Заев: Со кој и да се поздравите кажувате нешто. На Трамп му посакав успешен старт на реформите во ОН

пред 3 месеци | Дебати

Во интервјуто за „360 Степени“ дадено од Њујорк, премиерот Зоран Заев зборуваше за ракувањето со американскиот претседател Доналд Трамп.

360 Степени: Вашето прво ракување со Доналд Трамп предизвика реакции во јавноста по што владиниот ПР тим мораше да се дообјаснува. Имавте ли навистина време да размените по некоја реченица со претседателот на САД?

- Со кој и да се поздравите, кажувате нешто. Значи, никаде не е немо поздравувањето. Точно е, дефиницијата дали било средба или е настан е за дилема, еве, веднаш се корегиравме, ние рековме, сме транспарентни и сакаме да го слушнеме гласот на граѓаните, и воопшто немаме никакви предрасуди. Но, чесно беше како и другите кои се ракуваа со претседателот Трамп, така и јас, да посакам успешен старт на реформите во Обединетите нации. Тоа беше разговорот со којшто го споделив со него. Беше возвратено благодарам и толку. Но, навистина, тоа е и средба. А еве, нека се дефинира како настан. Ние се корегиравме како настан. Тоа го направивме на начин на којшто доликува на сите, достоинствено, и впрочем, таму бевме само со министерот за надворешни работи, којшто се обиде да го слика настанот, што е многу нормално. Немав асистенти, во делот на советниците или слично. Впрочем, тоа го прават и сите така. Зошто? За да можеме транспарентно пред граѓаните да кажеме дека имало настан на којшто е возвратена честитка, односно посакана среќа по повод реформите којшто е една од сериозните теми овде во ОН - рече Заев.