360° Среќни млади во несреќно општество

Автор: Славица Филиповска | на 2.2017 | In depth

Мони и Виктор се еден од многуте вљубени парови, кои на оградата од мостот „Мајка Тереза“ во Скопје оставиле заклучен катанец. Клучот, традиционално се фрла во вода, а катанецот останува да сведочи за нечие ветување за вечна љубов.

Колку Скопјани го забележале нашиот Мост на љубовта?

„ Не знам да ти кажам право, првпат ги гледам“

„Тие катанци ги ставаат за љубовта.“

„Па, демек заљубени.“, велат граѓаните.

Дел од граѓаните во катанците гледаат поинаква симболика.

„За среќа и да ја заклучиме Македонија и Владава за да биде нешто од државава, иначе не знам веќе што да речам“, вели  граѓанин.

На некои од минувачите пак, позната им е традицијата од светските метрополи.

„Тоа е онаа приказна љубовна катанци, што ги врзуваат, што сум ги гледала во другите градови“.

„Зошто тоа беше надвор некогаш од државава, сега и кај нас, за да падне побрзо мостот.“, велат минувачите.

Град Скопје не стравува дека оградата ќе падне. Велат дека засега нема толку многу катанци. Но, љубовта и тоа како натежна во романтичниот Париз, па градските власти беа принудени да ги вадат оградите тешки повеќе од  45 тони.

Нашиот Мост на љубовта го нема ниту на туристичките мапи во Скопје, бидејќи се уште се смета за недоволно атрактивен.

Тука ги запознавме Григорија и Иван, млад вљубен пар кој не обврнал внимание на катанците.

Заедно се скоро една година и веднаш прифатија да ни ја раскажат нивната љубовна приказна.

„Иван го забележав на неодамнешните студентски протести кои се случуваа во Скопје, скоро сме заедно една година. Јас откако го забележав се обидов да го најдам на социјалната мрежа Фејсбук.Тој го направи чекор, ми пристапи, ми пиша, потоа излеговме на кафе и така се одвиваа работите“, вели студентката Григорија Гулевска.

Иван и Григорија се трудат нивниот социјален живот да биде што поисполнет иако велат дека сликата околу нив е поинаква.

„Не е дека младите не излегуваат воопшто, меѓутоа и кога одат во посета на разни кафулиња и дискотеки, се чувствува напнатост меѓу нив, некаква неисполнетост, така што мислам дека не е тоа што треба да биде.

Среќен сум во врската што ја имам, но сепак не е лесно да се биде среќен во несреќно општество. Џабе ни е нас индивидуалната среќа, ако секаде околу нас гледаме луѓе коишто не се исполнети, коишто само брзаат негде ,а постојано доцнат, нереализирни, со разни проблеми.“, вели студентот Иван Дургутов.

Она што Иван го нарекува несреќно општество, всушност е покажано и во меѓународните студии. Според индексот на среќа, Македонците се сместени во најнесреќните на Балканот.

Неопходна е радикална демократија за да живееме поинаку, вели теоретичарот на култура Славчо Димитров, според кого политиката има влијае во се.

„Огромен умор постои помеѓу луѓето и губење на верба во можноста за промена и тоа е една ситуација која политичарите можат многу лесно да ја манипулираат. Актуелнава власт може до бесконечност да креира едно одложување  на решавање на т.н. криза во која ние живееме, а бесконечното одложување само ќе го зголемува и проширува уморот кај луѓето и нивната желба генерално за промена и капацитетот, енергијата да влезат во покренување за какви било иницијативи за промена. И тоа е највидливо на секојдневно ниво кога ќе прошетате низ градот.“, вели Димитров.

Според него, нужно е меѓусебно да се разбереме и да се прифатиме такви какви што сме, а државата треба таквиот начин на размислување да го поддржи, но и самата да го поттикне.

„Некои од најзначајните политичко- филозофски списи кои даваат параметри, насоки за тоа како да се мисли и да се уредува државата или животот во заедница, тргнуваат од претпоставката за тоа што е пријателство, дека живеењето во заедницата е секогаш засновано на моделот на пријателството.“, посочува Димитров.

Ќе смогнеме ли сила да живееме во меѓусебна барем базична емпатија и да продолжиме со животот овде ?  Со Григорија и Иван го завршивме снимањето. Заминаа со надеж дека нешто ќе се промени. Во спротивно велат, можеби нашето следно видување ќе биде во странство.

На нашиот Мост на љубовта, катанците на вљубените уште не натежнале.