Бучковски: Караманлис се плашеше дека ќе влеземе во НАТО со уставно име, згрешивме по 2006

пред 8 месеци | Дебати

Во интервју за „360 Степени“, поранешниот премиер Владо Бучковски, зборуваше за идеите за влез во НАТО и почеток на преговори со ЕУ под привремената референца, па понатамошно решение на проблемот со името.

- Мислам дека на планот за барање заедничко-прифатливо решение не чека долг пат. Прво, треба да се вратиме, а тоа не е возможно во политиката. Во правото ние говориме за „реституцион интегрум“, да се вратиме во поранешната состојба. На крајот на 2005 на средбата што ја имав со Караманлис во Брисел, тој инсистираше ние да не инсистираме да влеземе во НАТО под „Република Македонија“, под нашето уставно име, туку да ја користиме привремената референца - рече Бучковски и потврди дека Караманлис се плашел Македонија да не влезе во НАТО под уставното име.

- Инсистираше, затоа што беше создадена атмосфера кадешто на масата постојано циркулираа нон-пејпери кадешто се говореше за двојна формула, за привремено користење на референцата, повеќе варијанти кадешто во ниту еден момент не беше загрозен македонскиот идентитет. Второ, на 17 декември 2005 кога го добивме статусот кандидат за членство во ЕУ, Грција не посегна по вето иако можеше тоа да го направи, затоа што беше создадена атмосфера околу Македонија, како што чувствувам дека и сега се создава, дека Македонија треба да биде успешна приказна. Искуството говори дека ако во тоа време останеше статус кво ситуацијата до самитот во Букурешт, немаше пречка Република Македонија да биде поканета заедно со Хрватска и Албанија, со двете држави кои ние ги влечевме. Слоганот „Со јато во НАТО“ беше наша измислица, бидејќи реално бевме пред нив. Впрочем, и мојата посета на Белата куќа во октомври 2005, кога ја носев пораката од целата Јадранска група, таа топка за баскет што ја однесов беше потпишана и од тогашните премиери на Албанија и Хрватска, кои не ја добија честа да ја посетат Белата куќа. Но тогаш имаше притисок и од Вашингтон, и од ЕУ каде претседаваше Велика Британија, премиерот Блер исто така беше заинтересиран. Ја имавме поддршката и од Германија и Шредер - рече Бучковски.

Поранешниот премиер рече дека во тоа време се создала приказна околу Македонија каде Грците биле изолирани.

- Сега треба да направиме анализа, објективно да погледнеме што тоа ние згрешивме од 2006 до 2008. Ако се тоа само неколку симболични гестови, со преименување на стадионот, на автопатот, на аеродромот, тоа мислам дека во фаза кога ќе процени актуелната власт треба да се направи како гест на добра волја за да се вратиме во позиција да побараме варијанта да добиеме веројатно покана под привремената референца, но да преземеме обврска, додека трае процесот на ратификација во парламентите на сите држави членки на НАТО ние да го затвориме прашањето. И отприлика тајмингот од едното до другото е година и пол, две - рече Бучковски.