Од наградувана зграда до „бункер“ за премиерот – дали Владата ќе го врати оригиналниот изглед?

Автор: Славица Филиповска | на 6.2017 | In depth

Дали комплексот на Владата ќе остане во барок, ќе добие нов изглед или ќе се врати старото решение на доајенот на македонската архитектура Петар Муличковски? Премиерот Зоран Заев вети барем едно симболично „преоблекување“ на фасада, а граѓаните не толку за убавината, колку за трошокот, се во дилема дали воопшто треба да се коригира веќе изграденото.

„Фасадата со време можеби и ќе треба да се смени, ама нека не се брзаат оти тоа е голем трошок.“

„Дали сметате дека треба да се руши фасадата на Владата? Не сметам. Зошто? Па, зошто се дадени пари.“, велат граѓаните.

За архитектите критичари на „Скопје 2014“ неопходно е процесот на уривање да започне веднаш и токму од Владата.

„Ниедна пара и ниеден напор не е презголемен за на бисерите на културното архитектонско наследство да им се врати  првобитниот изглед.“, вели професорот Мирослав Грчев.

За екс премиерот Груевски безбедноста била прашање од највисок приоритет, со непробојни прозорци, други специјални заштити и посебни снабдувачи со кислород за кабинетот.

Новиот владин состав на „Илинденска“ број 2 ги отвори портите за граѓаните. Сега одблиску може да се видат и барокните лампи во дворот, столбовите и терасите, кои во владеењето на Груевски беа „забранета зона“. Според базата на БИРН, новото руво на Владата заедно со оградата чинело 17 милиони евра државни пари. 

Изработено е според проект на архитектите Жарко Чаушевски и Мартин Богатинов. Поради јавниот притисок да не се менува изгледот, барокното решение за владата беше протуркано како победничко на онлајн-анкета, како избор на мнозинството граѓани што гласале. Процесот почна во 2012та и заврши по две години.

Новата власт, која како опозиција беше многу критична за Скопје 2014“, е воздржана околу можноста за интервенции во проектот. Во настапот на јавниот сервис, Заев рече дека спомениците нема да се отстрануваат, но дека сака, барем една фасада, „да соблече“.

Владината фасада треба да биде прва, а списокот потоа треба да се проширува, смета професорот Мирослав Грчев. Тој професорската катедра на Архитектонскиот факултет ја наследи од авторот на идејното решение на првата владина зграда - Петар Муличковски, и смета дека на креаторот му е нанесено крајно понижување.

„Одвратно, навредливо, варварско сквернавење на едно авторско дело кое има вредност од национални размери. Повреда на ниво на архитектот, не само на авторските права, туку упад не само во авторските права, меѓутоа повреда на нешто што е свето, нешто што е признаена вредност, на дострел архитектонски којшто општеството веќе го признало.“, вели Грчев.

Идејата за таква конструкција, Грчев ја опишува како маестрална „игра на кубуси“ на доајенот на македонската архитектура.

„Тие се во тоа време потполно иновативна и до денес многу ретка конструкција. Тие се држеа на тесни јадра бетонски, потоа во кровната конструкција имаа како чадор решетки, значи еден цел чадор од метални решетки на којшто на челични сајли висеа спратовите. Поради тоа, професорот обезбеди да таа прозрачност на ниво на приземје и практично тоа му беше интенцијата, да низ објектот да се гледа и Вардар, и Кале, да тој биде флуиден, да низ него поминува и светлината и ветерот, и човечкиот поглед и мислата, така да, ги врзуваше преку таа внатрешна, скриена, конструктивна анегдота, неверојатно елегантно решение, коешто еве практично не е повторено веќе кај нас во историјата.“

Муличковски, кому староста му донесе и нарушување на здравјето, се повлече од јавноста. Сепак, во медиумските архиви остануваат неговите изјави.

„Не се согласувам, па нема смисла да се менува зградата во некој барокен стил. Видете, таа зграда е, по мое, како автор е ремек дело  направена, затоа што тогаш беше оценета од жири-комисијата. Беше дадена на конкурс, врвни стручњаци од Загреб, Љубљански Универзитет и Белградски Универзитет, ја оценија да таа треба да се прифати и да се гради таква зграда, која рекоа дека е и со право на изведба на авторот. Така јас добив прва награда и тоа е за првпат како да ви кажам, доделена е на еден конкурс една награда во која се вели дека се доделува прва награда со право на избор на авгторот, тоа е прв случај да ми се даде да ја изведам.“, велеше архитектот Петар Муличковски, кој го проектираше комплексот каде се наоѓа Владата на Република Македонија.

