе набљудуваме, исто и ЕУ. Ќе ги сметаме за одговорни оние партии или поединци кои опструираат само заради опструкција или заради лични и други намери.

Може ли Македонија да стане 30-та членка на НАТО и во кој период тоа е можно?

Многу важен елемент кој мислам дека оваа влада го постигна е зајакнување на односите со соседите, почнувајќи со Бугарија и со бугарско-македонскиот договор, кој беше многу значаен и ја покажа волјата на новата влада за зајакнување на врските, за надминување на потешкотиите со соседите од минатото и да создава нови мостови на соработка и пријателство со соседите на начин што ја зајакнува стабилноста на регионот. Се надеваме дека тоа ќе продолжи и со други земји, вклучувајќи ја и Грција. Задоволни сме што Македонија и Грција имаа неколку рани контакти меѓу новата влада и владата во Грција. Ги охрабруваме ваквите контакти, сметаме дека е важно да има разговори меѓу дипломати и официјални претставници за тоа како да се надминат разлики од минатото, како да се оди напред за двете влади да го постигнат она што го сакаат. Една од заедничките цели кои ги споделуваат се поблиски релации меѓу двете земји и постабилен и попросперитетен регион. Затоа, се радуваме на засилениот ангажман и континуирана работа на двете земји за изнаоѓање решение за прашањето за името под медијација и асистенција на специјалниот пратеник на ОН, Метју Нимиц, и сме оптимисти дека ако двете страни продолжат да делуваат со добра волја и да бараат решенија ќе биде можно Македонија и Грција да најдат решение за името и Македонија да напредува кон својата цел – зачленување во НАТО.

Во своите јавни настапи Никола Груевски кажа дека „Зоран Заев бил донесен на власт само за да го промени името онака како што и одговара на Грција“.

Верувам дека премиерот Заев стана премиер како последица на декемвриските избори кои меѓународната заедница ги оцени како кредибилни и легитимни. Тој дојде на власт по долг процес на преговори меѓу парламентарните партии кои имаа мнозинство и врз основа на тоа формираа коалиција. Мислам дека премиерот Заев јасно стави до знаење дека една од неговите цели е да ја приближи земјата до ЕУ и НАТО за што, секако, ќе требаат добри односи со соседите, вклучувајќи ја и Грција за надминување на, како што веќе зборувавме, прашањето за името. Не верувам дека има некакво меѓународно мешање или конспирација што стои зад сето ова. Мислам дека граѓаните на Македонија преку изборите во декември и членовите на парламентот кои ја формираа коалицијата што го поддржува премиерот Заев и неговата реформска агенда ја насочуваат земјата кон подобрување на односите во регионот и со соседите, вклучувајќи ја и Грција, за изнаоѓање решение за прашањето за името што ќе и овозможи на Македонија да се приклучи на НАТО.

Колку е реално руското присуство во Македонија и во регионот? Ова беше една од главните поенти на потпретседателот на САД Пенс во Подгорица.

Потпретседателот Пенс, претседателот Трамп и државниот секретар Тилерсон јасно кажаа дека САД ќе соработуваат со Русија секогаш кога ќе имаат заеднички позиции, заеднички интерес, како на пример во борбата со тероризмот. Но, кога нашите интереси не коинцидираат, кога Русија работи во спротивност со она што ние се обидуваме да го направиме тогаш ќе ги браниме нашите и интересите на нашите сојзуници и партнери. На Балканот, за жал, во изминатата година видовме руски активности, малигно влијание, најлошиот случај беше во Црна Гора, каде Русија се обиде да се вмеша во изборите и најверојатно уште нешто полошо. Гледаме дека Русија се обидува да го обесхрабри пристапувањето на земјите од Западен Балкан во НАТО и во ЕУ. Веруваме дека, принципиелно, е многу важно земјите од Западен Балкан или од кој било регион да го имаат правото да решат за своите безбедносни сојузи, самите да изберат за својата иднина. Ниту една земја не треба да има вето и тоа е принцип што го браниме, помагајќи им на Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и други држави кои сакаат повеќе да се интегрираат во европските и евроатлантските институции. Важно е Македонија, работејќи со нас, со ЕУ, и со партнерите во регионот да продолжи да се противи на малигни влијанија од кој било извор да доаѓаат, да продолжи да зајакнува независни медиуми, важно е да има силни, професионални, независни медиуми кои ќе пружат отпор на дезинформации од Русија или од други извори. Исто така, важно е Македонија и другите земји од регионот да ја зголемат енергетската диверзификација за да не бидат зависни од еден извор на гас или енергија од друга земја, било да е Русија или друга држава. Мислиме дека е од интерес на САД и на европските земји сите држави кои се обидуваат да се зачленат во НАТО и во ЕУ да бидат помалку зависни од Русија заради воена опрема, оружје и резервни делови за да не бидат ранливи на притисоци од Русија што би доаѓале од таа страна. Ова не значи дека се противиме Русија да има улога во Европа, секако, Русија секогаш ќе има улога во Европа, Русија има легитимен интерес во Европа. Но, она што според нас е опасно, е преголемата зависност од Русија, или енергетска, или воена и, исто така, ранливост дали на Македонија, дали на другите земји од Западен Балкан, на малигните влијанија – дезинформации, кибер-напади, хибридни војни... Треба заедно, САД, ЕУ, земјите кои сакаат да се зачленат во НАТО и ЕУ, да продолжат да работат на изградба на отпорност на овие закани и што е можно побрзо да и кажеме добредојде на Македонија и на останатите земји од Западен Балкан, кои тоа го сакаат, во ЕУ и НАТО. Сите заедно ќе бидеме посилни, постабилни, повеќе просперитетни.