Мемеди: Балканот е на многу поважно место во новата стратегија на САД

на 5.2017 | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, Абдулкадар Мемеди, директор на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика зборуваше за можноста од забрзана интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ.

- Ќе се навратам на изјавата на поранешниот американски државен секретар, Кери. Тоа беше изјава во еден многу долг говор кој Кери го имаше во февруари 2014 на Конференцијата за безбедност во Минхен. Ние како Институт го анализиравме тој говор. Многу е важно да се анализираат пораките и позадините вклучувајќи го и тогашниот извештај кој го претстави директорот на Разузнавачките агенции на САД, г. Клапер пред Сенатот. Ние најдовме многу заеднички точки во овие два говори кои подоцна се рефлектираа и во стратегиите за безбедност на САД и ЕУ. На пример, во стратегијата на САД за 2010-2015 година, Балканот е спомнат во само два реда, а приоритети се Авганистан, Ирак, Средниот Исток, Кореја итн. Во најновата стратегија за 2015 и наваму, Балканот зафаќа ново место - рече Мемеди.

Како што рече тој, посветеноста на САД фактички се докажа во последните две и пол години од политичката криза.

- Посветеноста и одлучноста на САД беа многу јасни и тука нема моментален емотивен пристап, туку таа држава делува прагматично и во долгорочни процеси и таму политиките не се менуваат преку ноќ - рече Мемеди.