360° Трудни за радост, бремени за тага

Автор: Славица Филиповска | на 12.2016 | In depth

Во едно од најсиромашните места во Европа, живее млад брачен пар кој го очекува своето најголемо богатство.

„Кога дознав дека сум бремена, чувството беше прекрасно, беше многу убаво. Подобро чувство од тоа нема.“, вели Елизабета Ајдин, жителка на Шуто Оризари.

Владата ветува бесплатна здравствена заштита за бремените жени, но во реалноста таа е најскапа за најсиромашните.

Понеделник е денот кога привремениот гинеколог треба да ја посети Шутка.

„Денеска е понеделник, погледнете, нема ни трага од доктор.“, вели Салија Бекир од Иницијативата на Жени на Шуто Оризари.

Македонија во 21 век.

Елизабета Ајдин живее во Шутка. Најголемата општина со ромска популација во Македонија. Заедно со нејзиниот сопруг Рамадан тие  ја очекуваат првата принова во семејството.

„Никогаш нема да го заборавам тој ден, затоа што скокав од радост, се радував, почнав и да плачам, затоа што го чекав ова дете две години.“, ни раскажа Елизабета.

Сместени во својот нов дом од пред неколку недели, младиот брачен пар се соочува со низа проблеми.

„Моментално работа немаме ниту јас - ниту сопругот. Јас и да сакам да работам не можам, бидејќи сум бремена. За сопругот се трудиме многу, баравме многу работа, но никој досега се нема јавено, никој го нема побарано. Чекаме и како да ви кажам, ден за ден, така правиме.“, вели Елизабета.

Оваа жена е во петиот месец од бременоста, но таа не посетила гинеколог речиси еден месец. Денеска е денот кога се надева дека ќе го дознае полот на првороденчето. Но, за да дојде до одговор, таа е принудена да патува во други општини. Во местото каде шти живее сега,  гинеколог нема.

„Денеска ќе одам на преглед, имам закажано во 12 часот, но морам да патувам до Чаир, бидејќи тука немаме наш матичен гинеколог. И сега морам до автобуска, па со автобуси да се матам, до Чаир, па назад, ама мора да одам затоа што тука немаме, а да имаме тука матичен гинеколог наш би било многу полесно.“, посочи таа.

Доктор Флора Докуљумани е гинекологот што го следи развојот на бременоста на Елизабета.

 На нејзината стручност сметаат уште 1 500 жени кои се нејзини пациенти во моментов. Докторката имала понуда да работи и во Шуто Оризари, но одбила.

„Одбив затоа што мислам дека како овде, пак треба да се плати кирија, јас не би можела да седам со пет пациенти, со десет пациенти, мене тоа ми е мотив да работам. А, кога би ми нудела одеднаш за колку пациенти да бидам одговорна, а не од нула да почнувам, тогаш зошто да не, од утре би почнала.“, вели докторката.

Ќерката на Докуљумани, како и многу други доктори од Македонија, одлучила да работи во странство, каде може да заработи многу повеќе.

Во оваа поликлиника Елизабета ги доби информациите за тоа како се развива нејзиното бебе. Во моментов околу 220 илјади жени во Република Македонија исто како неа, немаат пристап до матичен гинеколог во својата земја, а дел од нив никогаш во животот не направиле ниту гинеколошки преглед.

Да. Шуто Оризари не е единственото место во Македонија без гинеколог. Во повеќе од половина општини во државата се живее со истата реалност.

Жените се принудени да патуваат и над 30 километри до најблискиот град за преглед.

Официјалните податоци покажуваат дека бројката од 138 гинеколози во земјава кои имаат склучено договор со Фондот за здравство е недоволна за здравјето на околу 720 000 жени.

Но, министерот за здравство Никола Тодоров ветува дека работите ќе се сменат со тоа што ќе ги стимулира медицираните да се запишуваат на специјалистички студии по гинекологија.

„Остана еден сериозен сегмент на т.н матични гинеколози, кои во државава се во прилично недоволен број, односно има вкупно 138 и заради тоа се одлучивме да објавиме трет оглас за кофинансирани специјализации за вкупно нови 47 гинеколози или специјализации по гинекологија со што практично за  34 проценти ќе го зголемиме вкупниот број на матични гинеколози во земјава.“, вети Тодоров.

 За еден гинеколог да специјализира потребни се повеќе години години. Но, што дотогаш?

„Можеби е добар потег, не можеби, е добар потег, меѓутоа мислам дека е задоцнет потег. Тие гинеколози ќе бидат специјалисти по 5 години. Што во тие 5 години? Значи, нови немаме прилив, а многумина од нас во тој период ќе заминат во пензија. Се има капацитет, физички не можеме да постигнеме веќе да прикрепиме и да прегледаме квалитетно повеќе жени.“, вели др. Душко Филиповски, претседател на Здружението на приватни гинеколози.

Соочени со ваква реалност, група на жени од Шуто Оризари формираа Иницијатива, преку која волонтерски тим ги информира бремените и родилките за нивните здравствени права.

„Буквално од куќа на куќа ги информираме жените и мажите кои се заинтересирани. Влегуваме буквално во секоја куќа и ги информираме за нивните здравствени права, потоа социјалните и семејните права и дискриминацијата. Најчесто луѓето не знаат дека имаат прекршено право од областа на здравството, социјалата и дискриминацијата или репродуктивните права, па најчесто кога ќе ги информираме, тогаш се свесни дека им е прекршено некое право.“, објаснува Салија Бекир.

Таа вели дека нередовните прегледи доведуваат до загрижувачки просек на смртноста кај новороденчињата која во Македонија е трипати повеќе од европскиот просек.

„За време на истражувањето кое го имавме кон крајот на 2015 и 2016, две новороденчиња починаа за жал, потоа се случува уште една доенечка смртност, а знаеме дека според последната статистика која ја имаме, смртноста е во подем кај ромската популација.“, вели Бекир.

„Не ми кажаа што е, дали е машко или женско, а многу сакам да знам, многу е возбудливо внатре.“, посочи Елизабета по прегледот.

Овој млад брачен пар, својата принова ја чека во јануари. Иако не го дознаа полот, се надеваат на здраво дете, кое ќе расте со сите потребни услови за пристоен живот.