Гласноста на студентите што го прекина шепотењето во Македонија

Автор: Славица Филиповска | пред 8 месеци | In depth

На проекција на филм на Филозофскиот факултет во Скопје, во 2014 се собираат десетина студенти, чија дискусија прераснува во најголемото студентско движење во независна Македонија. Најавите за измени во Законот за високо образование, со воведување државен испит, го покренаа прашањето за универзитетската автономија и ги обединија студентите. Како се градеше Студентскиот Пленум,  прашавме еден од најактивните членови уште од почетокот, тогашен студент на Правниот факултет Дарко Малиновски.

„Од моментот на првиот студентски пленум  којшто се одржа некаде на средината на октомври на платото на УКИМ, тоа би рекол дека е формалното отпочнување на Студентскиот Пленум. Понатаму, се обидувавме да направиме студентски пленуми и на останатите универзитетски кампуси, за да можеме да го рашириме гласот за постоењето на Студентскиот Пленум насекаде.“, вели Дарко Малиновски, член на Студентски Пленум.

На почетоците, пленумите се планирале од ден за ден, без посебна координација на студентите, но конечниот и единствен став го изградиле брзо.

„Ние студентите којшто тогаш се собиравме на почетокот не рековме дека ова е лоша одлука, дека не треба да има екстерно тестирање, туку разговаравме за и против, и потоа на Архитектонскиот факулет на еден Пленум, одлучивме едногласно дека сме против оваа иницијатива.“, вели Малиновски.

И тргна маршот. На седумнаесетти ноември 2014, илјадници млади демонстранти ги наполнија скопските улици од УКИМ до Министерството за образование. Студентите се организираа со редарски служби, правни  и ПР тимови за маршот и барањата да се испорачаат без инциденти. Инсистирајќи на дебата со тогашниот министер за образование Абдулаќим Адеми, кој долго време го занемаруваше студентското движење, Пленумците му порачаа да ја научи азбуката и да го повлече предлогот за реформи.

Ден потоа,  министерот Адеми посочи дека зад организацијата на протестите стои некој друг, а не студентите. Министерот ги одбиваше дебатите со нив, а тие беа се погласни дека државен испит не треба да има. Наместо дебата во медиумите, тргна медиумска кампања против Пленумот. Таа се чини повеќе ги обедини студентите, уривајќи ги една по една бариерите.  

„Иако имав голема поддршка од родителите и општеството, немавме поддршка од албанските политичари. Тие беа против албанските студенти кои ги бараа своите права, додека тие биле тие што ја создале кризата во Македонија. Голема заслуга кај Албанците треба да има таа мала бројка на албански студенти кои излегоа да ги бараат нивните права.“, раскажува Маида Амети од Студентскиот пленум.

На 21. Декември, 2014,  Владата го усвои пакетот законски измени со кои беше предвидено воведување државен испит. Студентите го засилија отпорот и побараа масовна поддршка.

Подоцна се случи  и Професорскиот пленум. Дел од професорите застанаа до своите студенти веќе на следниот протест. Но тогашниот премиер и за ова имаше свое толкување.

„Мислам дека тука е 80 проценти од гневот на дел од професорите зошто и тие почнаа да излегуваат  и зошто со сите сили ги туркаат студентите да излезат и да протестираат. професорите имаат објавено мноштво трудови во списанија од Врање, Крагуевац, Битола и слично. Тие се определиле за професори. Штом си се определил за професор треба да си конкурентен на европско и светско ниво.“, рече тогашниот премиер Никола Груевски.

Според професорката Ана Чупеска, должност на професорите е да ги поддржат своите студенти и во случајот да ги сопрат измените во Законот.  

„Студентите добија сериозен субјект во политичка смисла, меѓутоа не партиска. Тие се социјална категорија или група, кои се најсензибилирани  за иднината на општеството во кое живеат. Они се најупатени и најотворени. Основно нешто во врска со нивниот развој е тоа што тоа се нивни фирмативни години и природно е они да ги преиспитуваат состојбите во едно општество и дај боже да е така и за сите општества така да биде, затоа што нели од нив го очекуваме прогресот.“, смета Чупеска.

Професоркиот пленум ги одби дебатите со Груевски, кој ги повика на разговор во законодавниот дом. Наместо со нив, тогашниот премиер се сретна со ректорот Велимир Стојковски и со новосоздадениот контра-пленум, кој ги поддржуваше законските измени за образованието.

