360° Пеплиште на смртта

Автор: Зоран Јованоски | на 12.2016 | In depth

Дали оџакот на Осломеј повторно ќе го зацрни небото над кичевско? Еден од најголемите загадувачи се уште нема поставено филтри. Најавата за рестартирање на термоелектраната гo вознемири локалнo население. Дури и оние кои работат и живеат од неа.

„Буквално 36 години РЕК „Осломеј“ ни чади и не труе и немоќни сме“, вели Џафер Џафери кој работи во електраната.  

„Имаше црн слој врз снегот во големи количини“, сведочи д-р Фани Ефтимијадовска од Центарот за јавно здравје во Кичево.

Екологистите бараат производството на струја од лигнит да се намалува. Тоа, засега не е во ниту еден од трите планови за продолжување на работнот век на оваа електрана.

„Третиот начин е исклучиво увозен восококалоричен јаглен“, информира генералниот директор на ЕЛЕМ Христијан Мицковски.

Александра Бујаровска од НВО „Фронт“, пак, со контра став: „Увозен јаглен е, искрено да ви кажам, најголемата глупост што сум ја слушнала, особено сега во 21 век“.

ЖИВОТ ПОКРАЈ ПЛАНИНА ОД РАДИОАКТИВНА ПЕПЕЛ

Појдовме во селата околу термоцентралата Осломеј за да побаравме одговор дали производството на струја, покрај пари, чини и здравје. Оваа тема тука е табу. Речиси никој не сакаше да биде наш соговорник. Одговор добивме од сосема неочекуван извор. Човек кој веќе 20 години работи на различни позиции во термоцентралата. Џафер Џафери е од Жубрино, село кое од Осломеј го дели еден мал рид.

„Само од нашето село има околу 20-мина починати од рак, од канцер, млади луѓе некаде 30, 40, 50 години. Нивните фамилии од претрпената голема трагедија, тоа се лични трагедии, тешко се согласуваат јавно да зборуваат за овој проблем. Можат да ви потврдат луѓе, стручњаци, што се занимаваат со медицина, дека фактор за нивното умирање било загадувањето на почвата, на воздухот и на се што се произведува во земјата“, раскажува Џафери.

Последниве години Електрани на Македонија ја активираат Осломеј кога земјава има недостиг од струја. Последен пат работела неколку месеци минатата зима. Џафер ни покажа фотографии на кои се гледа зацрнетото небо над падините на Добра Вода од чадот од термоцентралата кој ќе бил помалку опасен, ако биле поставени соодветни филтри.

„За жал, термоелектричната централа Осломеј или работи со четврт филтер или нема воопшто. Се до планината Добра Вода, со надморска висина од 2061 метар, до таму е црно од пепелта и од издувните гасови што ги пушта оџакот“, додава Џафери.

Пепелта од согорувањето на лигнитот се депонирала на ридот над Жубрино се до 2012 година. Се искачивме на врвот на вештачки создадена планина од милиони тони пепел. Би требало целата да биде прекриена со слој од земја, за помалку да е опасна за околината, но во еден голем дел пепелта е сеуште видлива. На ова место до пред само неколку години се одлагале од 200 до 250 илјади тони пепел годишно.

Џафер раскажуваше – додека депонијата активно се користела, кога имало силни врнежи, водата се мешала со пепелта и им доаѓала право в село. Ветрот, пак, ја разнесувал наоколу. Нашиот соговорник памети подобри времиња. „Толку имаше извори кај што пиевме ние вода, а не само стоката. Неверојатно слатка вода. Диви јаготки кога беревме ваму, толку беа слатки. Сега по тие долови се е покриени со пепел. Мене ми е жал, ќе го речам и ова, покриено е не од Господа, туку од болниот човечки ум. Природните убавини се уништени еднаш за секогаш. Што е најтрагично, пепелта не се покриваше и кога ќе дуваше ветер, не само Жубрино, целата оваа околија не се гледаше“.

По децении натрупување, депонијата се преполнила. Иако таа сега не се користи, ситуацијата се уште е опасна. Жителите стравуваат дека при големи дождови пепелта може да се излизга и да го затрупа селото.

Таква трагедија веќе се случила пред точно половина век во селото Аберфан во Велс. Планина од пепел се излизгала врз локалното училиште. Загинале 116 деца и 28 возрасни. По овој инцидент во Британија се воведени строги безбедносни правила за такво нешто да не им се повтори.

Производството на електрична енергија од цврсти горива како јагленот, познавачите го посочуваат како една од главните причина за загадувањето на воздухот. За специјалистот по хигиена и здравствена екологија од Кичево д-р Фани Ефтимијадовска, состојбата е очигледна.

„Сепак тука треба да кажат статистичари, поточни податоци со бројки и со докази, но факт е дека и ние здравствените работници во Кичево го забележуваме тој порасат на појава на рак како заболување на белите дробови. Вистина е тоа многу често дека заболуваат вработени во ТЕЦ Осломеј. Тоа мислам дека не е тајна и не треба да биде тајна“, изјави Ефтимијадовска.  

