Гостивар без млади, Куманово во сообраќаен хаос, Штип во вода - почнаа локалните избори 2017

Автор: Славица Филиповска | пред 9 месеци | In depth

Гостивар, мултикултурно јадро во полошката котлина. Познат по најубавите баклави, но и по изворот на најголемата река во Македонија, Вардар. Како што водата од Вруток се излева и никогаш не се враќа, така и младите го напуштаат гостиварскиот регион во потрага по подобар живот. Официјална статистика за иселувањето нема,  но во центарот на градот ве пречекува плоштад полн со пензионери кои како да чуваат нешто и како да чекаат некого.

„Тешко, бегаат надвор луѓето, кој како ќе најде егзистенција.“

„Како кадри одат на запад и ги користат други, други ги користат тие кадри за жал.“

„Младите бегаат, немаат работа и бегаат. Секој млад сака да се вработи, да има иднина. Овде нема перспектива во градот и затоа бегаат. Останале само пензионерите.“

„Овде работа нема, сите си отидоа во странство. Учат децата школо, не знаат каде ќе работаат. Даваме пари по факултети, а не знаеме дали ќе се вработуваат или не.“

Но, локалните избори нема да ги одминат оние кои останале тука, па и они кои ќе одлучат на денот на изборите да се вратат во родниот крај. Гостиварци, за локалните избори имаат можност да одберат меѓу седуммината кандидати за градоначалници: Арбен Таравари – од Алијансата за Албанците, Невзат Бејта од ДУИ, Асаф Адеми од партијата БЕСА, Себајдин Изаири од ДПА, Шпат Исеини од Коалиција на Алијансата на Албанците,  Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ и Ленка Јовановска од социјалдемократската партија на Македонија.

Арбен Травари, само што стапна на функцијата министер за здравство, веднаш влезе во локалната трка за градоначалник. И тој го дели мислењето на граѓаните.

„Имав неколку статии за Гостивар, каде што опишувам дека за жал ова епразен град сега засега, каде живеат само старите лица, гледаме празни куќу, млади кои бегаат од Гостивар, бидејќи тука веќе нема надеж. Ако станам, а ќе станам градоначалник на Гостивар,имаме неколку приоритети. Прво е  училиштата да ги средиме, тие се во бедна состојба. Имаме четири универзитети и три училишта, ова е смешно но, таква е ситуацијата. Ќе направиме неколку работи за младите да не бегаат младите од Гостивар, бидејќи младите бегаат оттука.“

Таравари не жали за министерската функција. Вели, има многу работа и на локално ниво. Но за ризикот да остане и без министерското и без градоначалничкото место вели:

„Ќе водиме тивка и мудра кампања, сигурен сум дека ќе победиме.“, додава Таравари.

Но, градоначалничката фотелја нема намера да ја отстапи неговиот противкандидат од ДУИ, Невзат Бејта.

За него желбата за подобар живот кај младите е нормална работа, но свесен е дека тоа е голем проблем чие решение е добра економија.

„Нормално е дека некои од младите луѓе кои бараат подобар живот и се подготвени професионално да работат во различни европски земји, но и Европа, исто така, бара млади луѓе кои се во недостаток во нивните земји, а се со занает, не само од Македонија, туку од цел Балкан и им нудат подобри плати и тие се приморани да одат таму да работат. Ние ако  ја зацврстиме економијата и ќе им создадеме поволни услови, плати како што имаат таму, или малце пониски тогаш тие ќе се вратат во нивните родни места, без разлика каде работат.“

Бејта вели дека доколку на централно ниво не се понудат подобри услови, никој нема да може да го спречи одливот на млади кадри во странство.

На стотина километри од Гостивар, во Куманово, уште на влезот ве пречекува сообраќаен хаос.  Во градот проектиран за околу 10 илјади возила, денеска низ него минуваат речиси тројно повеќе. Нервозата од метежот, се чувствува насекаде во градот. Речиси и да нема кумановец, кој е задоволен од тоа како општината се справува со овие проблеми. Овдe печалбарството е стара тема.

„Хаос е во Куманово. И чистота и возила, кој каде сака паркира...“

„Улиците, сообраќајот, еве гледате како е кај нас. Како да се наоѓаме негде во Африка, во Индија, а не во една европска земја каде што тежнееме да бидеме.“

„Следниот градоначалник прво треба да го среди сообраќајниот метеж и улиците и се што е потребно за едно нормално живеење.“, велат граѓаните кои ги анкетираше 360 степени.

Според базата на истражувачката мрежа БИРН, инвестициите во капитални објекти по глава на жител во Куманово се најниски во Македонија.

За изборот на градоначалник овде кандидатури поднесоа повеќе партии. СДСМ го кандидира Максим Димитриевски, ВМРО ДПМНЕ Зоран Ѓорѓиевски, ДПА го предлага Беким Мемети, БЕСА –  Дритон Сулејмани, а од Алијанса за Албанците е Башким Османи.

И за дел од кандидатите со кои зборувавме потребно е итно и одржливо  решение  за сообраќајниот хаос.

„Факт е дека Куманово живее во еден сеопшт сообраќаен хаос. Имаме и голем број на нерегистрирани возила и тоа е еден сериозен проблем на градот, којшто градот, општината во иднина ќе мора да го реши и надмине, со тоа што ќе влеземе во сериозни инвестиции на регулација на сообраќајот. Градење на нови катни гаражи, дополнителни паркиралишта, уредување на урбанистички решенија, кои неминовно ќе мора да градат самите инвеститори дополнителни паркиларишта.“, вели Максим Димитриевски-кандидат за градоначалник на Куманово од СДСМ.

