Заев: Очекувам во 2018 Македонија да започне преговори со ЕУ и да стане 30-та членка на НАТО

на 9.2017 | Дебати

Во интервјуто за „360 Степени“ дадено од Њујорк, премиерот Зоран Заев зборуваше за меѓународната политика и шансите на Македонија за напредок кон евроатланските интеграции.

360 Степени: Во изминатите денови се сретнавте со десетина државници и меѓународни претставници. Што ви кажаа и што им пренесовте?

- Македонија блеска на меѓународен план и навистина испрати сериозни пораки на добри перспективи. Како мала земја ни требаат пријатели од секаде од светот, пред се ЕУ, но и САД, и целиот развиен демократски свет, затоа што и нашата земја и нашите граѓани тежнеат кон тоа. Ние сакаме да бидеме полноправна членка на НАТО и на ЕУ. Покрај реформскиот процес кој успешно стартуваше во Македонија, успешно се движи, важно беше да ги подобриме условите на соработка со нашите соседи. Тоа го направивме буквално, дури и со една пријателска Грција којашто навистина е пријателска, имаме добра соработка на сите полиња, освен што, секако, тие имаат проблем со нашето уставно име. Одлучивме дека нема ниакаква штета, напротив, можеме да имаме само корист и полза ако градиме пријателство, и во моменти на пријателска атмосфера би било многу поизвесно да се изнајде решение коешто би било прифатливо за двете страни. За нас многу важно е да го одржиме нашиот идентитет, нашата посебност како нација, како народ, како држава, а притоа секако, сите знаеме колку е важно тоа за нашиот исчекор кон НАТО и ЕУ. Сите овие средби на меѓународен план којшто ги направивме верувам дека само ја зацврстуваат позицијата на Република Македонија. Јас очекувам Балканот да чекори навистина заедно во своите перспективи. Моите надежи ги споделувам многу транспарентно, и јас и целата Влада, со граѓаните, иако некогаш ни викаат дека тоа е можеби преоптимистички. Верувам во оптимизмот и верувам во позитивниот потстрект на сите. Очекувам во 2018 Македонија да започне преговори со ЕУ, свесен сум дека Грција и тука е важен актер, но верувам дека навистина Македонија ќе биде и 30-та земја членка на НАТО - рече премиерот Заев.