Колку време ни треба да го уништиме најстарото езеро во Европа?

Автор: Славица Филиповска | пред 9 месеци | In depth

Охрид-најубавото од Македонија. Минатата година во него имало 840 000 ноќевања на туристи од целиот свет.

Охридското езеро - меѓу најстарите во Светот. УНЕСКО го заштити. А ние? За Охрид и Струга завршува уште една туристичка сезона. Двата града, викенд-населбите, камповите беа преполни. Туристите дојдоа и си заминаа. Некои ги затекнавме како се пакуваат со вакви спомени. Дел од децата што летувале на охридските плажи, добиле црвени пликови по телото.

„Повеќето деца и ние постарите се исфрламе. На доктор кога одиме секогаш ни кажуваат дека тоа е од водата, понатаму ништо не знаеме, немаме никакви други информации за водата. Значи, претпоставувам дека се од фекалиите, дали работат пречистителните станици или не, значи нешто не е во ред со водата, нема што друго да биде.“, ни раскажа Снежана од Скопје, која 30 години летува во Охрид.

За да ги расчистaт сомнежите, повеќе кампери и љубители на езерото се одлучиле да направат микробиолошка анализа за квалитетот на водата. Меѓу нив и Марко Трошановски кој, иако побарал резултати за квалитетот на водата и за пиење и за капење, ги добил само за пиење.

„Резултатите што ги добивме, според новиот Правилник усогласен со европската регулатива, велат дека нивото на загаденост на водата е поголемо во урбаните делови. Не е она слика како езерото што може да се пие,каде и да влезете во него, онаа слика што ја имаме ние како јавност. Напротив, повеќето урбанизирани делови имаaт вода со понизок квалитет којшто сепак е прифатлив, меѓутоа е минимално прифатлив  од аспект на нивото на загаденост. Бактериите кои ги најде анализата која ние ја нарачавме се дефинитивно од фекална природа.“, вели Трошановски.

Екипата на „360 степени“ ги затекна на терен и лаборантите од Центарот за јавно здравје во Охрид кои вршат тековни анализи на микробиолошкиот и хемискиот состав на водата.

По една недела, директорот на Центарот, Сашо Точко, ни ги презентира резултати добиени од 10 плажи.

„Од микробиолошкиот дел сите води се со одлична класификација според законска регулатива, додека за водите што се работеа со хемиска анализа, покажа дека некои води имаат и втора класа но сето тоа е во границите на дозволеното.“, рече Точко.

Но, ваквите резултати не се континуирани, додава Точко, кој напоменува дека колекторскиот систем за Охридското езеро не функционира најдобро, а дел од плажите работат со приватни дотраени пречистителни станици.

„Сме имале секакви инциденти да кажам, испуштање на одредени нечистотии, посебно во делот на колекторскиот систем онаму каде што пумпните станици или не работат или се во дефект. Сме имале наназад години, одредени нарушувања на квалитетот на водата. Истотака имавме и имаме до ден денес делот каде што реките се вливаат во Охридското езером, тоа е кај Велгошка река, во делот на Грашница кај градска плажа, реките Косилска и Сатеска од време на време знаат да покажат лош квалитет водите кои се наоѓаат во непосредна близина на вливот на овие реки.“, вели Точко.

Сите овие тврдења не потикнаа да истражиме како функционира колекторскиот систем и дали езерото е заштитено од фекалии.

Ова го потврдиле двете студии на јапонската агенција за меѓународна соработка „Џајка“, со кои пред неколку години е направена целосна ревизија и план за реконструкција на системот.

Заедно со јапонските експерти, студијата ја следел и Дејан Пановски, поранешен држевен секретар во министерството за животна средина, еко-активист и вљубеник во езерото. Пановски предупредува - Охрид и езерето се пред канализациски колапс.

„Се` она што се влече како вода по целиот оној систем кој е посебно под градот Охрид, од ден на ден е се поголема темпирана бомба, која доколку не се започне со санирање набрзо и со нејзина рехабилитација може да предизвика хаварија, а една хаварија на тој систем ќе предизвика хаварија и на квалитетот на водата на Охридското езеро и тогаш сме завршиле со сето она што ни е познато како вредност на Охрид и на Охридското езеро.“, алармира Пановски.

Јапонските експерти со робот ја снимиле внатрешноста на колекторскиот систем. На дел од фотографиите се забележува дотраеност на бетонските цевки, сраснати корења, несоодветни приклучоци, разни отпадоци - најмногу влажни марамчиња.

При првиот поголем дожд, дотраените цевки и секундарните шахти се прелеваат, по што низ градот се шири неподнослива смрдеа, вели Пановски.

Некои мештани, како на пример пензионерот Крсте од Пештани, никогаш и не се приклучиле на Колекторскиот систем поради имотно-правни спорови и забрана од комшиите за копање во нивниот имот, па за чистење на приватните јами се снаоѓаат индивидуално.

„Ние 30 години живееме без колектор овде, а најскапите комуналии ги плативме ние, тоа значи општината нема никаков надзор. Се снаоѓаме ние, секоја куќа има јами, тоне водата во јамите, кога ќе се наполни мораме со трактори со пумпа да ја испразни и така си крпиме, друг излез немаме.“ ни раскажа Крсте Лазески од Пештани.

