Во пресрет на референдумите - која е вистината околу Стратегијата за мигранти и странци?

Автор: Петар Клинчарски | на 9.2017 | In depth

„Винојуг“,  13-ти септември 2017-та година. 

На само неколку чекори направени внатре во транзитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија, навидум се создава атмосфера дека никој не живее, односно не престојува тука. Бијдеќи како што можете и самите да слушнете, овде владее мртва тишина. Но, каква е реалната состојба во кампот овде, ќе ви прикажеме во следните неколку минути.

Пеколните температури на југот ги принудуваат мигрантите да се кријат во импровизираните живеалишта. Сенка бараат и нивните верни другари. Во Центарот во моментот има 20 мигранти. Никој не планира да остане во Македонија – едни сакаат да се вратат во Грција или Турција, други да продолжат кон Западна Европа. 

Но, не само сега. Овде веќе со месеци центарот е речиси презен. Официјалните податоци за првата половина од годинава покажуваат дека на месечно ниво, освен во јануари и февруари, немало повеќе од 40 мигранти.  

Тивко е и на граничниот камен 59, кој ги дели Македонија и Грција и каде во ова време минатата година минуваа илјадници бегалци и мигранти. Полицајците не можеа да се сетат кога последен пат забележале бегалци или мигранти како се обидуваат да влезат на македонска страна.

Ништо не е поразлично и на северот на Македонија, во Табановце. И визуелно и статистички.

Во транзитниот центар престојуваат 14 полнолетни мажи и 1 малолетник. По затворањето на балканската рута, и овде бројките се или стагнирачки или во опаѓање.

Според податоците на УНХЦР, од почетокот на 2017-та до крајот на август, 98 лица побарале азил во Македонија, од кои најголем дел ја напуштиле земјата пред да ја добијат одлуката за нивното барање. Ниту овие Сиријци кои престојуваат тука веќе еден месец, не планираат да се задржат долго.

И кога Балканската рута беше отворена и преку неа проврвеа стотици илјади мигранти, но и сега кога е затворена, Македонија за нив е само транзитна зона. И овие малкумина ќе си заминат, без да знаат дека актуелната партиско-политичка битка во Македонија се води на нивен грб, со организирање референдуми за тоа дали да им се дозволи да се населат.

Меѓу општините во кои ќе се спроведе референдум на локално ниво е и Гевгелија. Пулсот на овдешните жители, пред чии очи поминаа илјадници мигранти и речиси никој не остана, отчукува различно:

„Ако некој сака да си ги прифати мигрантите нека си ги носи таму кај што предлагаат. Зошто во Велес, зошто во Македонија?“

„Не за друго, ние и така не можеме да најдеме крај со крај, уште мигранти ни требаат“.

„Во јавноста нема ништо. Ни мигранти, ни пари за градба. Ако даде ЕУ тоа е друго ќе градиме'.

„Зависи од случајот. На кому му е нужно да се прими, на кому не – да се врати“.

„Тоа е измислица и пропаганда на опозицијата. Нити има, нити ќе дојдат“. 

ВМРО ДПМНЕ ја наметна приказната за прием на илјадници мигранти и бегалци во Македонија и таа кулминира со иницијативи за референдуми паралелно со локалните избори. Партијата инсистира на ставот дека предложената нацрт-Стратегија за интеграција на бегалци и странци 2017 – 2027 година, предвидува масовно населување мигранти низ цела Македонија.           

- Со измените што ги предлага МТСП, тогаш ќе има олеснето доделување државјанства на овие лица, олеснето нивно сместување и изградба на цели станови, населби, згради, понатаму нивен олеснет пристап до градинки, училишта на сметка на граѓаните на Македонија, како и засилено вработување а сведоци сме дека вработувањата и тоа како се потребни на граѓаните на Македонија - вели Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Дали е оправдан стравот за населување бегалци и мигранти или станува збор за кампања во функција на подобар резултат за партијата на локалните избори? Ваква Стратегија имаше и во периодот 2008 – 2015 година, додека на власт беше ВМРО ДПМНЕ. И таа се занимаваше со прашањата за обезбедување домување за овие лица, нивна здравствена заштита, образование, вработување, па се до добивање македонско државјанство. Покрај Стратегијата, претходната власт донела уште еден документ „Резолуција за мигрантската политика во Македонија 2015-2020 година“. И во него, заради интеграција на странците, се предвидува од домување до целосно прифаќање во општеството. Во јануари 2015-та година, Собранието ја изгласало Резолуцијата со поддршка на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ.

