Директорот на ФЕС, Живковиќ: Ако не изградиме заедничка демократска држава, ќе ја снема поддршката

пред 5 месеци | Дебати

Во разговор за „360 Степени“, Милан Живковиќ, директор на канцеларијата во Скопје на германската фондација „Фридрих Еберт“, зборуваше за резултатите од Самитот во Трст и за поддршката на Германија кон новата македонска влада..

- Поддршката на Германија кон новата влада не е само финансиска, иако дефинитивно тоа е еден од аспектите. Значи поддршка за демократијата односно инклузивност. Македонија, односно СДСМ, коалицијата пред изборите и постизборната реторика што ја имаше, се базира на инклузивните политики, односно вклучувањето на сите прогресивни актери во општеството и креирање на политики којшто ќе значат едно општество за сите. Ние како фондација, секако дека тоа го поддржуваме, а германската влада, без разлика кои се актерите и партиите во таа владина коалиција, секако дека ги поддржува истите тие процеси. Поддршката на Германија за Македонија во целиот овој процес, без разлика дали е во рамки на Берлинскиот процес или вон тоа, секако дека е поддршка за градење на едно инклузивно општество. Тоа општество кое беше ветено и се надеваме дека е почнат процесот. Меѓудругото, не се тоа само позитивните ветувања од страна на канцеларката и од страна на владата на Германија, тоа значи една голема одговорност. Пораката којшто се праќа е дека како држава немаме веќе втора шанса. Тоа е една сериозна порака којашто се праќа и до Владата на Република Македонија, но и до сегашната опозиција. Не може да се гледа ова како процес кадешто владината коалиција или пратениците во парламентот којшто ја сочинуваат таа страна ќе туркаат на една страна, а другите на различна. Апсолутно значи дека мора да се најде заеднички јазик. Пораката секако е сериозна, бидејќи ако не успееме во градење на таа заедничка, инклузивна држава, во која ќе владее демократијата и владеењето на правото, секако дека поддршката, не само што ќе биде повлечена, туку ќе сноси и одредени санкции - рече Живковиќ.