Како до грчка согласност за членство во НАТО и преговори со ЕУ?

Автор: Владимир Мирчески | пред 5 месеци | In depth

Атина, Грција – невралгичната точка на унијата, мекото ткиво на европските надворешни граници, земја во последните години зависна од економските транши и солидарноста на останатите членки на ЕУ.

„Последен пат бев овде во Атина во 2010-тата. Во изминаите години се променија неколку работи, прво влади, на власт беа социјалистите, ги наследија конзервативците за сега да владее крајната левица.. Се променија и некои работи на внатрешен план, пред се односот кон должничката криза, но она што се чини дека е непроменливо, како зациментирано – тоа се т.н. црвени позиции во грчката надворешна политика во однос на прашањето за името“..

Иако медиумски не толку експлоатирано како во 2007-та или 2008-та година, периодот пред и по букурешкиот НАТО-самит, ова прашање сепак има значење, особено кога во земјата доаѓа новиот шеф на дипломатијата на северниот сосед.

Никола Димитров, од автомобил, веднаш влета во телевизиско студио во мисија на „омекнување“ на грчката јавност, негативно сензибилизирана од потези на македонските власти во изминатите десетина години.. 

Повторувачките чекори на грчките гардисти се вистинска метафора за синхронизираноста на позициите на актуелната со претходните влади во атина...

„Знаеме дека нашиот сосед сака да биде членка на разни организации, но прво да се реши името“, рече Коѕиас. 

Дека станува збор за „иста песна за името, со различни интерпретатори“, се согласуваат и нашите соговорници – обични луѓе кои не гледаат разлика меѓу различните политички гарнитури..

„Дали владата на Сириза е подобра од претходните?“

„Исти се, нема промена... Тие се како Нова демократија, Пасок. Исти се.“

„Треба една политика за доброто на сите. Политиката на ЕУ е многу, многу лоша“, вели друг граѓанин.

Силниот анти-НАТО и анти-ЕУ сентимент во грчката јавност, организации кон кои се стреми Македонија, не се отсликува врз позициите за името на оваа левичарска влада, чиј шеф на дипломатијата за проблемот кажа дека од географски, во времето на Никола Груевски, станал идентитетски.. Со ваквото тврдење не се согласува првиот човек на Елиамеп, највилјателната тинк-тенк организација не само во Грција, туку и во регионот.. Често, тоа што Елиамеп го наведувал во своите документи, се преточувало во политики..   

„Прашањето за името и се со него, премногу долго се одолговлекува. Во интерес на Грција е да има мирољубив, демократски, стабилен, просперитетен сосед. Нема интерес во тоа да имате нестабилен, изолиран сосед што се движи кон недемократски решенија, земја која не ги почитува човековите права или економски добро не се развива. Жално беше она што се случуваше во изминатите 10 години, зашто билатералните односи беа замрзнати и развојот на настаните во вашата земја не беа извор на оптимизам и охрабрување за нас. Сега има нова влада која се чини има поинаков пристап, која сака да ги промени нештата и сметам дека тоа е за поздравување од грчка страна. Верувам дека треба брзо да се движиме и инсистирам дека не е само прашањето за името туку и договор за тоа какви соседи сакаме да бидеме, а тоа вклучува како меѓусебно се перцепираме и тоа какви тврдења имаме едни за другите“, вели Цукалис.

Позитивна и добредојдена е промената во атмосферата меѓу двете земји, но засега недоволна за напредок за името – вели Никос Мелетис, новинар кој со години го следи спорот.. Што мисли за идејата изнесена пред шефот на НАТО – покана за членство под привременото име, а конечно решение во периодот на ратификување на пристапниот договор во националните парламенти?

„Ниту една грчка влада не може да го прифати овој предлог зашто, како што реков, тоа би било напуштање на консензусот што со многу проблеми беше постигнат на НАТО-самитот во Букурешт. Мислам дека грчката влада чека некакви позитивни чекори од ваша страна и тоа не само за прашањето за името туку, на пример, и со статуите во Скопје, со името на аеродромот во Скопје, се со цел да се докаже дека има вистинска промена на атмосферата и расположението во билатералните односи“, вели Никос Мелетис.

Сепак, професорот Цукалис, нема дилема дека доколку декларираната искреност за добрососедство на новата влада биде поткрепена со реални чекори, релаксираниот период за Грција ќе заврши – Атина ќе треба и самата да покаже знак на добра волја..

„Да, сигурно дека во мојата земја, како и во други, има луѓе кои не сакаат, луѓе кои односот со останатиот дел од светот го гледаат како на однос меѓу победници и поразени. Јас не мислам така, јас така не ги гледам односите со светот, особено не со моите соседи, тоа не е игра на победник и губитник. Тука има шанси за позитивна игра, многу позитивна меѓу нашите две земји. Ние ги испуштаме тие шанси повеќе од 20 години“, вели Цулакис.

„Значи, мислите дека има можност за рестартирање на целиот процес?“

„Апсолутно, секогаш велам дека тоа е можно, но ќе требаат напори, но и политичка храброст, зашто во одредена фаза политичарите и во вашата и во мојата земја ќе треба пред јавното мислење да бранат договор кој ќе биде покус од максималистичките позиции што ги бранеа подолг период.“

„Но, мислите дека ако Скопје испорача, тогаш и Атина...“

„Може да биде подготвена да испорача. Да, да, се надевам, многу се надевам, секако не можам да гарантирам. Ќе има луѓе кои несомнено на тоа ќе му се спротивстават, но сериозен компромис за целиот „пакет“ е нешто што ќе може, не го сакам овој збор - „продаде“, туку нешто што може сериозно да се одбрани пред јавноста и тоа е нешто што треба да го имаме на ум. Вообичаено, многу политичари забораваат дека и другите земји, исто така, имаат јавно мислење. Грчките политичари понекогаш забораваат дека има јавно мислење во вашата земја, но и многу ваши политичари тоа, исто така, го забораваат“.

„Независно што пораките од Атина засега не се многу позитивни, не е тешко да се констатира дека со заминувањето на Груевски од власт, заврши релаксираниот период на грчката влада во однос на прашањето за Македонија. Атина е под засилен притисок на Берлин, Брисел и Вашингтон за да се деблокираат евроатлантските интеграции на соседот. Тој притисок природно ќе расте ако новата влада покаже резултати во реформите и ако пријателската реторика кон Грција ја поткрепи со практични чекори за градење доверба. Во нивно очекување, од Атина, Владимир Мирчески.“