Интервју со амбасадорот Гарет: Владата имаше добар старт, постигнатото со Софија и Атина е ветувачко

Автор: Владимир Мирчески | пред 2 месеци | In depth

„360 степени“ разговараше со британскиот амбасадор Чарлс Гарет во пресрет на посетата на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на Форин офисот во Лондон.

Амбасадоре, кога последен пат со вас разговарав, во екот на вжештената политичка атмосфера за тоа дали нова влада ќе се формира, ми рековте дека една од првите задачи на новата влада, треба да биде да ја ослободи Македонија од она што Европската комисија го нарече „заробена држава“. По првите 100 дена од мандатот на новата влада, која е вашата оценка?

Мислам дека тоа е многу важно прашање – „заробена држава“ како што ЕК го наведе е многу сложен проблем што задира во секој агол од естаблишментот, од општеството. Така што, справувањето со него е директно поврзано со поголемото прашање на движење на реформите напред. Тоа, исто така значи дека одзема многу време за со него да се справи. 

Не постои волшебно копче што ја запира состојбата на „заробена држава“. Оттука, тоа е нешто што ќе трае. Првите 100 дена од новата влада се навистина прерано за да се даде конкретна оценка. Но, новата влада ја изрази својата определба за справување и тоа е добар почеток. 

Една од главните препораки од  меѓународната заедница во изминатиот период беше дека мора да се расчисти скандалот со прислушкувањето и, како што се вели, да се истражат наводите од разговорите за злоупотреби на моќта и јавни пари. Дали тој процес се одвива на задоволителен начин?

Од мојата позиција однадвор, невозможно е да се каже.... Немаме увид во деталите за тоа што се случува, но изгледа дека „тркалата се вртат“. Исто така, сметам дека ова е многу важна точка. Во текот на политичката криза, се до потпишувањето на Договорот од Пржино велев дека е клучна соодветна истрага на овие многу сериозни обвинувања за одржливо решение на политичката криза. Тоа останува така. Гледајќи напред не може такви сериозни обвинувања да останат без истрага зашто тоа е лошо за владеењето на правото, за општеството. Затоа, добро е што тие истраги продолжуваат.

Како ја оценувате улогата на опозицијата во изминатите неколку месеци? Од една страна, ВМРО-ДПМНЕ порача дека ќе го смени односот кон меѓународната заедница и кон етничките Албанци, а од друга, формираше 10 пратенички групи, со кои ја одолговлекува и блокира собраниската процедура за некои големи прашања.

Мислам дека е добро што сите политички партии се застапени во парламентот. Тоа не секогаш беше случајот во земјата. Мислам дека е суштински важно сите во парламентот да ја играат соодветната улога. Парламентот е централен од аспект на реформи и на придвижување на земјата напред и затоа е многу важно сите претставници во парламентот, како и сите партии, да ја играат соодветната улога, не само според пишаните правила, туку и во согласност на духот на тие правила. 

Во однос на надворешната политика на Македонија, новата влада промовира нов пристап и политики односи кон соседите. Дали ова, заедно со евентуални резултати во реформите, може да ги деблокира евроатлантските интеграции на Македонија?

Во право сте дека двете суштински компоненти се реформите и подобрување на ситуацијата со добрососедските односи. Но, станува збор за сложена слика која бара време за навистина да се разбере дали нештата се движат во вистинската насока.

Секако, имаше многу добар старт, владата беше целосно јасна за својата определба за напредок во реформите и она што е постигнато со Софија и со подобрувањето на односите со Атина, навистина е многу ветувачко.

Но, времето ќе покаже и мислам дека поместувањето кон деблокадата на патот напред ќе бара многу напорна работа, многу храброст и флексибилност од сите, независно дали е влада, политички партии или поединци.

Што мислите за формулата што ја промовираше премиерот Заев - РМ да ја добие поканата за членство во НАТО под привременото име, а прашањето за името да се реши во периодот на ратификација на пристапните протоколи во националните парламенти?

За ова прашање би се реферирал на одговорот на Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дека доколку се покаже дека тоа е взаемно прифатливото решение тогаш може да се направи почеток. Мислам дека тоа е доста јасно. Останатото се однесува на реформи и определба да се продолжи во таа насока.

Повторно, се уште е рано нешто за тоа да се каже, но изгледа дека добар старт е направен. Друго нешто што би додал е дека е исклучително охрабрувачки што по толку долга фаза на политичка криза конструктивно и позитивно се разговара за реалните шанси за напредок за ова прашање.

Утре, министерот за надворешни работи Димитров ќе го посети Форин офисот во Лондон. Што треба да се очекува од оваа посета?

Може да очекувате доста позитивни вести од оваа посета. Долго време Обединетото Кралство има фундаментален интерес за Западниот Балкан и Македонија во однос на безбедноста, стабилноста и просперитетот. Тоа ќе продолжи – до Брегзит, за време на Брегзит и по Брегзит. Целосно очекувам соработката и односот на поддршка со Македонија да продолжи.

Фактот што Британија е домаќин на Самитот за Западен Балкан 2018, како продолжение на собирот во Трст и Самитите претходно, е добра илустрација за тоа колку сме ние посветени на регионот и на Македонија. Така што, има многу за што да се зборува. Г-динот Димитров ќе се сретне со министерот за Европа и Америка Сер Алан Данкан кој во февруари беше во Скопје и ќе разговараат за овие теми и како нашите две земји можат да соработуваат... Министерот, г-дин Димитров во Лондон, во Вестминстерската фондација за демократија ќе зборува за Македонија и за незјините погледи на ситуацијата.