360 степени ја помина рутата по која се протега колекторскиот систем. Дел од шахтите шират непријатна миризба покрај езерото, а дел се во визуелно добра состојба. Кај месноста Воска, на градска плажа, се забележува дека имало излевање на мешавина од фекални и атмосферски води директно во Охридското езеро. Пумпните станици, пак, делуваат како да се во фаза на распаѓање.

Ова е пумпна станица во селото Подмоље меѓу Охрид и Струга, каде се влеваат дел од фекалните води од Охридскиот регион. Тука фекалните води преку пумпи треба да се пренесат до пречистителна станица, но во моментов забележавме дека од четири пумпи работи само една.

Влеговме и во централната пречистителната станица во струшко Враниште, која е речиси во целосен застој. Последната пумпна станица, која е дел од централната прочистителна, воопшто не е во функција, па водата не може да стигне до базените за прочистување.

Овде е предвидено да се случува одделување на талогот од водата, а потоа и нејзино хемиско третирање, така што водата, целосно прочистена, би се излеала во реката Црн Дрим. Но, главната прочистителна станица личи на запуштен имот, обраснат во трева и со ‘ргосана опрема.

Наместо да се прочистува, водата преку оваа огромна цевка, уште пред станицата, се излева нетретирана во Дрим.

Сето ова му е добро познато и на раководството на меѓуопштинското претпријатие „Проаква“, задолжено за колекторскиот систем. Претпријатието тоне во долгови, а државниот ревизор констатирал и преврабротеност. „Проаква“ едвај го одржува колекторот. Ова без задршка ни го потврди и техничкиот директор Сашо Сотировски.

„Можам да ви кажам дека ние вршиме само тековно одржување на колекторскиот систем и ништо повеќе, односно не можеме да извршиме повеќе од едно винклување односно санација на еден електромотор или санација на еден редуктор којшто би служел како спрег на систем за транспортирање на една пречистелна станица во текот на неколку месеци. Значи во  шест месеци, ако санираме максимум две витла, бидејќи се со забот на времето дотрошени, односно амортизирани. Би упатил апел до Владата на Република Македонија доколку е во можност и има слух да ни се обрати, да извршиме комплетна ревизија на колекторскиот систем како би дошло до непречено функционирање на системот од источниот до западниот брег на Охридското езеро за да не се случи еколошка катастрофа.“, изјави Сотировски.

Решение за проблемот понудиле и јапонските експерти, но тоа би чинело најмалку 54 милиони евра, пари за кои градоначалникот Никола Бакрачески вели дека општина Охрид ги нема. Токму поради финансискиот колапс, Бакрачески барал помош од две влади - онаа со која раководеше неговата ВМРО-ДПМНЕ, но и сега од новата, предводена од Зоран Заев.

„Јас знам кaква е финансиската состојба на Охрид и отприлика имам податоци за тоа како стои финансиската состојба и во општина Струга. И двете општини немаат големи можности за исплаќање на финансиски ресурси за оваа намена. Наидовме на, би рекол разбирање од страна на претставниците на Владата на Република Македонија и ни дадоа уверување дека Владата во наредниот период ќе се заложи за изнаоѓање на финансиски средства и можности овој проблем да се реши. Очекуваме тие заложби да вродат со плод.“, вели градоначалникот на Охрид.

Бакрачески е задоволен од се побогатите туристички сезони но, тој не верува дека таа бројка и бројните градби го оптоваруваат системот.

„Се надевам дека со овој број на градби што ги има Охрид и со овој број на туристи којшто се реализира во текот на една година се уште нема опасност од преоптеретување на системот, меѓутоа повторно ќе кажам, физибилити студијата предвидува не само реконструкција и репарација на системот туку и надградба како еден можен предиктор на идно ширење на градовите Oхрид и Струга.“, додава тој.

На брза реакција апелира и Пановски. Вели, решенијата ги даде јапонската експертиза, но доколку нивната реализација не започне веднаш, може да биде предоцна.

„Треба да се направи резервоар во месноста Воска, кој што ќе го обезбеди влезот на фекалната вода, односно невлегувањето на фекалната вода во колекторскиот систем. Потоа ќе треба со една нова јапонска метода, којашто тие ја употребуваат да се обвие од внатрешната страна со пластифициран материјал секоја од цевките, приоритетно  14 километри од системот, како не би дошло повеќе до истекување на фекалната вода на непрописен начин, меѓутоа и до мешање со атмосферската. Со тоа пластифицирање од внатрешна страна, кое не бара ниту копање, ниту е некаков проблем, ние ќе заштитиме огромен дел. Потоа влегуваме во една друга фаза, затоа што зборувам за период од 15 до 20 години на целосна рехабилитација.“, вели Пановски.

Доколку дојде до еколошка катастрофа, на езерото ќе му бидат потребни 70 години за да ја обнови водата по природен пат.

„Сакам да споделам една индијанска поговорка, убавината и посебноста на ова езеро не ја наследуваме од нашите предци, туку ја позајмуваме од нашите деца и внуци. И  така треба да го третираме.“, со емоција порача Марко Трошановски.