360° Црквата како изговор за лукративните интереси на партијата

на 12.2016 | Дебати

360° Црквата како изговор за лукративните интереси на партијата

Април 2013- та година. Турнати тараби и револт не беа доволни за да се спречи намерата на власта да ги исече дрвата околу хотелот Бристол во центарот на Скопје.

Месец и половина подоцна. Турнати огради и револт беа доволни за да се спречи опозицијата да ги запре плановите за новите згради на местото на паднатите дрва.

Денес. Околу Бристол нема дрва. Има нови државни згради. Во барок и речиси на дофат до терасите.

Каква врска имаат протестите против зградите кај Бристол и протестите за црквата пред општина Центар. До скоро, одговорот ќе беше никаква. Но, една неодамнешна изјава од Специјалното јавно обвинителство, фрли сосема поинаква светлина на овие настани.

И неупатено око од далеку ги гледа бројните урбанистички неправди врз жителите на Скопје. Една од нив е и приказната на Центарци кои живеат околу хотелот Бристол. Спротивно на нивната волја, државата во парковите им насади административни згради.

Како живеат сега? Вратите ни ги отворија оние чии прозорци се кон сончевата, јужна страна.

„Оваа тераса некогаш служела за уживање, за пиење кафе на домаќините. Денеска, во најдобар случај служи само за простирање на мокрите алишта. Само малку ако се наведнете низ терасата, туку се централното ладење и греење на самата зграда додека веднаш од левата страна е и агрегатот којшто се вклучува во случај да снема струја.“

Влеговме во стан и два ката погоре. Да видиме каков му е погледот на сопственикот од неговото работно биро.

„Порано кога ќе се заморел и ќе погледнел низ прозорот за одмор, го гледал часовникот на старата железничка станица и делови од планината Водно. Денеска сепак тоа не е случај. Погледот завршува директно во прозорите на државната администрација. На шега вели дека сега има многу нови пријатели. Сепак работата не е за смеење. Веќе е 12 часот на пладне а во овој стан се уште нема сонце.“

Сонцето се уште ги грее само оние кои живеат повисоко од 7-от кат. Тоа им ја храни надежта дека и становите се уште им „држат цена“.

Урбанистичките планови за згради на местото на парковите кај Бристол беа донесени уште во 2012-тата година. На локалните избори во април 2013-та година ВМРО-ДПМНЕ ја загуби власта во општина Центар. Но, не и намерата да гради. Преку Владата и Градот Скопје побрза да го „исчисти“ теренот во полноќни акции, со полиција и специјалци за да го неутрализира отпорот.

Месец и половина подоцна во јуни 2013-тата година, новата локална власт се обиде да запре четири урбанистички плана за да спречи на местото дрвата да никнат згради. Пак се случија протести, но сега, од поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата и демонстрантите тврдеа дека ако се запрат плановите, ќе мора да се урне и црквата во градба во центар. Притисокот успеа а полицијата не беше толку ревносна во неутрализирање на отпорот.

МВР три години не осомничи никого за насилството пред општината и покрај снимките од бројни камери. Пред два месеца, Специјалното обвинителство подигна обвинение за насилство против 14 лица вклучувајќи го и екс- премиерот Никола Груевски. Го товарат дека го поттикнал членството на насилството а одбраната на црквата била само алиби.

„Мотивите на првообвинетиот за ваквото барање се чисто лукративни. Заради опстојување на бизнис интересите на партискиот врв и нивните блиски бизнис партнери ... Од доказите произлезе дека за таа цел дел од обвинетите преку партиските органи организирале да се протестира заради наводно рушење на црквата Св. Константин и Елена“, изјави на 15.09.2016 обвинителката Фатиме Фетаи од Специјално јавно обвинителство.

Ниту тогаш ниту сега, специјалното обвинителство не дава детали за лукративните интереси на Груевски, неговата партија и бизнис партнерите. Па, се обидовме сами. Почнавме со споредбата - кои згради немаше да се изградат ако со насилните протести не беше спречена критичната седница на општината Центар и ако на седницата беа запрени последните урбанистички планови за на сила да стапат претходните. Првото важно прашање е дали беше загрозена црквата?

