Што мисли Брисел за нацрт-стратегијата за правосудни реформи? Се уште нема одговор за клучните точки

Автор: Александар Димитриевски | пред 12 месеци | In depth

Работната група за реформи во правосудството се врати од Брисел. Владата веќе е информирана - што мислат европските експерти за нацрт-стратегијата која треба да го трасира патот што и како ќе се менува во секторот правда. 

Средбата на европските експерти со македонските колеги, од Европската комисија го нарекуваат технички состанок. Технички е и одговорот на прашањата од 360 Степени до ЕК - што е разговарано во Брисел и кои се забелешките.

„Темите на разговор ги вклучуваа препораките во неодамнешниот и претходниот извештај на групата експерти од областа на владеењето на правото (н.з. на Рајнхард Прибе), Итните реформски приоритети од 2015 година, како и првичните реакции на тековната работа на новата стратегија за реформи во правосудството.“ – изјави функционер од ЕУ за 360 Степени.

Но, ако се погледне содржината на документите, кои според ЕУ биле предмет на разговор, најмалку на едно место има разлики. Нацрт-стратегијата на домашните експерти предвидува интервентно регрутирање судии и обвинители од редот на искусни правници, а не само од Академијата за судии и јавни обвинители. Во последниот извештај на групата на Рајнхард Прибе се препорачува спротивното -  дека Академијата мора да остане единствен извор на кадри за да не се повторат злоупотребите од минатото.

Од работната група која беше во Брисел велат дека не добиле критики или забелешки ниту за ова ниту за друго прашање. Консултации е терминот кој го употребува претседателката на групата, Ана Павловска Данева. Сепак, по консултациите во Брисел и со други фактори, вели дека е можно да не се случи ад-хок прием на судии надвор од Академијата, како што е првично предвидено во нацрт-стратегијата.

„Ниту ние бевме ригидни во нашите ставови и погледи ниту пак тие ни наметнаа некаков став дека тоа мора да се смени и да ни дадат насока- вака ќе го смените или ќе се вратите назад... Постојат разни варијанти. Постои можност и за задолжително одење на обука во Академијата, таа т.н. почетна обука, која би можела најверојатно пократко да трае за искусните правници. Можност е да се вратиме целосно и на она постоечкото решение (н.з. за регрутирање од Академијата) да мора да се помине целокупната обука. Можноста сепак, на крајот на краиштата, е и за одредена група, категорија на луѓе да важи исклучокот (н.з. за регрутирање без завршена Академија).“- изјави универзитетската професорка Ана Павловска- Данева

Во Брисел, имало консултации и за нотираните слабости кај Судскиот Совет. Македонските и европските експерти се согласиле дека освен кривично, членовите на Судскиот совет не одговараат за својата работа. Па сега, ќе се бара соодветен начин, Советот да добие некаква контрола.

„Можно е истите оние кои ги именувале или избрале (н.з. членовите на судскиот совет) тие и да бараат нивно отповикување. Можно е да се формира некакво Собрание на судии коешто ќе се свика и тие ќе иницираат отповикување на нивни член. Може да даде иницијатива, на пример, секој судија во апелационото подрачје од коешто е избран членот на судскиот совет, па тоа апелационо подрачје да си го отповика членот. Може таа надлежност да му се даде на Собранието како на највисок државен орган, како претставнички орган, претставник на граѓаните. Но една од тие опции, откако ќе се дискутира, треба да се отворат јавни расправи на темата, да се слушнат сите мислења и конечно да се стават такви услови, такви основи во законот.“ - вели Павловска- Данева

Ваквите предлог-механизми за Судскиот Совет се чекор назад од почетните размислувања - основа за разрешување на целиот Судски совет да биде евентуално неприфаќање на годишниот извештај на Советот во Собранието. Ретерирање има и од тврдата предизборна заложба на најголемата владејачка партија за генерален реизбор во судството. 

Согласно тоа прашавме: Доколку реформата оди повеќе во насока да биде еволуција отколку револуција, дали може да очекуваме брзи и сериозни промени во правосудниот систем, без длабоки резови? 

„ Јас не мислам дека нема да доведе правилната имплементација на стратегијата до промени. Да, нема да ги почувствуваме во рок од два-три, пет месеци. Нешто што е градено лошо и трупано како проблеми во изминативе десет години стварно е неблагодарно и нереално некој да очекува дека ќе се смени во шест месеци. Но, со оглед на фактот дека стратегијата ќе има еден концепт кој е одобрен од сите експерти, секако соопштивме, и кај експертите од Европската комисија, тој предвидува во првите шест- девет месеци согласно планот 3,6,9 до максимум една година да се донесат сите закони и да се сменат законските решение. А после тоа следните четири години, бидејќи е пет годишна стратегијата да се имплементираат. И тогаш вистински ќе можеме да кажеме дали е успешна имплементацијата на стратегијата или не.“- одговори претседателката на работната група за изработка на стратегијата за реформи во судството.

Како што вели и Павловска Данева, стратегијата се уште е „жив“ документ. Од една страна тоа значи дека има простор да се играат сите опции. Но, од друга, дека и по неколку месеци од смената на власта, не постои чиста визија за решение на клучните проблеми во правосудството. Контактите на релација Брисел- Скопје ќе продолжат.