Цела чета старешини, разузнавачи, војници и вработени во одбрана биле дел од крвавиот четврток

Автор: Петар Клинчарски | пред 6 месеци | In depth

Заклетвата е свет чин. Особено воената. Се обврзувате на морална, етичка и професионална одговорност, на чување и заштита на животот, мирот и сигурноста на граѓаните. Но, што се случи со „чуварите“ на 27-ми април ?

Дали во ваква критична, неизвесна и тензична атмосфера во Собранието, припадници со високи чинови во Армијата, но и во Министерството за одбрана, смееја да бидат дел од насилните демонстрации?  

Се работи за потполковниците Андреј И. и Ненад Т. кои се и професори на Воената академија.

Антонио К. е вработен со решение во воената служба за безбедност и разузнавање. Потоа, Јовица Б. e професионален војник во Батаљонот за врски. Во собраниската сала „овековечени„ се и државните службенички во Министерството за одбрана – Виолета Т. како и Билјана Е. – од секторот за комуникација и оперативна поддршка, со претходна работна позиција претставник на Министерството за одбрана во НАТО мисијата во Брисел.  Освен нив, како што тврдат извори од Министерството за „360 степени“, на црниот четврток биле присутни и припадници на Воената полиција и други воени и цивилни лица кои се во служба на АРМ.

- Присуството во Собранието на припадници на разни институции , пред се на Армијата, МВР, Агенцијата за разузнавање, укажува на уште поголем степен на индиција, дека сето тоа е организано од самите институции, односно од лицата кои ги раководат таквите институции. Дури денеска се случува присуството на таквите лица, се оправдува кон изготвување на фактивни материјали дека биле пратени на тоа место за одредена намена, вели професорот Владимир Пивоваров.  

За прашањето на одговорноста и дали „чуварите“ на државната безбедност смеат да бидат дел од т.н. „патриотска одбрана на државата“, разговаравме со поранешни високи чиновници во Генералштабот на АРМ.

- Еден од професорите на Воената академија се нашол во Собранието, можам да разберам дека еуфоријата може да ве понесе, но тоа пак не е карактеристично за професионалец, тоа е карактеристично за некој друг. Посебно кога се работи за човек кој учествува во образовниот процес на идните старешини. Имате старешини со високи чинови во ГШ кои исто така биле во Собранието. Свесни за законските одредби, тие носат државни обележја, но што бараат во Собранието? Тоа е спротивно на законот. Не го оправдувам нивното однесување, нема разбирање за тоа дека ги понела масата и еуфоријата, објаснува Мирослав Стојановски, поранешен началник на Генералштабот на АРМ.

- Тоа е тотално кршење на еден контекст, припадници на безбедносни сили да учествуваат во некои толпи. Секако, јас не знам дали се или не се, треба да се преземат некои санцкии против тие кои учествувале на 27 во Собранието или на други места. Воопшто не само Собранието, местото на припадници на АРМ се знае каде е, не може да биде на некои случувања, каде што едноставно нешто се коси со општите правила на постоење на тој припадник на некоја вооружена единица, смета Драган Андрески – генерал потполковник во пензија.

Законите за служба и за одбрана недвосмислено посочуваат дека соучесништво во кривично дело и постапки надвор од службата кои се косат со угледот на Армијата, без разлика дали персоналот е во униформа или не, претставува дисциплински престап и повреда на воената дисциплина.

- Ако настанот прерасне во нешто друго, каде што има насилие, повредени луѓе, каде влегувате во институција кога е забранет влезот на граѓаните освен кога е планирано, кога се употребува сила, кога се загрозуваат здравјето и животите на луѓето, во тој случај, не само со Законот за служба носителите на такви појави мора да одговараат – оценува Стојановски.  

- Вие не може да чекате, тука дали ќе се произнесат судски органи или не. Превентивно и во тоа мора да се делува, вели  Андрески.

Но, наместо санкции, дел од припадниците на АРМ кои учествуваа во насилствата – се наградени. Само една недела по инцидентите, некои од нив се избрани за школување, обука или стручно усовршување за потребите на Министерството и на Армијата со амин на екс министерот Зоран Јолевски. Професорот Ненад Т. е испратен на школување во Црна Гора, додека Јовица Б. е на мисија во Авганистан.

- Ова не е нормална појава. Кога би раководел на тоа место да бидам претпоставен на тие лица без обѕир на никаква наредба, додека не се расветли случајот не би презел некои мерки, тоа лице да се испраќа во мисија или  се праќа на школување додека не се разреши и не биде јасна таа ситуација, смета Андрески.  

Праксата покажува дека Министерството за одбрана има двојни аршини кон своите вработени, кога се работи за учество на протести. Лани, Јасмина Дуриќ после 13 години, доби прекоманда во кујна во касарната во Кичево со образложение-неопходна потреба од персонал, за подоцна да добие отказ. Позадината на ваквиот однос, според Јасмина, е нејзиното присуство на протестите на „Шарената револуција“.  

- Сметам дека не е праведно тоа што им се случи на мене и моите колеги кои беа тогаш прераспределени за учество во Шарена револуција која беше граѓански протест, а притоа во ниту едно решение не беше наведено дека заради учество во каков било протест ние сме прекомандувани. Тврдев лани дека одредени високи структури во Министерството се ставени на високи позиции и се партиски одбележани. Јас тоа го знаев како тогашна вработена таму. Оваа година се покажа дека овие луѓе за кои се сомневав дека се партиски припадници, се појавија во Собрание, се сеќава Дуриќ, која е поранешната подофицерка на АРМ.

Многу аспекти од инцидентите на 27 април се разобличија пред очите на  јавноста. Останува уште одговорноста.  Но, неа во рамки на институцијата засега ја нема. Поранешниот министер за одбрана Зоран Јолевски случајот му го препушти на Основното јавно обвинителство, но и го остави во наследство на новоназначената министерка Радмила Шеќеринска.