Димитриевски вели дека општината освен големиот број на жители, има и голем број на проблеми.

„Имам намера да ги решавам заедно со граѓаните сите проблеми, тргнувајќи од основна инфраструктура, подземна, надземна инфраструктур, сообраќајни решенија, хоризонтална – вертикална сигнализација во градот, но првенствено морам да напоменам дека хаосот е резултат и на самиот неодговорен однос на возачите коишто учествуваат секојдневно во сообраќајот.“, додава тој.

Кандидатот Зоран Ѓорѓиевски кој по вторпат ќе се бори за локалната власт предупредува на црните раскрсници во градот.

„За овие пет години требаше да се направи нов генерален урбанистички план, каде што сите тесни грла во градот требаа да имаат свое адекватно сообраќајно решение, кадешто оние опасни точки во градот каде има веќе погинато одреден број лица, платија со своите животи за лошите сообраќајни решенија, кои ќе го намалат сообраќајниот метеж и ќе ја зголемат безбедноста и нa возачите и на сите други учесници во сообраќајот.“, Зоран Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Куманово од ВМРО-ДПМНЕ.

Ѓорѓиевски кој не успеа да го победи противкандидатот на минатите локални избори, одлучил дел од старата предвидена програма, повторно да понуди.

„ Во 2013 едно од решенијата ни беше изградба на една меѓуградска автобуска станица надвор од градот, во близина на автопатот Александар Велики, така да гужвата што доаѓа од автобусите кои поминуваат во Куманово би ја намалиле на тој начин. Другите сообраќајни решенија кои ги нудевме тогаш, беа одредени кружници, кружно решавање на најкритичните места во Куманово. Сега со новата програма ќе имаме малку повеќе опфатени клучки, решавање на влезовите – излезовите од Куманово.“, додава тој.

На шеесет километри од Куманово е Штип. При првиот поголем дожд, дел од улиците во градот пливаат во вода. Тогаш и фотографиите постирани од штипјани ги „преплавуваат“ социјалните мрежи.

„ Кога ќе заврне дожд се знае, сите улици се поплавени, оти немаме доволно одводни канали за атмосферската вода.“

„За време на дождови како луња е ,како може да биде, несредено, неубаво, како да ви кажам... спрема тоа не сме задоволни.“, велат штипјани.

Но, има и задоволни од она што е направено за градот.

„Општо земено он се грижи за целиот град. За овој градоначалник зборам.“, ни раскажа жител на Штип.

Во трката за градоначалник на Штип влегуваат: Благој Бочварски од СДСМ, за првпат, и по вторпат за актуелната позиција-Илчо Захариев од ВМРО ДПМНЕ.

За младиот актуелен пратеник Благој Бочварски, неопходен е инфраструктурен  развој за градот.

„Апсолутно еден од најголемите проблеми и еден од проблемите кои мора во иднина да ги решаваме се инфраструктурните проблеми, за кои општината генерално во прв план треба да се грижи, треба да се подобрува и во делот на квалитетот и во делот на развојот на градот. Така што, инфраструктурно Штип е запоставен град, граѓаните имаат право, тоа го чувствуваме сите. Ни се случува при 15 минутен дожд  да ни се излеваат води од улиците, каде во претходниот се затворани атмосферските канализации, отвори за одводи за вода, каде што не се правилно развива инфраструктурниот дел на градот.“, смета тој.

Но неговиот противкандидат мисли поинаку.

„Штипјани велат, ако оса ве касне, ќе нема од каде да се намачкате со земја, бидејќи се е асфалтирано.“, вели Илчо Захариев – кандидат за градоначалник на Штип од  ВМРО-ДПМНЕ.

Захариев кој се бори за втор градоначалнички мандат, вели дека станува збор за само една улица.

„ Единствена улица, која поплавува во Штип е улицата Кочо Рацин. Таа улица е долга некаде околу 200 метри,  а Штип има некаде околу 200 улици. Таа улица носи голем нанос кој доаѓа  од високите делови на градот, од левата страна на реката Отиња и практично кога тие води доаѓаат носат талог и наплив под општината. Одлучивме таа улица да биде целосно реконстуирана.“, додава Захариев.

Актуелниот штипски градоначалник, вели дека работниот план му произлегува од потребите на граѓаните. Најмногу, барале патишта.

„Ние имаме веќе визии како тоа да го направиме. Сега градиме огромна обиколница во населбата Сењак, каде живеат скоро 25 000 од нашиот град, спрема населбата Пребек, индустрискиот дел која ќе оди до бањата Кежовица и ќе оди за регионалниот пат Радовиш  - Струмица.“, вели Захариев.

Но, на противкандидатот, штипјани му пренеле нешто поинаку.

„Штип во изминатиот период нема никаков крупен, инфраструктурен проект. Ако смета актуелната локална власт дека во асфалтирање на два сантиметри асфалт на улиците или промена и замена на бекатон коцки по тротоарите тоа е развој на градот, јас не се согласувам со тоа, меѓутоа тоа го тврдат и сите граѓани во контактите со мене. Тоа се гледа и во анкетите каде што се покажува дека градот бара крупни инфраструктурни проекти.  Она што ние го предвидуваме во нашата програма и ќе го реализираме е гасификација на градот Штип, еден од најголемите капитални проекти за нашиот град кој ќе го реализираме во иднина и тоа преку 20 километри инфраструктура во делот на гасификацијата во градот.“, изјави Бочварски.

Трката за градоначалници и советници и официјално започна.