Колку странските инвеститори се навистина странски?

Автор: Александар Димитриевски | пред 10 месеци | In depth

Екс-премиерот Никола Груевски пред околу еден месец присуствуваше на промоција на, како што беше речено, нов странски инвеститор, овој пат од САД, кој ќе одгледува коноп и марихуана за медицински цели.

Истражувањето што го направи „360 степени“ откри дека за одобрението за одгледување марихуана во конкретниот случај аплицирала фирма чиј единствен сопственик во тој момент е македонски државјанин. Во документите нема никаква трага од странски капитал се до еден ден пред формализирањето на претходно спроведената процедура за давање одобрение. Исто така, таа фирма во моментот на аплицирање нема ниту еден свој вработен, а законот бара минимум четворица.

Проверките покажаа и дека одобрението за одгледување коноп го издал ресорот со кој раководи министерот Никола Тодоров, а согласноста на одобрението ја потпишал, исто така Никола Тодоров, но сега во својство на вицепремиер кој претседавал со седницата на Владата, кога се усвојувала согласноста.

Американските инвеститори имаат своја верзија и тврдат дека се било законски.