Храната на депонии, граѓаните гладни

Автор: Славица Филиповска | пред 8 месеци | In depth

За работниците во Комунална хигиена во Скопје работниот ден почнува во 7 часот. Распоредени во осумдесет камиони тргнуваат да го собираат сметот - од пластичните канти поставени во секој двор и од јавните контејнери на улиците и булеварите.

Нивната рута е организирана, но не и фрлањето смет. Во овој камион истовремено се „меле“ и пластика и хартија, трева, стакло, но и големи количини храна - дел со поминат рок, но и дел употреблива.

Домаќинствата и фирмите во Скопје заедно, секој ден депонирааат околу петстотини тони отпад. На годишно ниво, една третина од сметот е всушност храна. А, државата досега не успеа да обезбеди целосен механизам за селектирање на отпадот.

Директорот на скопското комунално претпријатие Ракип Дочи е свесен дека поголем дел од храната која завршува во канта е употреблива, но смета дека поради непрописното фрлање, комуналните работници ја затекнуваат во процес на распаѓање. Дури и да е исправна, таа ќе заврши на депонијата Дрисла, бидејќи досега никој не размислувал како толку многу храна да се искористи на поинаков начин.

„За да се складира храна потребни се специјални садови, кои би биле со разладување за да не дојде до расипување на таа храна, бидејќи ако се расипе веќе нема можност истата да се користи за исхрана и тука е големиот ризик. Сепак, таквата опрема би била скапа. Ние досега не сме размислувале, меѓутоа сепак граѓаните можат, треба да се најде начин. Законите не ги носиме ние, ние ги спроведуваме законите, сепак законодавецот е тој што може да предизвика во иднина такви законите, каде што граѓаните нема да ја одлагаат храната во контејнер би биле мотивирани на кој било начин за истата да ја донираат на одредени институции кои би се формирале за таа намена.“, вели Дочи.

И додека едни ја фрлаат храната, други немаат ниту да преживеат.

Овие луѓе, чиј број постојано расте, секоја сабота на истото место го чекаат оброкот кој им го делат невладини организации. Меѓу нив е и Наиле Џемаилова, која се надева дека ќе остане оброк плус за да му го однесе на многудетното семејство што ја чека дома.

„Седум деца имам јас, и немам работа каде да работиме, вака со просење, и вака што земаме храна. Питам, просам, тоа е. Ако просам ќе јадам, ако не ќе стоиме вака, ќе умреме од глад.“, вели Џемаилова.

Останатите, со нервозен поглед, ја избегнуваа нашата камера. Кога ја исклучивме, почнаа да зборуваат - дека имаат покрив над глава и пензија која нe стигнува ниту за сметките.

„Ова е седмичен оброк што се дава во сабота, секоја сабота веќе четири години во 13:00 часот се подготвува храна со помош на „Ретвитни оброк“, кои ја готват храната и ја носат тука и различни граѓани од Македонија и компании кои помагаат, ја носиме тука храната ја пакуваме како што можевте да видите и им ја даваме на оние кои се социјално загрозени и бездомници  и луѓе на маргините кои живеат во нашата држава.“, ни раскажа Весна Богеска од Здружението „Љубезност“.

Хуманитарните организации делат по 200 оброци секоја сабота, веднаш до спомен куќата на хуманистката Мајка Тереза во Скопје. Со донаторите комуницираат преку социјалните мрежи.

„Ние имаме фејсбук-страна, значи „Ретвитни“ исто имаат фејсбук-страна, обично ни се обраќаат на фејсбук или на Твитер, каде што сакаат да донираат, па така се организираме.“, додава Богеска.

Друга невладина, пак, преку мрежа на организации во повеќе градови низ државата, се обидува директно да лобира кај компаниите да донираат, со што е формирана т.н. банка за храна. Таргет се пекарите, супермаркетите и останатите производители кои на дневна основа располагаат со големи количини непродадена храна која има краток рок на траење.

„Можеби за некого се скромни бројките петстотини тона, меѓутоа верувајте за оние на кои им ја даваме таа храна е повеќе од потребна.“, вели Душко Христов, претседател на Банката за храна Македонија.

Храната ретко кога се задржува подолго во магацинот. Тимовите на банката веднаш ја дистрибуираат според евиденцијата на социјални случаи. Но, со компаниите оди потешко. Бирократијата трае подолго од рокот на траење на храната. За компаниите е поедноставно да ја фрлаат отколку да ја донираат, зашто донирањето ги води во процедурален лавиринт за даночно ослободување.