„Категорично ќе ви кажам не. Бидејќи доколку се укинеше планот од декември 2012-та година, црквата постои во планот од јуни 2012-та година но исто така постои и во планот од февруари 2012-та година“, вели Бисера Јакимовска, раководителка на секторот урбанизам во о. Центар

Споредувајќи еден по еден урбанистички план, заклучивме кои згради немало да можат да бидат изградени. Тоа се токму трите државни објекти околу хотелот Бристол:

- седиштето на Агенцијата за медиуми,

- зградата на ЕЛЕМ,

- палатата Лазар Поп Трајков,

Но, не би можеле да се градат и приватни објекти. Меѓу нив:

- Најавената катна гаража веднаш до зградите кај Бристол,

- управната зграда на фудбалскиот клуб Вардар, во сопственост на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Со запирањето на урбанистичките планови ќе бил засегнат и хотелот „Солун“ близу плоштадот Македонија, сопственост на семејството на Владимир Здравев, екс- претседателот на Советот на Центар од редовите на ВМРО- ДПМНЕ. Tие немало да можат да купат парцела од државата за дворно место за хотелот од 146 м2 за само 10 000 денари.

„Веќе во декември 2012-та година исто постои таа, како таква локација тука. Значи се формира цела парцела“, вели Бисера Јакимовска, раководителка на секторот урбанизам во о. Центар.

Парцела, која патем е предмет на спор за денационализација.

Но можеби најинтересно, биле засегнати директно седиштето и дворот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Преку претходниот градоначалник и мнозинството во советот, повеќепати ја зголемувале маркичката за нова градба на местото на познатата жолта куќа, висината на објектот но и намената. Ако општината го запреше последниот урбанистички план, објектот ќе останел со оваа основа и висина. Но, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе можела да гради само станбена зграда.

„За да потоа се предомислат сопствениците на земјиштето, подобро ни е да имаме група на класа на намени Б, па ако одлучиме да биде голема трговска единица, ќе биде така. Ако одлучиме да биде хотелски комплекс, ќе биде така. Ако одлучиме да биде деловна дејноста ќе биде така и всушност изградена е зградата со дел деловна дејност каде што функционира ВМРО-ДПМНЕ и другиот дел е хотел на, мислам „Бетон“, вели Бисера Јакимовска, раководителка на секторот урбанизам во о. Центар.

Но овде не завршуваат можните лукративни мотиви за насилните протести пред општината Центар. Новинарката Мери Јордановска со колегите од БИРН направија апликација за мобилен телефон која ја прикажува цената на секој објект од Скопје 2014-та.

„Еве, палата Лазар Поп Трајков, 14 453 405 евра“, ни покажува како функционира апликацијата новинарката на БИРН Мери Јордановска- новинарка, БИРН

Алатката е само дел од деталната база на податоци.

„Сумата до која што дојдовме, речиси 670 милиони евра веќе никој не ја демантира што е само доволна потврда дека нема никаква грешка во пресметките бидејќи се е засновано на документите, на склучени договори за јавни набавки“, објаснува новинарката на БИРН, Мери Јордановска.

„Кои се компаниите кои добиле највисоки договори за изградба на овие објекти?“, ја прашуваме.

„Најголемите договори за овие објекти овде ги имаат добиено компаниите „Бетон АД“ и „Страбаг“. „Бетон“ е воедно и на местото број 1 според нашата база на податоци. Има добиено тендери во вредност од над 215 милиони евра што е над 35% од целото Скопје 2014-та“ одговори Јордановска

А токму Бетон е изведувач и на новото седиште на ВМРО- ДПМНЕ. И, не е само обичен изведувач, туку партнер на владејачката партија во проектот. Договорот е ВМРО да не плати ниту денар за новата градба. Владејачката партија учествува само со парцелата чија маркичка, патем, повеќепати е зголемувана додека имаа мнозинство во општината Центар. Интересот на Бетон во зделката е можноста да гради хотел во дел од објектот. Но, на терен, состојбата е во најмала рака чудна. Инвеститорот прво го изградил делот за партнерот, ВМРО-ДПМНЕ. Делот за себе, кој би можел да му ја оправда зделката и да му ги врати вложените пари, е само во фаза на карабина.