Бетон и барок - Скопје, град без зеленило

Автор: Никола Здравковиќ | пред 10 месеци | In depth

Метропола. Збор кој асоцира на Париз, Лондон, Прага... Изминативе години, многумина скопјани  претпочитаат на оваа група да и’ го додадат и својот град. Уметниците го гледаат Скопје како метропола на уметноста,  а ако ги прашате пак вљубениците во фудбалот, по Супер купот на УЕФА Скопје може да биде и фудбалска метропола. Но,  членовите на  “Дотерај го Скопје“ претпочитаат главниот град  да стане „зелена“ метропола. Нивната визија оди дотаму што во 2025 година, Скопје го гледаат како европска зелена престолнина. Првите чекори веќе се направени.

- Секој јавен напуштен простор, многу од изведувачите и комерцијалните фирми го гледаат како простор за градба. Ние сакавме тој процес да го подзапреме ако веќе не можеме комплетно да го стопираме, знаејќи ја реалноста се разбира. Нашата активност е токму во тој правец – да се поттикнат граѓаните да се грижат за јавните простори, за да не бидат оставени сами на себе и да не бидат препознаени за некоја друга потреба освен за таа основната која претходно ја имале - вели Мартин Трајчев од „Дотерај го Скопје“.

- Нашата идеја беше да го вратиме чувството на сопствеништво кај граѓаните. Многу повеќе од самите интервенции, мотивацијата да се грижиме за тоа што е пред нашиот двор, надвор од нашиот праг. Повеќе од 150 граѓани досега, вклучувајќи и организации, компании и индивидуални граѓани се имаат вклучено во иницијативата. Кога велам се имаат вклучено, тоа значи дека физички биле со нас на терен и помогнале да расчистиме, да засадиме и да разелениме на 50 локации низ градот Скопје - вели Атанас Димитров од „Дотерај го Скопје“.

Ентузијастите ги засадија првите корени,но нивната идеја треба да ја препознаат уште многумина. Меѓу нив и оние кои се „засадија“ во раководни фотељи  и од нивниот потпис зависи и градското зеленило.

Во 2011 Скопје доби опомена од СЗО дека не ги исполнува  минималните 9м2 зеленило по глава на жител. Дали градските власти извлекоа поука од тоа, но и од поразителните сознанија на новинарите?  Велат - грижата за овие површини е помеѓу приоритетите, како и дека постојано имаат стратегија за зачувување и унапредување на зелените површини, која веќе и ги надминува очекуваните резултати.

Според сегашните проценки градот Скопје располага со површина од околу 650 хектари јавно зеленило или 12,5 м2/жител. Постојната површина на зеленило ги задоволува европските критериуми. Согласно проекциите на ГУП за Град Скопје до 2020 година е предвидено зголемување на зелените површини, кое треба да изнесува 18,5 м2/жител.

Според евиденцијата  на  ЈП “Паркови и зеленило“ градските зелени во 2017-та бројат 725 м2 повеќе отколку во 2010-та.

За невладините кои се занимаваат со оваа тема математиката на градските власти не одговара на вистинската слика. Направиле сопствена евиденција излегувајќи на терен и броејќи  дрво по дрво.

- Веќе голем дел од зеленилата, околу 35% од зелената површина во потегот Мал ринг којшто го обработувавме, беше уништена. А според ГИС анализите кои ги правевме, предвидувањата беа со финална точка 2017-та како година, и беа дека зеленилото вкупно ќе се намали за околу 70%, а волуменот односно количеството на крошните на дрвјата кое често е еден од најголемите чинители на прочистувањето на животната средина во урбаните средини, ќе се намали до 35 или 40%. Исто така, во последниот отчет на Коце Трајановски за Скопје, тој вели дека има 330 илјади метри квадратни нова зелена површина во градот, чија градска површина е 225 километри квадратни. Што значи дека зеленилото со кое тој се фали не достигнува ниту 1% од вкупната површина на овој град - вели Ивана Драгшиќ од НВО „Плоштад слобода“.

Канцеларијата на УНДП во Македонија во соработка со Град Скопје прави обид да се дојде до точниот процент  на зеленило во градот. Почнаа со изработка на т.н. Зелен катастар  за кој ,велат,  е потребно време, но со кој ќе се избегнат шпекулациите околу точните бројки.

- Прво имаше геодетско снимање на зелените површини кои се во надлежност на градот, и сега се прави полнење на тие површини со атрибути, односно колку дрвја и грмушки има на тие површини и се очекува таа фаза да заврши во октомври оваа година. Ќе бидат опфатени 650 хектари зелени површини кои се во надлежност на градот. Понатаму се очекува овој катастар да се надгради со информации од општините и со информации од самите граѓани - вели Павлина Здравева од УНДП Македонија.

