Дали тие што не живеат во Македонија треба да гласаат на локални избори?

Автор: Славица Филиповска | пред 10 месеци | In depth

Дали луѓе што не живеат во Македонија и немаат никаков допир со прашањата од локален интерес, треба да гласаат на локалните избори и да решаваат за тој ќе биде градоначалник и член на општинскиот совет? Во потрагата по одговорите тргнавме со прашање до граѓаните.

„Па треба нормално, зашто да не гласа?  Што има врска и тие биле државјани, утре може ќе се вратат тука, нормално.“

„Не не, тие што живеат овде треба да одлучуваат.“

„Ние треба да одлучиме сами. Тие немаат работа со нас овде, тие си имаат по 2-3 илјади евра, 20 илјади евра плата, ние за 5 000 работиме.“

„Треба да гласаат. Они не доаѓаат, ама редно е да гласаат.“, велат граѓаните за 360 степени.

Со оглед на тоа што доволно е да се биде на избирачкиот список и во Македонија на денот на изборите, на изминатите локални избори сведочевме на различни злоупотреби и проблематични ситуации во повеќе општини. Еден беше феноменот што Пустечани добија адреси во Ресен и во скопски Центар, а друг – организираните авионски летови и автобуски конвои со кои ДУИ ги донесе своите поддржувачи од дијаспората да гласаат во Кичево.

Македонски државјани на привремена работа или престој во странство се сметаат сите оние кои имаат лична карта со живеалите во Македонија  но, привремено претстојуваат во странство повеќе од три месеци, или се на привремена работа или престој во друга држава повеќе од една година. Праксата за тоа дали граѓаните што не живеат во родната земја треба да гласаат за локалните избори, е различна во различни земји. 

Во Националниот демократски институт во Македонија, Крис Хеншо и Роберт Скот доаѓаат од различни земји и носат различни искуства за тоа кој има право да гласа на локалните избори во нивните матични земји. Иако со години живее во Македонија, Роберт Скот, кој потекнува од Соединетите Американски Држави,  вели дека има право да гласа на изборите во својот роден град во Тексас.

„Во мојата сојузна држава Тексас секоја година во јануари аплицирам за да имам можност да гласам прекуокеански со јасна назнака дека планирам да се вратам во матичниот Тексас, така што можам да гласам за гувернер на Тексас, за членови на Претставничкиот дом и Сенатот во Тексас, а можам да гласам и за избор на градоначалник и совет во мојот град, како и членови на за училишниот одбор. Тоа е начин да останам поврзан со матичната сојузна држава, и се уште да бидам вклучен во политичкиот процес. Тоа го правам во изминатите 13 години во кои живеам во Македонија“, вели Роберт Скот – заменик – директор во Националниот демократски институт.

Тој додава дека иако живее во Македонија, плаќа даноци и во матичната држава, па гласањето на избори е начин да се учествува во одлучувањето за тоа како се трошат јавните пари.

„Секоја година мораме да плаќаме даноци, пополнуваме даночен формулар за тоа што и го даваме на државата за разни активности и за да управува, така што имаме право на избор како тие даноци ќе се трошат. Вистина е дека Американците кои живеат надвор од својата земја не треба, до определен праг, целосно да ги плаќаат даноците, но откако ќе го надминете тој праг даноците мора да ги платите. Идејата е да се учествува во тоа како доларите на даночните обвзрници се трошат дома.“, вели Скот.

Неговиот колега Крис Хеншо, кој исто така со години живее и работи во Македонија, објаснува дека ситуацијата во Велика Британија е поинаква.

„Немам право да гласам на локални избори, но имам многу други права на локално ниво. Сметам дека тоа е така зашто за разлика од Тексас и САД, локалните избори се вистински политички избори во смисла на раководење со Советот и целата област. Ние не гласаме посебно за училишни одбори и слично, туку се согледува широката слика за која немам право да гласам поради тоа што не сум локален жител. Имам право, на пример, да учествувам во локални прашања поврзани со развојот на мојата улица на која живеам и властите ме прашуваат за мислење за развојот иако во моментот престојувам во друга земја бидејќи поседувам куќа во таа улица. Сепак, на локалните избори немам право да гласам.“, вели Хеншо, кој е директор во НДИ Македонија.

Неможноста да гласа на локалните избори во Велика Британија, Хеншо ја оправдува со тоа што тој не е локален жител, бидејќи живее во Македонија.

„Во Обединетото Кралство голем број од градските области се расцепкани на помали области кои ги нарекуваме „зони“ и избираме тројца локални советници да ја претставуваат таа „зона“, но не гласаме за целата општина, ниту за градоначалник. Секоја од тие „зони“ е многу мала, така што мојот претставник навистина е локален, многу ми е познат. Верувам дека она што системот го вели за тоа локализирано ниво каде околу 3.000 гласачи избираат советник, е дека како жител што престојува во друга земја, не сум вклучен во развојот на тие улици, како и во настаните и политиката и затоа не ми е дозволено да гласам.“, додава тој.

Разликaта меѓу Соединетите Американски Држави и Велика Британија по прашањето на гласање на иселениците или лицата на привремена работа во странство сепак не се единствени. Со ова прашање се занимавала и Венецијанската комисија, која направила споредбена анализа за избирачкото право во 57 држави, меѓу кои и Македонија. 

Во прилог на широкото гласачко право оди тезата дека:

„Основата за правно признавање на граѓаните е принципот на државјанство. Така, граѓаните на една земја, во принцип, ги уживаат сите човекови права прифатени од таа земја.“

Од друга страна, легитимен аргумент против гласачкото право на оние во странство според комисијата е дека: 

„Во ... малите општини, понекогаш одлучувачки за исходот на изборите се мал број на гласови па дури и еден единствен глас може да биде клучен. Оттаму, се поставува прашањето, дали на локални избори треба да биде дозволена вклученоста на државјаните надвор од земјата ако можат да го одлучат мнозинството.“

Дури и најлибералните системи, кои дозволуваат сите да гласаат за сите избори, сепак имаат ограничувачки механизми.  

„Норвешка е ... отворена за правото на глас на нејзините државјани кои живеат во странство така што 10 години ги чува нивните имиња на избирачкиот список во локалната власт каде што биле регистрирани пред да ја напуштат земјата. Кога периодот од 10 години ќе помине, гласачот мора да поднесе барање за регистрација до Изборната комисија.“

Заклучокот е дека не постои унифициран систем. Примерите сепак покажуваат дека поголемиот број на држави дозволуваат иселениците да гласаат на парламентарни избори, но многу често не и за локалните.

Токму поради дилемата, колкаво треба да биде влијанието на дијаспората во политичките процеси во една земја, голем број на држави имаат и генерални ограничувања . За разлика од Македонија, каде во моментов тоа право не е ограничено, во Германија на пример, ако нивен државјанин е надвор од земјата 25 години го губи правото на глас од дијаспора. Сличен модел има Велика Британија, каде правото се губи со 15 години иселенички стаж. Канада е многу порестриктивна со граница од 5 години, а меѓу најригорозните е Турција, каде е доволно гласачот да е повеќе од 6 месеци во странство.

Со оглед на тоа што нема унифициран став дали оваа категорија на граѓани треба да гласаат на локалните избори во родната земја, остануваат аргументите за  и против и кај нас. 

Мене не ми пречи, јас живеев во странство, 47 години во Германија. Не ми пречи, би требало и дијаспората да гласа. Доаѓаме тука секоја година или двапати годишно и нас исто не интересира, фамилијата ни живее тука.

 Во ред е што праќаат пари, ама не може да одлучуваат кој ќе биде градоначалник или кој ќе биде советник.