Дали играта „Син кит“ која предизвика 130 самоубиства во Русија е пристигната и во Македонија?

Автор: Никола Здравковиќ | пред 9 месеци | In depth

Во 2016 нашата ќерка почна да црта китови и пеперутки по ѕидовите...

Нашиот син се фрли од 12-иот кат...

Ѕвонев на телефон. Велам ало ќерко, но оттаму ми одговара студен глас – овде Брзата помош, вашата ќерка е мртва...

Вашиот син извршил самоубиство?

Тој скокна, се скрши целиот... но, сметаме дека од нешто бил испровоциран.

По тоа што се случи со вашата ќерка, решивте и вие да ја играте играта. Но, таму не стануваше збор за никакво самоубиство?

Таму пишуваше дека сите ќе умреме... требаше да цртаме кит по рацете, како и да гледаме некои видеа…

Име кое лесно би можело да биде име на цртан филм, песна, или стрип. Но Синиот кит е се’ освен пријател на децата. Филип Будејкин, 21-годишен жител на  Санкт Петербург, ја создал играта со само една цел-оние кои тој ги нарекува слабаци и биолошки отпад, да си го одземат животот и да им го остават општеството на посилните. Откако го создал чудовиштето со убаво име, го пуштил онаму каде најдолго може да преживее – интернет просторот и мобилните апликации.

Играта поради која во Русија над 130 млади извршиле самоубиство, на Балканот пристигна преку  мобилните телефони во Хрватска. Новинарката Мартина Паучек Шљивак  истражувајќи ја темата,  за 360 степени од прва рака ни ги пренесе тамошните искуства  со  фаталниот Син кит.

„ Дознав за играта откако ни се јавија загрижени читатели чии што деца добиле пораки преку Whatsapp, и тоа деца од 7-8 години. Пораките не биле да се вклучат во играта, туку биле предупредувачки – за што се работи во неа, дека поради неа се убиле 130 деца, всушност пораки со кои се настојува децата да се заплашат. Потоа им се даваат упатства на кој начин да се вклучат во играта, кои наредби се издаваат – една од нив е дека детето мора да се разбуди во 4 часот наутро, една дека мора да гледа хорор, една пак дека мора да си вреже облик на кит на рацете и сето тоа да го фотографира и испрати... и последниот предизвик е детето да изврши самоубиство. Дознав откако тие предупредувачки пораки им стигнале на децата, и почнав да истражувам дали нашите власти презеле нешто по тоа прашање, но за жал ништо. “, вели таа.

Стравот засега ги чува од трагедии тинејџерите Хрвати, но и оние во Босна и Херцеговина. Сепак, Србија пред неколку дена можеби за малку ќе ја добиеше првата жртва на Синиот Кит. 13-годишник од Велика Плана си нанел повреди на рацете обидувајќи се да вреже цртеж на кит. Од незамислив епилог , во последен час, го спасиле неговите  родители. Во борбата против играта се вклучило  и српското МВР. 

Играта за истребување пристигна пред вратите на Македонија. Како да се заштитиме од Синиот кит, но и од другите слични игри со насилничка содржина? Од Агенцијата за електронски комуникации напоменуваат дека клучна улога можат да одиграат едукацијата и сознанијата во врска самите мобилни апликации, но и навременото забележување на сомнителните содржини. Напоменуваат и дека треба да се комуницира навремено и со самите социјални мрежи.

За оваа проблематика, многумина за совет се обраќаат кај Бојан Кордалов – човек кој интензивно работи  на ова поле.

„ Македонија и поголемиот дел од земјите во светот не се како засебен пазар директен таргет на сите случувања бидејќи сепак пазарот е помал и се случува Македонија да биде дел од поголемите, поглобалните движења во светот. Статистиките говорат дека секој ден, се’ поголем број на видео материјал се закачува на пример на Јутјуб, и одамна не може човечкиот фактор да биде пресуден и да процени што е добро, а што не... што може да пројде низ тие филтри на социјалните мрежи, а што не. Затоа се активираат оние алгоритми коишто се усовршуваат постојано да препознаваат, но и можноста да се пријави за потоа да се разгледа доколку тие алгоритми нешто пропуштиле. Но повторно ќе кажам, тоа е исто како што во реалноста министерствата се борат против криминалот и се во постојана битка, исто се случува и во интернет просторот. Мора да знаеме дека се работи на подобрување, меѓутоа битката е постојана и се движи напред. “, посочува комуникологот Кордалов.

Додека електронските гиганти ја бијат битката со подметнувачите, „битката“  мора да продолжи  и во секој дом, и во целото општество - алармираат социолозите.

„ Сите тие кои важат за добри познавачи на оваа проблематика, би било добро можеби преку едно неформално тело или преку некаков орган да седнуваат и да ги следат состојбите на овој план, бидејќи родителите се дома после 16 или 17 часот. Дотогаш децата се препуштени самите на себе. Второ, родителите се на некој начин попустливи кон сопствените деца па не можат толку цврсто да ја имаат таа контрола. Мислам дека како општество ова прашање недоволно сме го отвориле, а е итно и значајно и мислам дека имаме стручни лица кои би можеле да изградат една соодветна стратегија во врска со позитивното во видео игрите.“, објаснува социологот Ѓорѓи Тоновски.

Психолозите пак, напоменуваат – со децата мора да се работи од најрана возраст за да не се појави уште некој Филип Будејкин.

„ Пред се’ идејата за играње насилни видео игри не доаѓа базично од умот на децата, сепак тие видео игри се измислени од некои возрасни луѓе со цел профит. Кога децата не би знаеле дека постојат такви видео игри, не би чувствувале ниту потреба да играат, меѓутоа кога еднаш ќе излезат тие видео игри, кои често пати знаат да бидат и многу живописни, или пак насилни, крвави и агресивни, тие не можат да останат имуни на нивното влијание пред се’ поради природата на нивниот љубопитен ум. Се покажало дека децата кои се емоционално полабилни или од когнитивен аспект полабилни, можат повеќе да бидат изложени на тоа влијание и да развијат сиромашни социјални вештини, да покажат агресивно поведение. Децата не би можеле да ги заштитиме целосно од таквото влијание бидејќи тие сигурно ќе најдат начин пак да ги играат. Забранетото овошје секогаш им се најслатко. Меѓутоа, може да се следи нивното однесување од страна на родителите и може да се постигне некаков баланс – не можеме целосно да му забраниме на детето, меѓутоа и да му се ограничи времето за игра, важно е да му објасниме зошто го ограничуваме тоа време.“, посочува психологот Дора Попова.

Синиот кит ја разбуди Европа. Дел од највлијателните медиуми речиси секојдневно предупредуваат на последиците од морничавата игра со фатален епилог.

Но, она на кое најмногу се апелира и што особено треба да се има на ум  е дека овие игри, како по правило, секогаш имаат сосема безопасно име...