Пировска: Изборот на заменик на Зврлевски може да се одолговлекува преку Советот на јавни обвинители

пред 9 месеци | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, извршната директорка на Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Уранија Пировска зборуваше за реформите во правосудството, кои, како што најави новиот премиер Зоран Заев, треба да почнат со оставката на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.

- Можно е да очекуваме дека и да дојде до разрешување на Зврлевски, дека изборот на нов државен јавен обвинител би се ставило под знак прашање. Јас мислам дека причината поради која тој не се повлекува е токму ова, да се развлекува процесот на негова замена. Моите размислувања одат во насока на тоа, доколку дојде до некое преоценување на луѓето од правосудството, дека неминовно би требало да дојде и до Советот на јавни обвинители, односно оние коишто навистина имаат многу важна улога кога станува збор за овој орган на прогон. Марко Зврлевски притоа, да не заборавиме, дека може да се случи да одговара и за одредени кривични дела, и злоупотреби или непрофесионално извршување на неговата функција. Со оглед на тоа дека Зврлевски, една од причините поради која беше прозиван од наша страна, е дека не ја исполнуваше својата функција да постапува екс официо во случаи коишто беа од исклучителна важност и стануваше збор за исклучително сериозни прекршувања на човековите права, не го правеше тоа - рече Пировска.

Пировска зборуваше за процедурата за избор на нов државен јавен обвинител според која, на предлог на Владата, новиот државен јавен обвинител го именува Собранието, меѓутоа е нужно претходно Владата да добие позитивно мислење од Советот на јавни обвинители. 

- Доколку не го достави Советот на јавни обвинители во рок од 15 дена тоа мислење, се продолжува рокот за уште неколку дена, а ако и после тој рок не го достави своето мислење, тогаш се смета дека дале позитивно мислење. Меѓутоа доколку не дадат позитивно мислење за ниеден кандидат, тогаш ќе треба да се објави повторен конкурс. Тоа значи одложување и тоа значи дека ќе влијае на процесот на реформи во правосудството - рече Пировска.