Да прогледаат тие што треба да видат

Автор: Зоран Јованоски | на 11.2016 | In depth

Секое ново утро во Тетово, во седум часот, Бени Шерифи и неговиот 11 годишен син Алдин, започнуваат уште еден долг ден тргнувајќи на училиште.

„Сабајле кога станувам, ги мијам забите, се облекувам, земам ташничката и излегувам од куќата“, раскажува Алдин.

По пат застануваат за да ја земат неговата соученичка Лиле. Алдин од малечок е со оштетен вид. Мора да патува до Скопје, зашто во Тетово нема училиште за децата како него.

„Јас не работам. Целиот ден му го посветувам на Алдин. Мојата сопруга работи по нешто приватно. Така успеваме да се снајдеме“, вели татко му Бени.

„Се качувам во кола, па одиме во Скопје, ама до Скопје е мачно. Патот до таму е многу долг“, се жали Алдин.

По еден час патување пристигнаа на време во единственото училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид во земјава. Во училиштето има 50-тина ученици. Некои од нив, иако сеуште малечки, живеат во ученички дом, зашто доаѓаат од места далеку од Скопје, а некои патуваат, како Алдин.

Тој имаше тест по математика. Тоа не му е омилена активност, но мораше да биде завршена. Задачите ги решаваше користејќи посебни помагала. До сега доволно вежбал и брзо го доби резултатот.

„Ми се допаѓа ликовното оти е пократок часот, а математика воопшто. За математика треба многу да памтиш и да си го искористиш мозокот“, смета Алдин.

Татко му, пак, вака го опишува својот син: „Алдин како дете е многу интелегентен. Учи јазици, тие му се многу важни, особено англискиот. Многу е комуникативен. Со сите може да се адаптира. Има другари, другарки, како во Скопје, така и во Тетово. Луѓето го сакат многу. Таков тип е.“

Слепите деца во земјава, учат од исти браеви учебници веќе 16 години, иако програмата многу пати е менувана. Училниците се многу поразлични од обичните. Се е приспособено за нивните потреби за движење, ориентација, учење...

„Она со што можеме да се пофалиме е новата училишна зграда во која, верувајте ми на зборот, е објект кој ги задоволува сите потреби на оваа категорија ученици“, изјави директорот на училиштето „Димитар Влахов“, Горанчо Јакимов.

Иако ова е единсвеното државно училиште за деца и младинци со оштетен вид во земјава, беа потребни странски донации за да се подобри образовниот процес. Всушност, така е изграден и опремен и овој нов објект во кој учи малиот Алдин.

Жарко Селкоски е претседател на Националниот сојуз на слепи лица. Во него има околу 2500 членови. Вели дека бројот на слепи во земјава сигурно е поголем. Не се знае ниту колку слепи деца има. Официјално, настава посетуваат само 50-тината кои учат во Скопје.

„Бројот на деца кои не одат на училиште веројатно е доста голем. Оние што не можат да патуваат до Скопје треба да бидат инклузирани во обичните училишта, но таму нема соодветни услови за нив. Бараме институциите да им го овозможат тоа“, вели Селкоски.  

Кога надлежните не прават многу, индивидуалците ја пополнуваат празнината. Еден од нив е и Газмент Аземи. Тој е слеп и е апсолвент по компјутерски науки. Создава компјутерска квиз апликација со звучна опција за со неа и слепите ученици да можат да вежбаат за екстерно тестирање. За да ја изработи програмата, потребна му е дата базата со прашањата од Министерството за образование. 

„Токму недостигот од литература и пристапот до изворите ме натера да дојдам до оваа идеа. Тоа фактички е игра со која сакам да им олеснам на учениците за преку прашања и одговори да научат повеќе“, објаснува Газмент.

Од невладиниот сектор ја има, но ја бара поддршката и од институциите за неговиот труд. Реализирањето на ваквите идеи, можат многу да им го олеснат учењето на основците како Алдин. За него, пак, школскиот ден заврши. Заедно со татко му го оставија Скопје и се враќаат во Тетово.

„Кога се подготвуваме да појдеме од училиште до Тетово, повторно се качуваме во кола и вид виделина фаќаме од Скопје“, раскажува Алдин додека се вози во автомобилот.  

Три пати неделно, Алдин оди во дневен центар за деца со посебни потреби. Невладиниот сектор обезбеди средства за отварање четири такви, вклучени во редовните училишта, во Битола, Велес, Штип и во Тетово.  

„Овде се масирам, разговарам со учителот Болетин, има лупа, можам да цртам... Има и принтер, ставам писмо и тој ми го прави на браево“, опишува Алдин, среќен што има вакви активности после училиште. 

Овој пат, останатите неколку дечиња не беа дојдени. Тој го имаше целото внимание на едукаторот само за себе. По завршувањето на домашната, дојде време за неговата омилена активност. Легнува на душек што прави вибрации кои му помагаат да се опушти. За разлика од него, веројатно е дека многу други слепи деца, немаат пристап до вакви дневни центри. Всушност, повеќето, немаат модерни услови.

„Не е ништо ново ако кажам дека има многу фамилии кои во изминатиов период се иселија од Македонија, добро стоечки фамилии, бидејќи не ги добиваа услугите од училиштата и институциите што им се потребни на нивните деца со посебни потреби“, изјави Шпетим Љатифи, менаџер на проктот на УСАИД.

Финансирањето на овие дневни центри ќе заврши за три години. Се надеваат дека државата ќе ја продолжи нивната работа.

Конечно, време е Алдин и татко му да одат дома. Напорниот ден за нив, заврши.

„Кога ќе пораснам сакам да бидам уметник. Многу ми се допаѓа таа тема“, вели Алдин.

Татко му, пак, додава дека во Македонија нема вработување за слепите лица и дека Алдин нема остане тука, своето образование ќе го продолжи надвор од земјава.