СДСМ во Влада, ВМРО-ДПМНЕ на власт - зошто новата власт досега смени едвај 12 од 500 директори?

Автор: Зоран Јованоски | на 7.2017 | In depth

Новата Влада донесе над 140 решенија за разрешување директори и членови на управни одбори поставени од претходната гарнитура. Така стартуваше Никола Груевски во      2006-тата, уште на првата владина седница.

За дел од експертите, „метлата“ за стотина директори и речиси илјада членови на управни одбори, беше незаконска. Сепак, тоа не беше пречка новата власт да најде начин да ја „легализира“ чистката.

По 11 години Македонија за прв пат има политичка Влада која не ја води Никола Груевски. Споредено со начинот на кој ВМРО ДПМНЕ ги „презеде институциите“, работата сега оди бавно. На што се должи разликата?

Еден месец од првата седница на владата на Зоран Заев, новото мнозинство успеа да доведе свои кадри, што директори што в.д. директори, на 12 позиции и да смени управен одбор на само една институција. А местата што вообичаено се пополнуваат со политички одлуки се далеку повеќе.

На државно ниво, Владата избира околу 500 директори и уште 2 200 членови на управни и надзорни одбори. Во надлежност на извршната власт се и уште 1200 раководители и директори на локалните канцеларии на државните институции.

Овие бројки значат дека партијата што ја води Никола Груевски се уште има свои луѓе на бројни позиции, а со тоа контрола и влијание над тие институции. Така, на пример, се случи, директорот на ЕЛЕМ кој е од ВМРО ДПМНЕ пред три недели да распише тендер од 80 милиони евра, без согласност од новата власт.

Министерот за администрација и потпретседател на СДСМ Дамјан Манчевски вели дека воспоставувањето на новата власт е отежнато поради законите донесени од претходната влада.

„За да го смените директорот на одредено јавно претпријатие, потребно е претходно да дојде до промена на управниот одбор во тоа соодветно јавно претпријатие. За да ги смените членовите на управните одбори на јавните претпријатија потребно е тие да исполнуваат одредени услови. За да бидете член на Управен одбор на одредено јавно претпријатие, дури и тоа да е, на пример, „Македонски шуми“, мора кандидатот да има положено тест за англиски јазик, психолошки тест итн., како да се вработува во јавната администрација, што апсолутно не одговара на реалноста и она што се потребите и задачите на еден член на Управен одбор во одредено јавно претпријатие или агенција. Сосема друга работа е за директорите,“ објанува Манчевски.

Но, законите се на сила и мора да се почитуваат. За пример: директор на Управата за јавни приходи се бира по спроведен јавен оглас, што значи дека се потребни и неколку недели за избор само поради процедурата. Кандидатот, меѓу посебните услови, треба да има барем пет години искуство, психолошки тест, тест за интегритет и меѓународно признат сертификат за познавање англиски јазик. Бараното ниво на познавање на јазикот не е високо, но за тестовите и сертификатите, повторно, потребно е време.

И покрај ваквите одредби новата власт назначи кадар во УЈП кој не ги поседува сите квалификации. Но, за да не го прекрши законот, новата директорка е само вршител на должност.

Член на Управен одбор, пак, на пример на државно јавно претпријатие, бира директно Владата, но и тој мора да исполнува одредени посебни услови. На пример: три години работно искуство, тест за интегритет и повторно меѓународно признат сертификат за познавање англиски јазик. Тука, нивото на познавање јазик е основно, но повторно, потребно е време да се обезбедат документите.

За да ги забрзаат работите, Манчевски вели дека ќе ги сменат законските одредби, но само за именувањата во управните одбори. На пример, да не постои услов за познавање странскиот јазик или психолошки тест. За директорите, се ќе остане по старо. Но, дали таквите „олеснителни“ околности значат и дека новата власт, нема доволно соодветни кадри?

„Она што можеме да го кажеме е дека не само СДСМ, туку Македонија се соочува со недостиг на кадри. Ние раководните места ќе ги пополниме. Тука немаме проблем како политичка партија, но генерално и покрај проблемот на преголемата вработеност во јавната администрација, имаме сериозен недостаток на високообразован стручен кадар особено во одредени области. Во моментов нивото на исполнетост на раководители на сектори, главниот оперативен раководен кадар во министерствата, да не одам подолу, е не повеќе од 40 проценти. Тоа е така оставено од претходната власт, не разбирам од кои причини,“ тврди Манчевски.

