Ѓоршоски: Новата геополитичка состојба и нестабилноста во регионот одат во прилог на Македонија

Автор: Владимир Мирчески | пред 6 месеци | Дебати

Во интервју за „360 Степени“, Дејан Ѓоршоски - поранешен специјален претставник за ЕУ, зборуваше за можноста од побрза интеграција на Македонија кон НАТО и ЕУ.

- Гледаме еден пресврт во европската политика. Оваа нова реторика на комесарот Хан и на Могерини е, пред се, поради променетата геополитичка состојба во регионот на релација исток-запад, но и поради нестабилната политичка состојба во повеќето земји од Западен Балкан. Не само во Македонија, туку слични тенденции гледаме и во Албанија, Србија, Хрватска. Но, Македонија, дојде до работ на провалијата и овие мерки ЕУ сака да ги искористи како некој вид на превенција и како политичка одлука, а не техничка, за некој вид на побрзо интегрирање - вели Ѓоршоски.

Тој како пример за побрза интеграција во ЕУ ја спомена Словачка во 2004 година, по владеењето на премиерот Владимир Мечијар.

Ѓоршоски зборуваше и за новата геополитичка ситуација и односите исток-запад и влијанието врз Македонија.

- Секако овие последни случувања, посебно после Брегзит, мислам дека одат во прилог на ваквите тези дека постои можност за побрза интеграција на земјите од Западен Балкан, пред се, прво за зачувување на унитарноста на ЕУ по Брегзит. Изборите во Холандија и Франција и изборот на проевропски кандидати се позитивно движење. Наредно што се очекува е исходот од наредните избори во Германија којшто ќе се случат во септември. Доколку се случи актуелниот канцелар Меркел остане на истата позиција, тоа ќе значи дополнително зацврстување на Европа, и можноста повторно да биде некој светски играч - вели Ѓоршоски .