Кацарска: Орбан остана можеби единствениот поддржувач на Груевски во ЕУ

пред 2 месеци | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, Симонида Кацарска, извршен директор на Институтот за европска политика, зборуваше за посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан и поранешниот премиер на Словенија, Јанез Јанша на Охрид и средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

- Партнерството со Орбан постоеше, тој беше еден од ретките, ако не е и единствен поддржувач на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во јануари, фебруари и март оваа година, кога тој не успеа да формира влада. Во некоја насока, ова е легитимизирачка посета, меѓутоа, мора да имаме во предвид дека во моментот Орбан претставува една страна од партиите во ЕУ, односно претставува една доста порадикална десница, којашто се бори за она што го нарекува либерална демократија, односно десничарски ставови кои што не се често пати прифатени помеѓу другите партнери во ЕУ. Нешто што многу повеќе личи на моделот којшто го има Турција и Ердоган, и систем во којшто слободите и правата полека но сигурно се ограничуваат на многу нивоа, вклучително со медиумите, граѓанските слободи и се оди чекор понатаму. Еден од неговите поголеми успеси е што успеа самиот да ја уништи шемата за релокација на бегалците во ЕУ, којашто згасна поради неговите пораки и противење. Врската на ВМРО-ДПМНЕ со Унгарија, а во еден голем дел и со Австрија, имајќи ја во предвид посетата на министерот за надворешни работи, за време на кампањата минатата година, која беше многу повизибилна со тоа што го имаме сега. Треба да видиме дали во текот на локалните избори ќе имаме некоја повидлива посета. Оваа приватна посета на Охрид не е случај со она што го имавме во кампањата во ноември минатата година - рече Кацарска.