Претседателот на Здружението на млади правници Зоран Дранговски објаснува дека законската процедура оневозможува голем број лица да добијат статус на азиланти или бегалци. Причината е што секое барање се разгледува индивидуално, а тој процес трае и до две години. Од независноста на Македонија до денес, само 38 лица добиле статус на бегалец. 22-ца се од косовската и од босанската бегалска криза, а останатите 16 од новите миграциски движења. Бројот на лица под супсидијарна заштита, односно оние што не се признаени за бегалци, но им е признаено правото на азил во Македонија, е неколку стотици.  

- Уште во 2009 година, откако стапи на сила Стратегијата, во рамки на МТСП е формиран Центар за интеграција на бегалци и странци. Овој Центар треба да им помогне на оние лица кои имаат некаков статус во државата да ги остварат своите права како образование вработување, домување. Во Македонија имаме 600 лица кои ги ужуваат тие права. Тоа се лица под супсидијарна заштита, односно претежно лица од косовската бегалска криза и ги уживаат правата на образование, социјална помош, на пазарот на трудот. Така што ова е систем кој што веќе функционира во Р.М - вели Дранговски.

Министерката Мила Царовска тврди дека актуелната нацрт-Стратегија се однесува токму на лицата што се останати тука од косовската криза, а не на бегалците кои транзитираа преку Македонија. За овој проблем, вели Царовска, била свесна и претходната власт и затоа во 2012-та година тогашниот министер Спиро Ристовски побарал од општина Сарај парцела за изградба на станбена заедница за да се сместат овие неколку стотици лица за кои се уште се плаќа кирија.

- И во новата стратегија исто се однесува на овие луѓе што не им е решено прашањето уште од кога се дојдени во Македонија. Тие останале во Македонија и го регулирале својот статус тука. Дел од нив може ќе се вратат на Косово, дел ќе останат во Македонија. И ние согласно законот може да продолжиме да плаќаме кирија или можеме да изградиме станови. Но, во моментот ниту се градат ниту се бараат парцели, ниту пак има социјални станови на располагање, дали на нашите граѓани на Р.М дали оние што треба да ги заштитиме согласно закон, а се со регулиран престој во Македонија или се бегалци - вели Царовска.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, самиот признава дека мигрантите не сакаат да останат во Македонија, но не и верува на владата кога го кажува истото. 

- Сите ние сочувствуваме со тие мигранти и сакаме да им помогнеме доколку поминуваат како транзит низ Македонија, а и тие не сакаат да се задржав во Македонија. Затоа што бараат земја која што е побогата и ќе им пружи подобри услови. Но, намерата на Владата да се дозволи некаде да прими огромен број на мигратни, се шпекулира со бројка над 100.000 луѓе во Македонија, е таква што сосема можам да ја разберам реакцијата на граѓаните а најмногу можам да разберам што не веруваат во единствениот аргумент што го кажуваат дека тоа било нереално - вели Груевски.

Царовска, пак, ја прашавме - што ако на локалните референдуми мнозинството се изјасни позитивно за населување мигранти, кои ги нема?

- Тоа ќе биде најголемиот апсурд, кога ќе речат да ние сакаме мигранти, бегалци или што и да е, ние ќе речеме добро ама нема, епа добро супер. Значи успеал референдумот, 100.000 евра се потрошении за што – за кое прашање, за нешто што не постои. Навистина апсурдот е огромен - вели Царовска.

Бегалците и мигрантите кај нас се бројат на прсти, а драматично е намален бројот и на нови пристигнувања во Грција. Според УНХЦР, во првата половина од 2017-та, споредено со истиот период лани, се евидентирани за 94 проценти помалку новодојдени мигранти кај нашиот јужен сосед.