Дали со народни пари се плаќани партиски лоби активности? Трагите повторно водат до Америка

Автор: Владимир Мирчески | на 5.2017 | In depth

Неколку елементи од двата договора за лобирање, што преодната влада на Емил Димитриев ги склучила во ноември минатата година, се во најмала рака проблематични. Договорите со Mercury International UK limited и со FleishmanHillard Germany, вредни 130.000 и 90.000 евра, потпишани на ист ден – 21-ви ноември 2016-та година, Бирото за јавни набавки ги добива дури по 6 месеци, на 23-ти мај годинава. Законот за јавни набавки налага секој државен орган да достави информација за склучен договор за јавна набавка до бирото најдоцна 30 дена по потпишувањето. Во овие случаи, договорите се доставени дури 180 дена по склучувањето, што е јасно кршење на законот. Парадоксот да биде поголем, договорите имале важност од 3 месеци, што значи дека тие стануваат достапни за јавноста дури 3 месеци по нивното истекување.

Наспроти јасните законски одредби дека при ваков вид јавни набавки мора да се почитуваат принципите за еднаков третман на економските оператори, недискриминација, како и дека треба да се објави техничка спецификација за набавката, ништо од ова не е почитувано.

Електронскиот систем за јавни набавки сигнализира дека за двата договора имало електронска аукција – тоа се гледа од ова знакче. Но, во известувањата за договорите пишува нешто сосема друго - дека немало ниту електронска постапка, ниту пак електронска аукција.

Нема ниту меѓународна објава, иако се барале компании за лобирање во странство. Всушност, нема никаков оглас, па нејасно е како за едната набавка се пријавиле три компании, а за другата – една, како што се тврди во известувањето за склучените договори.

Како се толерирани вакви пропусти во постапката и е замижано пред јасно кршење на законот – сакавме да прашаме во Бирото за јавни набавки. На телефоните што ни ги посочија, никој не се јавува. Лицето што одговори на мобилниот телефон на директорот Александар Аргировски, рече дека имаме грешка.

А смеела ли воопшто преодната влада на Емил Димитриев, задолжена за спроведување избори и техничко функционирање на институциите, да склучува договори за лобирање?  

- Не е работа на техничката влада да носи вакви одлуки за ангажирање лобисти - вели Ариф Муса, поранешен член на Антикорупциска комисија.

Дополнителен сомнеж за позадината на случајот отвора фактот што една од фирмите со кои владата на Димитриев склучува лоби-договор - Mercury International UK Limited, е фирма-ќерка на моќната вашингтонска лоби-компанија Mercury, за која објавувавме индиции за бизнис-релации со ВМРО-ДПМНЕ.          

Конкретно, зад лондонската филијала стои врвот на американскиот Mercury – двајцата основачи Кирил Гончаренко и Киеран Махони, кои пред две години ја отвораат канцеларијата во Британија. Токму Гончаренко се смета за заслужен за носењето на екс-американскиот амбасадор Адам Ерели во Mercury како лобист-тешкаш. Ерели, пак, и е познат на македонската јавност по текстот во кој ја критикува работата на СЈО, токму во период на интензивни напади на ВМРО-ДПМНЕ врз тимот на Катица Јанева.

Договорот на владата на Димитриев со лондонската Mercury е склучен нецели две недели по изборот на Доналд Трамп за американски претседател, а врските на ВМРО-ДПМНЕ со вашингтонската Mercury, како што известувавме, беа токму во насока да се дојде до некој високопозициониран член на новата американска администрација. Дали со народни пари од државниот буџет се плаќани партиски лоби-активности? И дали затоа целата постапка е истуркана нетранспарентно и незаконски?