Како ДУИ сепак прифати законот за Албанскиот јазик да оди на анализа пред Венецијанската комисија

Автор: Васко Попетревски | на 7.2017 | Дебати

Во интервју за „360 Степени“, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, зборуваше за новиот закон за унапредена употреба на албанскиот јазик, првичното противење на ДУИ тој да оди на анализа пред Венецијанската комисија и подоцнежната согласност за тоа.

360 Степени: Овој документ вели дека во овие три месеци владата ќе усвои нов закон за унапредена употреба на албанскиот јазик во Република Македонија и дека по неговото усвојување во владата, тој ќе биде упатен на експертска анализа во Венецијанската комисија. Зошто на крај решивте да ја прифатите оваа сугестија која што, колку што разбирам, доаѓала лично од еврокомесарот Хан, а првично се противевте, и вие и вашиот лидер Али Ахмети.

Османи: Дозволете ми да го објаснам контекстот. Овој е последниот закон од Охридскиот договор за кој немаше политички консензус помеѓу двете заедници, не помеѓу партии, помеѓу Албанците и Македонците. По 20 години ние успеавме да постигнеме политички интер-етнички консензус и овој закон е толку прецизно калибриран бидејќи беше тежок процесот на калибрирање и усогласување на деталите од законот. Постоеше грижата дека девијацијата од ова прецизно калибрирање може да го декомпонира целиот процес на договорот на овој закон. Но, Владата и коалициските партнери имаат политички договор и е посветена и одлучена овој закон да го помине во Собрание. Се согласивме во Влада и наскоро ќе го усвоиме. Имаше неколку сугерирања од меѓународниот фактор дека не треба да дозволиме евентуално по усвојувањето да се дозволат гласини кои можат да ја оспорат уставноста на законот и ова прашање да не го затвориме туку да отвориме уште еден...

360 Степени: Зошто тие аргументи првично не ви беа прифатливи а потоа ги прифативте?

Османи: Ние, јас лично, ДУИ и Владата, вклучувајќи го тука и СДСМ мислиме и понатаму дека законот треба да се усвои што побрзо. Мислам дека овој закон не треба да се остави за понатаму бидејќи ќе биде дел од изборните агенди на партиите и ќе се киднапира како тема.

360 Степени: Чекајте, не по ваша волја законот оди на Венецијанска комисија?

Османи: Дозволете ми да го завршам контекстот. Значи, идејата е да се усвои што побрзо и ќе се усвои брзо. Ние сме прифатиле по усвојувањето во Влада, законот паралелно да се испрати и во Собрание и во Венециската комисија. Додека трае постапката во Собрание, бидејќи не сакаме да одиме со брза постапка туку сакаме да дозволиме дебата во Собрание бидејќи е важен закон, во меѓувреме Венециската комисија да даде мислење за законот со цел да ги зближиме. Значи, расположението и договорот е да биде паралелен процес. Ова не го одолговлекува процесот на усвојување бидејќи ако се доцни премногу дискусијата во Венециската комисија, Собранието веќе ќе го заврши процесот. Но, е интерес Венециската комисија да даде мислење пред да заврши дебатата во Собранието и кога ќе го завршиме, да бидеме комплетирани. Никој утре да нема простор да отвори дебата во Уставен суд или другите институции за уставноста на законот.