360° Македонското образование на светското дно

Автор: Славица Филиповска | на 1.2017 | In depth

Бојана Пешова има 18 години. Учи во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“.

„Па може да се каже дека Градски парк ми е омилено место, затоа што е место каде што можам да се опуштам. Најчесто кога сакам да купувам нешто или да се релаксирам во ГТЦ, како малечка го паметам и попријатни емоции ми буди.“ вели таа.

Училишниот ден за Бојана заврши. Денеска одвоено е време за кафе со пријателите. Никола и Симона веќе ја очекуваат.

Ако кажам дека во последниот месец еднаш или двапати, затоа што цело време или јас имам за учење или они имаат за учење. Мислам, кога сме во школо многу поретко, отколку на пример кога сме на распуст, се дружиме многу почесто, но сега, многу слабо. Не може да се каже дека секој ден со радост тргнувам на училиште, затоа што некои денови ги имам тие часови каде што морам да седам цел час и да молчам и да климам со глава и тоа е се што правам на неколку часови.

Многу од учебниците не се во тек со настаните и учиме нешто што е застарено и што самите професори ни кажуваат дека е застарено, ама мора да го учите, ќе го имате на екстерно и тоа е тоа.“ вели Бојана.

Еден мој просечен кабинет  во кoј поминувам 45 минути е прзен, со бели ѕидови, нема креативност, нема ниеден хамер. Ако отидете среде лето во некое школо и да влезете во некој кабинет, вие нема да знаете дека девет месеци наназад се одржувала настава внатре. Компјутерите ни фаќаат прашина и служат само за екстерно тестирање.“ вели нејзината другарка Симона.

Има некои делови од училиштето што ме мотивираат, ама многу често кога ќе добијам еден наплив на мотивираност, брзо е блокирана од нешто друго, нема простор да се развива.“ додаде Никола.

Тројцата средношколци слушнале резултатите од ПИСА тестирањето. Нивните соученици на 15 годишна возраст добија поразителни резултати на тестот по научна, математичка и јазична писменост, а Македонија се најде на дното на листата од 73 држави. Заедно со учениците разгледавме дел од прашањата на ПИСА.

За едно од нив поврзани со метеориди и кратери беше лесно да се најде одговорот, бидејќи во ПИСА тестот беа дадени и можните решенија, па ги прашав:

Колку повеќе се приближува метеорот кон земјата и нејзината атмосфера, неговата брзина се зголемува. Зошто?

Ученици: Под В.

Одговорот да се добие овојпат беше лесно, учениците се сетија и зошто.

Овие работи за зголемување на брзина ги учевме меѓу основните во седмо одделение.“ рече Симона.

Но, на следното прашање, кое немаше понуден одговор, туку требаше логички да се размислува, следуваа потешкотии. Прашањето се однесуваше на преселбата на птиците. Во објаснувањето од ПИСА стои дека секоја година волонтери бројат јата од птици преселници на одредени локации, со цел да ја утврдат нивната рута. Од учениците се барало да понудат свој одговор зошто би можело да се згреши во броењето на јато птици.

Мислам дека го бараме комплицираниот начин да се реши проблемот. Некако, тоа што е едноставно ни изгледа дека не е точно. Сигурно кога ќе го видам вака прашањето, си викам сигурно има нешто екстра комплицирано.“ одговори Бојана.

Јас мислам дека ќе се обрукам ако речам дека може некој ќе пропушти некоја птица да ја изброи.“ рече Симона.

Одговорот за кој учениците мислат дека ќе се посрамотат ако го кажат, всушност е точниот одговор.

Државата молчи по објавувањето на резултатите, но ПИСА тестот ги загрижи невладините, кои ги следат образовните политики, но и самите спроведуваат истражувања во Македонија.

„Во ПИСА тестирањето учествуват учениците на 15 годишна возраст и не е поврзано со наставната програма во државата, туку напротив репер е возраста. Дополнително ПИСА годинава беше фокусирана на знаењата од природни науки, а дополнително се мерат и математика и читање и резултатите се полоши отколку првиот пат кога сме учествувале. На нашите ученици им недостига практично, односно применливо знаење. Тоа е тоа што ПИСА го бара, а тоа е тоа што нашиот образовен систем за жал не ги образува нашите ученици.“, вели Викторија Димитровска од фондацијата „Чекор по чекор“.