Сепак, и покрај противењата на авторот, барокот ги покри коцките. Како пркос, останаа скандирањата „Ружна ви е Владата“ на протестите во изминатиов период.

Но, фасадата не била доволна за апетитите на поранешната власт. Освен луксузирањето со чуден вкус за кој дознавме деновиве, впечатливи се специјалните безбедносни системи инсталирани во и околу премиерскиот кабинет. Тие неколку простории се направени да функционираат како посебна капсула во рамките на владината зграда. Кабинетот на премиерот е обвиен со непробојно стакло. Посебната тераса до која се стигнува од премиерскиот кабинет е покриена со челична конструкција и повторно со непробојни стакла - тешки неколку тони и дополнителна мрежа на горниот дел, најверојатно за заштита од дронови.

Овие навидум обични столбови, всушност се четири инвертори кои според капацитетот, би можеле повеќе денови да ја снабдуваат премиерската просторија со кислород, а таа да остане затворена како бункер. 

Екс премиерот направил и посебен ходник и влез само за него до салата за владини седници. Таму пак, вратите се со необична дебелина и тежина, со дури пет опции за заклучување. Ѕвончето на премиерското место најверојатно служело за шефот да ги прекори оние што ќе го нарушат редот на состанокот.

И  оваа просторија е со непробојно стакло, а останатите врати служат за во салата да влегуваат министрите и службениците.

Но, луксузот и реновирањето се ограничени само на коцката во која е сместен премиерскиот кабинет. Како контраст вака запуштено изгледа старата сала за владини седници. Слично, нечепнати се и другите кабинети во другите коцки.

Од денешна перспектива, граѓаните се сепак во дилема дали треба воопшто да се менува она за што веќе се потрошени најмалку17 милиони евра.

„Стручно мислење треба да си дадат луѓето кои се компетентни за тоа. Инаку, нам ни е добро што ги отворија вратите, што знаеме дека е Владата на народот. Ви се допаѓа како изгледа вака? Не, никако, таа беше фасада која беше наградена од архитекти на ниво на Балканот и препознатлив знак за Скопје.“, вели една граѓанка.

„Дали сметате дека треба да се руши фасадата на Владата? Не сметам. Зошто? Па, зошто се дадени пари. А ви се допаѓа како изгледа? Па добра е, убава.“, прокоментира друг граѓанин.

„Ако се сруши е ептен дека се негира претходното, мислам, тогаш требаше да се сруши цела Влада нека направат нова зграда.“

„Фасадата да се сруши сигурно и да се извадат овие железава, оградиве овде, и да се постават клупи да си седне народот ко човек. Ова е народно, не е на никој, ниту на Заев, а посебно не на Груевски.“, велат граѓаните кои ги интервјуиравме пред зградата на Владата.

Професорот Грчев е категоричен дека треба да се врати стариот изглед. 

„Без оглед на какви и да е вистини до кои што ќе дојдеме сега кога Владата ќе ги отвора чекмеџињата, буџетите, дупките и криминалите, без оглед на тешкотиите кои Владата и овој народ ќе ги има од десетгодишното ограбување, ниедна пара и ниеден напор не е преголем за на бисерите на културното архитектонско наследство да им се врати првобитниот изглед и сјај, автентичниот изглед.

Промените кои оваа Владата треба да ги направи во општестото, не само што нема да бидат успешни, туку нема да направи ниту вистински промени, доколку тие се водат од ваква зграда.“, додава Грчев.

Еден од авторите на новиот изглед, Жарко Чаушевски, не се одѕва на нашите повици. Ако се фрли поглед на социјалните мрежи, владината зграда Чаушевски ја има како насловна фотографија на својот фејсбук профил. Во изминативе години, ретко одговараше на медиумските прозивки. Во пишаното интервју за интернет порталот „Фактор“ во септември 2014-та година, ја бранеше идејата, со тврдење дека фасадата не е направена по ничија директива.

„Зарем Фасадата на Владата некој смета дека е цртана по директива на власта? Истата произлегува од моето сфаќање за тоа како треба да изгледа Влада. Сакав да кажам приказна со фасадата. Добро е што се совпадна со мислењето на комисијата. Јавноста не знае колку премрежија претрпе тој објект за да остане како што го имавме замислено во конкурсниот труд.“, кажа Чаушевски во интервјуто.

Што ќе навладее кај новата власт и дали зградата на Владата ќе го добие оригиналниот изглед – за одговор ќе почекаме. Засега погледот кон белиот дворец на „Илинденска“ останува да потсетува за тоа до каде може да оди човечкиот ум кога ќе обезбеди апсолутна власт.