Невладиниот сектор и новинарите кои ја истражуваат оваа област, потенцираат дека честопати јавноста, но и надлежните, забораваат на уништените вонградски зелени површини, пред се’ на планината Водно.

- Мислам дека Водно има 4.753 хектари, толку е моментално запишано во годишниот план на “Паркови и зеленило“. Оваа бројка од 2010, не знам за претходно, значи од 2010 до 2017 е повторувана, буквално копи – пејст е правено на бројката и е ставана во плановите на “Паркови и зеленило“. Планови кои потоа одат до Советот на Град Скопје, таму 30-40 советници го гласаат овој план и тој поминува. Тој паушал за Водно, за вонградското зеленило, поминува и никому ништо. А истовремено на Водно имаме кула, имаме крст, имаме Сончев град, имаме пат до Сончев град, границата на Водно се шири и си се гради понатаму... Град Скопје чека од Министерство за животна средина да дојде да направи потег, Министерството чека од Град Скопје да направи некоја студија и сето ова се врти. А Водно го знаете какво е, еве се гради - вели новинарот Бојан Шашевски.

- Во изминативе 7-8, па и 10 години, немаше апсолутно никаква волја... јас известувајќи за овие теми немам видено апсолутно никаква волја од властите, било на локално било на централно ниво, нешто да се направи во врска со проблемите од животната средина. Да бидат работите уште полоши, со многу други проекти и работи што ги превземаат особено локалните власти, уште повеќе се загрозува животната средина - вели новинарот Жарко Настоски.

Дека постојано е впишувана истата бројка, говорат и податоците и на ЈП “Паркови и зеленило“.

Податоците кои ги прикажуваат надлежните говорат за една, но истражувањата на граѓанскиот сектор и на новинарите за друга, сосема поинаква слика. Градските мерачи на загаденост веќе го достигнаа врвот, а од година в година се повеќе скопјани вклучително и деца, умираат како последица на загадувањето и респираторните проблеми. Излез и решение се надзираше во изготвување и усвојување на на добар, цврст и темелен Закон за зеленило – односно прецизно уредување на зелените површини во смисла на нивна заштита и унапредување.   

Законот  го донесе  Собранието во март 2016-та,кога мнозинството го имаше ВМРО-ДПМНЕ. Но, дали овој закон стана чувар на зеленилото или упатство за заштита на неговите уништувачи?

Партијата ДОМ, како зелена партија, но и како тогашен владин партнер не го поддржа овој Закон. Како причина го посочуваат лицемерието на тогашната Влада која три пати го одбила нивниот предлог закон изготвен во соработка со институциите, а усвоила закон без суштина.

- Со тој вистински Закон за урбано зеленило требаше да се заштити на вистински начин зеленилото во градовите, во урбаните подрачја, онаму каде е најзагрозено населението и таму каде најмногу ни треба зеленило заради воздух и заради загадувањето. Понатаму, требаше да се спречи воопшто сечење на стебла над 40 центиметри пречник, требаше да се обезбеди задолжително вградување на зеленилото во документацијата при проектирањето во еден град и на една парцела, и потоа да се обезбеди најмалку 10 до 30% зеленило на ниво на градежна парцела, или севкупно да се води сметка да се стремиме кон 25 м2 зеленило на ниво на град - вели претседателката на партијата ДОМ, Лилјана Поповска.

За Поповска спорна е и математиката со која се дошло  до официјалните 12 м2 зеленило по глава на жител.

- Ние немаме попис на населението и не ја знаеме точната бројка на граѓани кои живеат во Скопје. Според сегашниве жители, се тврди дека бројката се движи некаде помеѓу 8 и 9 м2 зеленило по глава на жител - вели Поповска.

Законот предвидува парични казни за претпријатијата кои несовесно ќе ги третираат зелените површини, но од Град Скопје велат дека досега ниту едно претпријатие не е казнето. И додека за нив тоа е показател  дека се води сметка за зеленилото ,за невладините тоа е само доказ дека институциите меѓусебно се штитат.

- Ако го земеме предвид Карпош и плановите кои предвидуваат што ќе се случува наредните 10-ина години во Карпош, на Водно што се случува, во Аеродром што се случи, и неколку околни населби како Чаир и Топаана, ние се соочуваме со многу, многу поголеми проблеми од оние во кои живееме сега - вели Драгшиќ.

Пред  престојните локални избори граѓаните од неколку скопски општини  веќе порачаа  дека ќе гласаат за оној кандидат кој ќе гарантира заштита на зеленилото.

2025-та и визијата на “Дотерај го Скопје“ засега изгледаат далеку. Далеку изгледа и приближувањето на ставовите на властите и на засегнатите  од  состојбите со животната средина и зеленилото. Нашите соговорници од почетокот на оваа сторија  добиле ветувања дека кој и да раководи со општините после 15-ти октомври, тоа нема да ги одложи заложбите Скопје полека да се  претвора во зелена европска престолнина.