Марта Арсовска Томовска беше министер за администрација токму во времето кога се донесоа овие законски одредби. Не сака да коментира зошто новата власт има проблем при изборите и именувањата, но сигурна е дека кочница не се сегашните процедури.  

„Закажувате за полагање и одите полагате, мислам дека не повеќе од два – два и пол часа трае тестирањето и го вадите сертификатот. Ова барање за познавање странски јазик не само што беше услов за директорите, туку и за вработените во јавната администрација, по препораките на Европската комисија и на СИГМА. Експлицитно беше кажано, уште во документите што ни ги праќаа тогаш кога ги правевме законите уште во 2012 година, со тоа што се инсистираше да се оди на стандардизирани тестови, на меѓународно признати тестови,“ објаснува Арсовска Томовска.   

Опцијата – смена на законите, кај екс министерската создава сомнеж дека би се направила поради скриени намери.

„Менувањето на законот воопшто нема врска со откочување на работата, никаква врска, допирна точка нема со тоа. Јас тоа го гледам како еден обид повторно да се спуштат критериумите, односно да се вратат на оние кои постоеја порано, пред да ја направиме реформата и на мала врата да се обезбеди, за вработените во јавниот сектор, можност за било какви влијанија: роднински, пријателски, партиски итн. Во однос на директорите, законите не се никаква пречка, напротив законите се во функција да се одберат најдобрите менаџери,“ смета таа.

Универзитетскиот професорот по управно право Драган Гоцевски не вели дека законите се идеални. Напротив, смета дека на многу места се конфузни. Но, не гледа проблем познавањето на англискиот јазик да остане критериум. Гледа проблем што не се вреднуваат и домашните дипломи.

„Во услови кога ние се доближуваме до Евроатланскиот сојуз, до НАТО, кога се бориме за претпристапни преговори за членување во ЕУ, очекувајте дека и јавните служби ќе бидат изложени на се поголем контакт со странскиот фактор и ќе мораат да читаа и да се соочуваат и со прописи и со акти и со литература на странски јазик. Второ е прашањето на каков начин тоа познавање ќе се докаже, дали е неопходно да биде меѓународно признаен сертификат, ТОЕФЕЛ, ИЕЦЕЛ итн., или ќе се одлучиме да им веруваме на домашните установи кои издаваат сертификати за познавање странски јазик или ќе им веруваме на нашите приватни центри кои издаваат сертификати,“ вели Гоцевски.

Но, дали намерата да се постават свои луѓе на директорски и други позиции сама по себе е обид за партизација?  

„Демократијата во суштина и е политички процес. Страшно е ако се избираат и именуваат лица кои не исполнуваат критериуми таму каде е пропишано да ги исполнуваат. Доколку ги исполнуваат сите критериуми, тогаш, тоа е тоа, демократијата и е политика, политички процес. Не би рекол дека тоа е партизација во негативен контекст. Партизација е, зашто изборите се, условно речено... Една политичка партија да собере најмногу гласови и со тоа да докаже дека има највисок легитимитет и таа да формира извршна власт. Таква е играта,“ смета Гоцевски.

Одговорот на Манчевски и на СДСМ е дека процесот е оправдан. И законски и политички.

„За да се ослободи Македонија и за да не биде повеќе заробена држава мора да дојде до промена на власта односно до реално преземање на власта од страна на новата власт. Како тоа да го направиме ако ги оставиме истиве луѓе да ги водат истите институции со кои што Македонија стана заробена држава? Но, од друга страна, апсолутно мораме да ги почитуваме законите,“ изјави Манчевски.

Во ситуација во која опозицијата обвинува за партизација, власта се брани дека процесот е комплициран, а времето - кратко, професорот Гоцевски гледа само еден пат како правилно да се реализираат разрешувањата, именувањата и изборите:

„Бидете транспарентни! Објавувајте, обзнануваат што правите. Најавете што планирате да направите, најавете кого планирате да именувате, дајте наратив во јавноста за да јавноста гледа што вие правите. Се што се прави заткулисно, што се прави брзо и преку ноќ, е скриено и остава простор за критика и остава простор за шпекулации и квази толкувања, да се појавуваат контроверзии... Така да најдобар штит од било какви обвинувања е транспарентноста,“ порачува професорот Гоцевски.