Официјалната статистика покажува дека канцерот на белите дробови е најчесто малигно заболување во Македонија и дека трендот е во пораст. Во 2004 година 652 лица починале од ова заболување, а во 2014-тата бројот се зголемил на 878.

Во периодот од 2012 до 2015 година и во кичевско незапирливо расте бројот на  респираторни заболувања кај населението. Зголемувањето е за околу 50 насто.

Професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно - математичкиот факултет работел на студија која утврдила 16 точки каде загадувањето во земјава е најголемо, меѓу кои е и Осломеј. Со мерењата се утврдило дека пепелта содржи зголемено количество тешки метали, токсични материи, арсен, жива, хром... Радиоактивноста е за 3 до 5 пати повисока. Според него, најголемата опасност е загадувањето на воздухот.

„Концентрацијата на сулфурдиоксид во отпадните гасови се уште е висока. Во состојба на голема влажност во воздухот, познато е дека сулфурдиоксидот преминмува во сулфуреста киселина, во најлош случај и во сулфурна киселина и тогаш станува збор за кисели дождови, така ги нарекуваме, кои ги напаѓаат органите за дишење и доведуваат до воспалителни процеси. Така што тоа е еден од поголемите извори на загадувње на воздухот“, смета Стафилов.  

Христијан Мицковски е генерален директор на државната компанијата Електрани на Македонија. Го прашавме кога на Осломеј ќе бидат поставени филтри за да ја добие А интегрираната дозвола што е во согласност со европските критериуми.

„Во 2007 започнавме со постапката на обезбедување на А интегрирана дозвола за Осломеј. Десулфуризацијата е дел од процесот на модернизација на оваа термоцентрала и откако истата ќе биде модернизирана ќе го исполни и тој критериум“, тврди Мицковски. 

Животниот век на Осломеј е речиси завршен зашто во ископот снемува лигнит. Планот е да се отворат нови ископи, термоцентралата да работи на комбинација на домашен лигнит и увозен јаглен, а третата опција е целосно увозен јаглен. Така, централата Осломеј би продолжила да функционира најмалку до 2030 година. 

„Доколку решението оди во насока на увоз на висококалоричен јаглен што би го користеле како погонско гориво за термоцентралата ќе го искористиме истиот габарит на термоцентралата, односно ќе имаме мали интервенции во котелската постројка што би го зголемиле дијапазонот на делување на овој јаглен и мали интервенции во проточниот дел на турбината. Да, инвестицијата е серозна, кога велам сериозна можеби се естимира на некои 100-тина милиони евра“, додава Мицковски.  

100-тината милиони евра во ваква инвестиција се проблем за екологистите. Александра Бујароска од невладината „Фронт“ смета дека парите треба да се вложат во искористување на обновливите извори на енергија - водата, сонцето, ветрот...

„Не може да модернизирате постројка што работела на лигнит, сега да биде на висококалоричен увозен јаглен, тоа подразбира нова постројка, комплет. Да ги заглавите парите, да ја заглавите индустријата, да ја заглавите државата, во свет кога технологиите одат толку напред кога сите одат во насока на одржливост, на што помало влијание врз животната средина, е сериозна глупост, е неразмислување“, смета Бујаровска.

КАЈ ОСЛОМЕЈ Е ОТВОРЕНА НОВА ДЕПОНИЈА

Државната ЕЛЕМ инвестирала во систем за водено одлагање на пепелта што ја создава РЕК „Осломеј“. Така ветрот не може да ја разнесува наоколу. Преку цевки, смеса од пепел измешана со вода се носи назад во ископот за лигнит. Сепак, професорот Стафилов предупредува дека и ова нема да биде соодветно решение, доколку системот не се користи правилно.

„РЕК Осломеј голем дел од годината не работи, тогаш вие не може цело време да внесувате вода и да одржувате суспензија. Таа ќе се исуши и повторно е извор на овие честички кои што, како што спомнав, содржат многу радиоактивни изотопи. Тоа треба да биде еден континуиран процес. И кога ќе се исполнат таквите простори треба да се покриваат дополнително и на тој начин да имаме посигурна заштита“, советува Стафилов.  

Кога појдовме кај ископот за лигнит очекувавме базен полн со мешавина од пепел и вода. Но, таа течност веќе се исушила или пропаднала под земја поради долгото неработење на термоцентралата. На површината останал само слој пепел обраснат со грмушки. 

ИСПРАЗНЕТИ СЕЛА

Осломеј, селото по кое рударско енергетскиот комплекс го добил името е речиси празно. И во селото на Џафер, Жубрино, стивнале оџаците. Од околу 120 куќи, животот продолжил во уште само 30-тина.

„90 проценти од луѓето се со астма или опструктивна белодробна болест и тоа ние возрасните што сме поиздржливи, а да не зборуваме за децата. Тоа што нашите луѓе се иселени во странство е еден минус, но од друга страна е плус, зашто тие деца се спасуваат, се развиваат како што треба од нечистиот воздух овде“, ни рече Џафер пред да заминеме и да му се заблагодариме за искреноста и храброста да зборува за проблемот за кој многумина молчат.

Кон квечерината појдовме и во Кичево. Таму веќе се чувствуваше мирисот на чад. Осломеј не работи, но градот потона во смог.