360° Правдата не е достапна за сите

Автор: Никола Здравковиќ | на 1.2017 | In depth

Нов ден во Скопје. Градот кој и денеска на дел од жителите ќе им пружи шанса од своите работни места да го израдуваат капитализмот. На друг дел пак, ќе им отвори нови фронтови. Исклучок не се ниту судските работници и адвокатите. За нив, нов работен ден. За Димитрија Тодоровски, уште еден ден во децениската битка за правда која ја води пред домашните судови. Зад лицето на човекот кој би требало со уживање да ги очекува пензионерските денови, се крие човек кого поранешниот работодавец и државата 10 години го оковале за судските столчиња. Првите му приредувале секојдневни сопки пред да го отпуштат по 38 години работен стаж, додека втората му одзела земјиште на Водно.

„Јас го имам тоа, сите документи. Кога е купено, од кого е купено, имам и правосилно решение дека е купено, признаници од тој што ни го продал, каде тој признава дека зел пари тогаш и тогаш, и сето тоа е заверено. Одевме дури и до Шабац за да му доплатиме на човекот. Значи, сите работи. И судот ништо, а мојот адвокат си бара пари. За еден дел ми има земено 180.000 денари, односно 3.000 евра. И еве сега пак во влече тоа, го држи три години, веќе четири. Ќе ми отидат уште 3.000 евра сигурно.“, вели Тодоровски.

Годините минати низ судските ходници, оставаат трага врз лицето и волјата на Димитрија. Но најголема трага, се чини оставиле врз неговиот џеб.

„Тоа е мачење кое чини многу пари. Судиите влечат, адвокатите влечат, и тие се всушност во ист ранг – ги интересираат само парите, и во состојба се да те одерат. Само измислуваат, пишуваат, дури не те ни прашуваат што ти треба да се напише. Јас така на доверба, кога адвокатот ми рекол потпиши ми, му потпишав шест бланко листови. Еден од листовите искористил и си напишал дека тоа е полномошно со кое го ополномошнувам да располага со моите средства, и ми извадил од сметката 154.000 денари... “, раскажува Димитрија.

Сепак, колку длабоко и да бркал Димитрија во џебот за да даде на адвокатите, од ланскиот јуни раката треба да ја завлече уште подлабоко. Така му налага новиот тарифник на Адвокатската комора. За правникот Мирослав Драганов, овој тарифник е јамка околу вратот на обичниот граѓанин.

„ Ако таа основица тогаш беше 50 евра, за таа тужба што ќе ја поднесе адвокатот, па нека е и најголемото тужбено барање за спорот кој ќе го води еден граѓанин, адвокатот ќе ви земеше 3.000 денари зголемени за 30% паушал и зголемени за 18% ДДВ зашто адвокатите се даночни обврзници. Тоа доаѓаше некаде околу 4.600 денари за образложен поднесок за првостепена постапка, а кога ве застапува пред суд се зголемуваше за дополнителни 20%, и имаше дополнителни зголемувања за повисоките степени. Е па, тие 50 евра што беа тогаш, кои во една почетна фаза би биле 4.600 денари со тие 18 и 30% , сега видно се зголемуваат зашто во голем број од тие спорови адвокатската тарифа ја утврдува максималната тарифа чија основица сега е 18.000 денари односно 300 евра.“, толкува Драганов.

Математиката му ја поткрепува и фактурата на Димитрија.

„Гледате колку е тоа, тоа се страшни цени! Видете – 16.300 денари, 9.100, 7.020, 3.900... кога ќе го соберете ова, а не е еднаш зашто на рочишта одиме по шест, седум па и осум пати, ќе видите дека сето ова ме чини 67.680 денари.“, пресметува Тодоровски.

Од каде потребата за нов тарифник? Одговорите ги побаравме кај најповиканите – адвокатите.

„ Повеќе од десетина години тапкаме во место со оваа тарифа. Таа не е ниту мрдната од кога е донесена, а се’ останато гледано на нотарите и нивната тарифа и тарифата на извршителите, сите тие работи се зголемени согласно актите на овие две институции, а само адвокатската тарифа стоеше на едно место, односно ниво кое што искрено, не е својствено на работата која што ја вршат адвокатите. “ , објаснува адвокатката Бисера Митиќ.

На слична бранова должина е и нејзиниот колега Игор Марковски.

„ Тарифникот е донесен нудејќи и апропо на правните услуги кои ги даваме ние адвокатите, меѓутоа се избегнуваат подоцнежните постапки и подоцнежните плаќања. На граѓанинот можеби ова ќе му биде голем износ, а не кажувам дека претходно на нотар плаќал три пати повеќе или пак должникот на извршител, меѓутоа сега нема да дојде до проблеми. Тоа е најбитната работа. “

Во тарифникот на Адвокатската комора стои дека нејзиниот Управен одбор тарифниците ги изготвува согласно трошоците за живот. Според Државниот завод за статистика, просечна македонска плата е нешто над 22.000 денари, додека Сојузот на синдикати вели дека просечно четиричлено семејство за да ги покрие основните тршоци за живот треба да располага со барем 32.000 денари. Семејство со еден вработен би имало јаз во буџетот од цели 10.000 денари. Знаејќи ги овие податоци, се наметнува прашањето - според која равенка и кои параметри е изготвен тарифникот на Адвокатската комора?