„Во однос на поранешниот ректор, тој  ми се чини дека секогаш се трудеше да избалансира  помеѓу определените страни, од една страна помеѓу Владата, а од друга страна помеѓу нас студентите, заради тоа што знаеше дека ние сме му дома и ќе има проблем со илјадници студенти доколку се обид да ни се спротивстави.“, вели Малиновски.

На 10.јануари, 2015 во 3 часот по полноќ собраниската комисија за образование ги одобри измените и даде виза за финалето во Парламентот.  

Последната надеж студентите ја имаа во својот професор, претседателот Иванов. Масовните собири и директните средби со него, не го поколебаа шефот на држава кој е и поранешен професор, да застане на страна на академската заедница. Иванов го потпиша указот за законот, а студентите ја сменија тактиката.

Подоцна, Груевски ги покани Пленумци на дебата во Владата, на која ги уверува студентите дека примената на законските измени ќе се одложи . Незадоволни од одговорот, четири дена подоцна  студентите прогласија автономна зона на УКИМ и ги запоседнаа факултетите. Ноќта ја поминаа на УКИМ, а граѓаните со нескиени симпатии ги помагаа.

Окупацијата на факултетите се ширеше. Студентите добиваа поддршка од колеги ширум светот. Во дворот на својата автономна зона, примија и музичари кои свиреа во чест на пробудениот глас.

На 19. февруари во Ректоратот за првпат Пленумците се состанаа со  претсавници на универзитетскиот Сенат и МОН. Ниту оваа средба не резултираше со договор, но власта изрази подготвеност да се дискутира за нов закон.

Прогласувањето на мораториум на Законот, ја прекинa студентската окупација, но не и студентското делување.

Се формираа работни групи за подготовка на нов текст на Законот. Во меѓувреме, студентите активно учествуваат во антивладините протести во текот на 2015 година. На протестот на 5. мај, полициската единица за брзо распоредување ги растера демонстрантите од пред Владата, но ги следеше студентите низ центарот на Скопје и влезе во читалната „Браќа Миладиновци“, каде анводно се криеле дел од демонстрантите. Имаше и приведени студенти.

По ваквиот скандал, Пленумот објавува дека ги напушта преговорите со владата за изработка на нов закон, со објаснување дека власта за нив веќе нема легитимитет.

„Верувам дека сите имавме една цел, дека сакаме да живееме во Македонија, дека ќе се бориме до крај за нашите права независно со кого ќе имаме работа, со Влада, со полиција, или пак некоја друга институција што е поголема. Така што кога знаеме дека еден студент е во право и тоа е гарантирано со Уставот, никој нема да го попречи тоа. Тоа беше специфичната намена и со таа цел отидовме до крај.“,, вели студентката Амети.

Во 2016, Пленумот повторно се активира при изборот на претседател на Студентски парламент. Пленумци не го признаваат изборот на нов студентски лидер, а на нивниот бојкот повторно интервенираше ЕБР.

Со предвремените парламентарни избори, дел од некогаш активните студенти, се повлекоа од Пленумот, и се најдоа на изборна листа како кандидати за пратеници.

„Пленумот беше замислен да функционира како флексибилна маса, каде студентите ќе можат слободно да учествуваат и слободно да излезат од него доколку повеќе не сакаат да го поддржуваат или имаат останати причини за тоа.“, смета Малиновски.

Студентскиот Пленум остави длабока трага во поновата историја на Македонија. Токму на тие протести се одржа и еден од највпечатливите говори.

„Тоа беше правиот момент каде што јас го исфилтрирав мојот личен гнев собран кон се што се што ме спречило мене, да го постигнам мојот потенцијал лично како студент додека сум била, да го почувствувам  својот студентски идентитет и да го најдам својот глас, тоа што сум го видела во моите колеги, во нивните наведнати глави и сето тоа кулминираше во таа ситуација.“, ни раскажа тогашната студентка, Марија Грубор.

Денес, Грубор е дипломиран психолог. Верува во нова шанса и полна е со надеж за поинаква свест.

„Искрено многу имам надеж дека новите генерации ќе продолжат една традиција на независно критичко, креативно и солидарно здружување  и дејствување понатаму, дека навистина ќе постават нови темели на политичкото организирање на студентите во оваа земја, бидејќи нашата буквално допрва сега почнува.“, вели Грубор.

Барањатра „за“ продолжија. Студентите седнуваат на иста маса со новата Влада за да ги подготват измените во Законот за високо образование. И заслужено, гласноста на студентите го прекина шепотењето во Македонија.

Поздрав Пленумци.