Лошите резултати имаат уште попоразителни димензии. Фондацијата направила истражување за почетната јазична и математичка писменост кај второ и трето одделенците во земјава.

Многу од учениците кога ќе го слушнат зборот „зошто“ во прашањето, како да се блокираат или „Што мислиш ти?“. Дури имавме во една задача што мислиш зошто треба да ги миеме забите и многу ученици едноставно молчеа. Во математиката се соочивме особено со проблем со решавањето на текстуалните задачи, што можеби е поврзано со воведувањето на Кембриџ-програмата, односно програмата по математика за одделенската настава во тоа време од Кембриџ испитниот центар. Имено, според оваа нова наставна програма по математика, учениците треба да почнат со решавање на текстуални задачи уште во прво одделение, а како што напоменав читањето го учат во второ одделение. Што значи учениците не можат ниту да ја прочитаат задачата за да можат да ја постават и да ја решат задачата. “, вели Димитровска.

Зошто учениците не можат да најдат одговор на прашања од секојдневието? Разочаран е и наставникот по биологија Сељајдин Дестани, кој низ долгогодишната кариера работел со илјадници ученици во Куманово.

„Работата во образование е света работа. Зошто го кажувам ова? Да едуцираш нови генерации, да работиш со деца кои некој ти ги оставил во доверба и на крај да немаме успех, тоа е за жалење, тоа е грев,  разочарувачки за мене. Како што гледате мојот кабинет е од 1974 година и овие предмети не се корисни за ништо. Ако однапред се подготвува терен да се спроведува план програмата на Кембриџ, овој кабинет да се снабди со потребните средства.“, вели Дестани.

Наставникот признава дека часот не го посветува максимално на учениците, оти е обврзан да внимава и на административни работи, кои се наметнаа со низата промени во образованието.

 „Пред да се направат реформите, според мене требаше добро да се испланираат за да се реализираат како што треба. Но што се случи? Се случи тоа што не требаше. Примената на електронскиот дневник, педагошката евиденција и администрацијата нас толку не измори последниве години, така што најдоброто време што го издвојувавме за учениците, сега треба да се посветува на администрација.“ посочи тој.

Наставникот вели дека одговорот за состојбата треба да се бара во институциите, бидејќи тие се задолжени за образовните политики и го одредуваат неговото темпо на работа.

Зошто Македонија се најде на дното на ПИСА листата? Националниот координатор од Агенцијата за европски образовни програми, Дејан Златковски телефонски ни рече дека во последното спроведување на ПИСА во земјава учествувал волонтерски. Одговори не упати да побараме во Министерството за образование и Државниот испитен центар.

Од Министерството за образование ни рекоа дека целата процедура течела преку Државниот испитен центар и не упатија таму да ги бараме одговорите.

Од Државниот испитен центар велат дека биле задолжени само за техничко спроведување и за сите прашања не упатија во Министерството за образование.

Обидот да добиеме коментар и од  Бирото за развој на образованието заврши со препорака да се упатиме во Државниот испитен центар. Оттука велат дека Испитниот центар прво треба да направи анализа на што се должат лошите резултати за подоцна тие да може да се коментираат во јавноста.

Без одговор останавме и за нашите барања за интервју со министерот за образование Пиштар Љутвиу или неговиот заменик Спиро Ристовски.

Во лавиринтот на одговорноста која талка од институција до институција како и ние во сторијава и по речиси два месеца  од објавувањето на резултатите за ПИСА, нема одговор што ќе преземат надлежните по поразителната оценка за знаењето на учениците  во Македонија.

Но, ова не е случај за Словенија, држава со најдобри резултати во регионот и меѓу најдобрите 15 во светски рамки за ПИСА.

Еден телефонски повик и официјален е-маил во нивното министерство за образование беше доволен да се договори интервју со министерката.