Дилемите се обидовме да ги решиме со Управниот одбор на Комората. Оттаму велат дека со Тарифникот се внимавало на џебот на граѓанинот и дека македонските адвокатски тарифи се најниски на Балканот. Иако трошоците покажуваат значајно зголемување изминативе 20-ина години, од Комората посочуваат дека тарифникот не бил усогласен со нив од 1993 година.

Според индексот на пораст на трошоците на живот, доколку биле тековно усогласувани наградата и надоместот на трошоците за работа на адвокатите од 1993 година, тие би биле зголемени за повеќе од 540%. Сепак, Адвокатската комора, при прецизирање на Тарифата, имајќи го предвид социјалниот аспект, не ги промени износите за награда и надомест за поднесоците со барање до 10.000 денари. Потенцираме и дека направена е надградба на висината на адвокатските услуги единствено за судски спорови со поголема вредност.

За најсиромашните, велат од Комората, адвокатите се обврзани да пружат бесплатна правна помош. Државата ја гарантира, но дали е така и во пракса...

„ Досегашната пракса кажува дека просечното одлучување на Министерството за правда кога има барања за бесплатна правна помош е 45 дена. Тоа е навистина долг рок, и граѓаните од овие причини најчесто воопшто не ни бараат бесплатна правна помош туку се одлучуваат таа правна помош да ја добијат од здруженијата на граѓани. На жртвите на семејно насилство кои исто така се категорија која влегува во законот, ним буквално секогаш им треба итна правна помош за да можат да бараат привремени мерки за заштита од семејно насилство. Тие сигурно нема да чекаат 45 дена. “, вели Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Нејзиното толкување го поткрепува и Драганов.

„ Имате една одредба во Законот за бесплатна правна помош која прва ми паѓа на памет, и е најограничувачка за сите. Вели, ако имате имот кој вреди околу пет просечни бруто плати што е некаде околу 2.600 евра, односно живеете во едно домаќинство тројца, четворица, петмина, сеедно, и ако на било кој од нив се води некој имот од барем 2.600 евра, што е апсурдно бидејќи повеќе вреди една соба во која двајца едвај собира а не пак тројца или четворица, вие не можете да го сикористите ова право на бесплатна правна помош. “

Во време кога голем дел од граѓаните бијат битка да добијат бесплатна правна помош, долгите и за многумина неразумни рокови претставуваат чизма која сериозно ги нагазува оние кои ја бараат оваа помош. Правниот механизам предвидува дека можат да се обратат до Судот за човекови права во Стразбур. Но колку ова патешествие за македонските граѓани е реално, и воопшто исплатливо?

„ Странките многу тешко можат сами да го напишат барањето, односно да ја пополнат апликацијата. Порано беше поедноставно, немаше таква форма, додека сега има многу поригорозна форма која што ако не ја следите и не ја работите по компјутер, фактички вам ви е оневозможен пристапот до Европскиот суд за човекови права. Или е потребен адвокат кој знае тоа добро да го манипулира во смисла на примена на правилата во пополнување на формуларот, а од друга страна и големо знаење за Европската конвенција како би можела постапката да се овозможи, односно прифати за по неа судот да постапува. Голем број македонски предмети воопшто не се разгледуваат меѓу другото и поради овие причини. “, вели Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија во судот во Стразбур.

Адвокатските тарифи - високи, бесплатната правна помош - бавна и тешко достапна, Стразбур - поблиску географски отколку правно. Има ли излез за македонските граѓани?

„ Кога ќе ги споредите сите овие параметри кои претходно ви ги објаснив, речиси е невозможно. Односно, правдата ќе биде достижна или на најбогатите, или на ептен најсиромашните, оние кои живеат под мост на улица.“, заклучува Мирослав Драганов.

За да ја издржи децениската голгота низ судниците,  Димитрија подигнал и кредит.

„Посиромашните немаат шанси, воопшто нека не се нафаќаат. Многумина и не се нафаќаат, и затоа ги губат и местата, и куќите, им земаат сешто... а и ако имаш, треба да имаш добри пари за да дојдеш да се судиш. Инаку, ништо не проаѓа така... “, ја завршува приказната веќе истоштениот Димитрија.

За Тодоровски одисејата продолжува. Засега не се предава, но до кога, не знае ниту самиот. До следното рочиште, до следното одлагање или можеби до следниот кредит...