„Сето тоа се должеше или должи на фактот што се уште имаме еден многу слаб Закон за донации и спонзорства и што во изминатиот период барем ние додека сме во етерот, како невладина, последните 7 години, онаа донација која беше намената  за Банката за храна беше од страна на Управата за јавни приходи несоодветно третирана од аспект на тоа што наместо да ја контролираат донацијата, односно договор, тие малтене ја затвораа фирмата на подолго време.“, додава Христов.

И додека на депониите низ Македонија годишно завршуваат до 6 500 тони храна или 17 тони дневно, невладините евидентирале дека околу 445 илјади граѓани во земјава живеат со само еден оброк во 24 часа.

Од оваа бројка, државата преку проектот „Народна кујна“ обезбедува оброк за само 3.500 граѓани. Храната ја готват приватни фирми, кои добиле на тендер. Оброкот е четвртина бел леб и чинија манџа. Но, за оброк чекаат и дијабетичари и инвалиди кои мора да внимаваат што јадат. Во народната кујна во скопско Маџир Маало, на списокот за храна чекаат 32 лица, иако реалната бројка на оние што во оваа населба имаат потреба од оброк е поголема. Сето тоа се должи на фактот што за да добијат порција државен оброк, тие мора да приложат извод од матичната книга на родени, а поголем дел воопшто не се евидентирани во системот и не постојат за државата.

„Тука доаѓам да земам храна, не сум вработен земам социјално и така. Треба да се подобри, повеќе храна, повеќе оброци, со еден оброк, не е доволно, треба повеќе оброци. Повеќе мерки да преземат за социјалните случаи.“, вели Синиша Никовски – жител на скопско Маџир Маало.

Македонија, според бројот на население, е осма во светот по фрлање храна. Од граѓанската платформа „Ајде Македонија“ велат дека треба да се ослободат од кривична одговорност граѓанските организации и донаторите во случај на несакани последици кај оној што ја примил храната, ако таа е донирана во добра волја и ако во тој момент е безбедна за консумирање. Бараат и поедноставување на даночните процедури за компаниите-донатори.

„Нашата идеја е наместо досегашните најмалку милион и пол евра, што министерството за труд и социјала ги даваше во проектот „Народни кујни“, кои не беа вклучени народни кујни, туку беа обични простории во кои се делеше храната, тие пари да се искористат, да се направат навистина да се опремат кујни кои ќе ги работат хуманитарните организации низ Македонија, а храната која што е вишок да се носи наместо да се купува нова  и од постојните 3 500 до 4 000 корисници на овие народни кујни, ние да стигнеме до 13 000 луѓе со по три оброка дневно. Така ние не само што ќе обезбедиме вредност од 10 до 11 милиони евра од храна директна, еден вид нова социјална програма во Македонија, од друга страна ќе ги намалиме трошоците на комуналните претпријатија тоа да го носат на депонирање, ќе ги намалиме трошоците на компаниите и ќе го намалиме големиот отпечаток кој никој не го пресметува, а тоа се климатските промени.“, објаснува Блаже Јосифовски од граѓанска платформа „Ајде Македонија“.  

Министерката за труд и социјална политика бара време за да се коригира законската рамка и да им се овозможи на фирмите и на граѓанските организации полесно да се вклучат во дистрибуција на храна во социјални цели.

„Тој закон не е доуреден со подзаконски акти. Не кажува ни како ќе се плаќа, ни како ќе се склучуваат социјални договори ни кој е системот на мониторинг од страна на државата, ништо не е доуредено. Tоа ми кажува дека ние немаме плурален систем на социјална заштита, aко го немате уредено значи дека и не постои. Затоа и ми е потребно време,  веќе е формирана група за нов Закон за социјалан заштита, таа работна група со професори од универзитети, граѓански организации и институции ќе го исцртаат новиот систем на социјална заштита, ќе го вклучат социјалниот договор внатре и со тоа ние ќе дадеме можност граѓанските организации со склучен договор со министерството го организираат дистрибуирањето на храна.“, вели министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Во соседна Бугарија, банката за храна функционира 10 години и обезбедува храна за 35 илјади граѓани. За тоа придонеле и законските измени, според кои донаторите не плаќаат данок за храната со рок помал од три месеци.

Во Франција, пак, која е светски лидер во селективно и организирано депонирање храна, донаторите добиваат 60 отсто даночно ослободување за донацијата и други поволности.

За вакви решенија Македонија ќе почека. Дотогаш, за голем број наши сограѓани, контејнерот ќе остане фрижидер.