Голем број академици, голем број професионалци се вклучени во оваа област како и во процесот на подготовка на различни проекти и различни активности, со што ние ќе продолжиме. Ние исто така имавме поддршка од европските фондови кои ги искористивме за подобрување меѓу останатото и на читачката писменост, како и да ги вклучиме различните проекти поддржани од ЕУ во различни видови на училишта, воведување на нови технологии кои можат да помогнат секое дете да учи побрзо, подобро, но исто така и да ужива во сето тоа. Од друга страна пак, со задржувањето на т.н. класични методи. Нашиот образовен систем барем според нашето мислење, а сега и со доказите од анализите, е добар. Тој е целосно инклузивен, што значи секој може да биде дел од него и да влезе внатре, што е многу важна алка во понатамошниот развој на словенечкото општество.“, вели Маја Маковец – Бренчич, министерка за образование  во Словенија.

Колку е ова важно за професорите и ученците во Словенија?

Јас сум Петер Габровец и предавам физика во гимназијата „Бежиград“ веќе 27 години. Можам да кажам дека училиштето е оптимално обезбедено со иснтрументариумот кој ми е потребен. Многу беше тука направено и од страна на државата, на пример во обезбедувањето на опремата, особено во последно време на сензорите како би можеле да се спроведат експериментите кои се следат преку компјутер, така што учениците можат и самите да изведуваат експерименти. Ако забележам дека часовите за учениците се интересни, дека некако можам да ги мотивирам, тоа е веднаш забележливо, ќе поставиш прашање, ќе ги вклучиш, тогаш тие се обидуваат тоа да го решат и успеваат, што е мотивација и за нив и за мене кога ќе видиме дека сме постигнале напредок... тоа е мотивација и за мене, сигурно.

Професорот вели дека и матурантите во Словенија полагаат државна матура, но таму и експериментите влегуваат во оценката.

Еден дел од часовите се одвива на тој начин, што учениците сами или по двајца – тројца изведуваат експерименти. Кај нас во секоја година има по 10 часови кога учениците се делат, на пример ако во една паралелка има триесетмина ученици, се делат на 15 – 15 бидејќи што помалку се во група, посамостојно можат да ги изведуваат експериментите.  На крајот, 20 отсто од матурската образовна оценка сочинува токму лабораториската работа.“, вели професорот Габровец.

Училиштето е опремено со компјутери само во кабиентите наменети за компјутерско истражување, а објектот поседува различни катчиња за култура и забава.

Oва е долгиот список на постигнувања на учениците само на меѓународните олимпијади по физика. А кога системот нуди креативност, задоволството се гледа и кај учениците.

„Имаме лабораторија за хемија, за физика, за биологија и секогаш кога имаме вежби за кој било предмет, имаме сè на располагање, сè можеме да видиме како работи стопроцентно.“, ни раскажа ученикот Лука Нукшич.

Но, освен училиштата, се чини дека во голема мерка внимание за доброто образование посветуваат  сите чинители во општестовото.

Жителите на Љубљана имаат на располагање 25 јавни библиотеки, опремени со литература за сите генерации. Учениците до 18 години не плаќаат никаква членарина, а се повеќе се зголемува бројот на читатели во Словенија. Дури и самите библиотеки преку проекти преземаат мерки со цел да ги мотивираат младсите што повеќе да користат дополнителна литература.

Најголема од нив е библиотеката Отон Жупанчич. Сместена во центарот на Љубљана со милион и осумстотини илјади годишни посетувања. Речиси колку што има жители Словенија.

Според словенечкиот закон за образование е така што ниту едно училиште не може да работи без училишна библиотека. Имаме цела година подучување за младинските и училишните библиотекари за работа со младата популација. Потоа, секоја година одбираме некоја тема на која се работи цела година, добиваме знаења од надворешни предавачи, автори, издавачи, кои на младинските и училишните библиотекари им претставуваат различни новитети, занимливости, теорија и пракса од областа на читачката култура.“, вели Јелка Газвода, директорка на библиотеката „Отон Жупанчич“.

Снимањето во Љубљана го завршивме за еден ден. Вечерта ја напуштивме Словенија со чувство на поразеност. Постојано ja споредувавме состојбата во образованието во две независни држави кои до не така оддамна беа дел од иста земја.